Шаховски часовник
Шаховскиот часовник се состои од два меѓусебно поврзани часовници со едно копче, со чиешто притискање започнува со отчукување едниот, а се стопира другиот, со што поврзаните часовници никогаш не може да работат истовремено. Целта на часовникот е да го мери вкупното време, коешто секој играч оделно го потрошил за време на играта и да осигури дека играта нема да се одолговлекува.
Ваквите часовници, најчесто се користат во шахот, по кои и го добиле името, но се употребуваат и во некои други игри со двајца играчи, како скребл, шоги и го.
За првпат, шаховските часовници биле употребувани на шаховски турнир во Лондон во 1883 година.[1] Оттогаш, часовниците станале редовен дел од турнирските партии, а на турнирите честа е и практиката, шахистот кој партијата ја игра со црни фигури да одбере на која страна сака часовникот да биде поставен.
Доколку времето предвидено за игра истече, шахистот ја губи партијата, што исто така не е ретко во шаховската практика.
Историја
[уреди | уреди извор]Првите обиди за мерење на времето за време на играта биле направени во шаховската варијанта шатранџ, која била популарна во арапскиот свет.
Во Европа, шаховските партии се играле без контрола на времето. Се случувало, шахистот кој имал очигледно загубена позиција да ја одолговлекува партијата до недоглед и да го заморува противникот. Партиите траеле доста долго, а неретко и со денови. Сепак, трпението траело, сè до еден турнир во Лондон во 1851 година, кога помошникот на судијата, ограничувајќи го бројот на потези во партијата меѓу Вилијам и Маклуис, запишал:
„ | Партијата остана недовршена, бидејќи и двајцата противници заспаа.“[2] | “ |
По две години, во парија одиграна меѓу Хорвиц и Левентал, шахистите биле ограничени со по 10 минути за секој потег. За мерење на времето, биле уптребувани песочни часовници, а доколку некој го пречекорел дозволеното, биле изрекувани парични казни.[2] Во 1866 година, во партија одигрна меѓу Андрерсен и Штајниц, песочните часовници биле заменети со аналогни часовници, кои всушност не биле шаховски, туку обични часовници.
Првиот специјализиран шаховски часовник го изработил британскиот инженер и љубител на шахот, Томас Брајт Вилсон.[2] Часовниците, за првпат биле употребени на шаховскиот турнир во Лондон во 1883 година.[1] Една година подоцна, Амандус Ширвотер го патентирал овој вид на часовник, а веќе во 1886 година, часовниците биле наменети за продажба и биле рекламирани во ливерпулските списанија.[2]
Во 1899 година, се појавиле и првите часовници со „занаменце“, кое служело како ознакаа за истекување на времето. Идејата со знаменцето била на Д.Б. Меер. На турнирот во Нирнберг во 1906 година, било воведено правило според кое, по спуштањето на знаменцето, шахистот може за одредена сума на пари да си купи дополнително време. Ваквата можност ја искористил полскиот мајстор Давид Пржепорка, но тоа не му помогнало да избегне едно од последните места на конечната табела.[3]
Прототип на денешните механики часовници бил изработен во 1900 година од страна на Винхоф. Во 1920-тите с појавиле првите дигитални шаховски часовници. Сепак, масовното производство на дигиталните часовници започнало во Киев во 1964 година.[2] Во 1989 година, Боби Фишер патентирал еден вид на дигитален часовник.
Временска контрола
[уреди | уреди извор]Наједноставна временска контрола е „изненадната смрт“, во која играчите мораат да одиграат однапред предвиден број на потези за одредено време. Особено популарна варијанта во неформалниот шах е брзопотезниот шах, во кој, обично, секој шахист има по пет минути време за секоја партија.
Во зависност од различните видови на временски контроли, можно е, но не мора да значи дека по секој одигран потег шахистот ќе добие дополнително време за размислување. Поради длабоките анализи во отворањето, почетните потези се играат релативно брзо. Не е редок случајот, часовникот на шахистот кој е на потег да отчукува, додека тој не е пред таблата.
Видови часовници
[уреди | уреди извор]Аналогни часовници
[уреди | уреди извор]Аналогните часовници имаат „знаменце“, кое паѓа во исто време со истекувањето на времето. Сепак, и поради големата функција која ја врши знаменцето постојат ограничувања во поглед на додавањето на додатно време, со примената на некои временски контроли. Поради тоа, поголема популарност стекнале дигиталните часовници. Сепак, многумина сметаат дека дефектот на аналогниот часовник не е поголем од оној, кој би настанал со дигиталнит часовник.
Дигитални часовници
[уреди | уреди извор]Со развојот на компјутерскиот шахист, појавата на мрежните места кои им овозможуваат на посетителите да играат шах преку Интернет, како и појавата на новите временски контроли, сè поголема е употребата на дигиталните шаховски часовници. Особено значаен е дигиталниот часовник, кој во 1989 година го има патентирано поранешниот светски првак во шах, Боби Фишер. Фишеровиот дигитален часовник, на секој играч на почетокот од партијата му дава одредено време, а за време на партијата додава додатно време по секој потег. Со ова, шахистите имаат повеќе време за размислување, а сепак партијата завршува релативно брзо. Со овој часовник се нуди и можноста за прекинување на партијата.
За Фишероцвиот часовник да биде прифатен требало долго време. Денес, на голем број врвни турнири се применува Фишеровиот систем на мерење на времето и во употреба е Фишеровиот часовник, но сепак постојат турнири на кои и понатаму се во употреба аналогните часовници, бидејќи се поевтини.
Заедно со часовникот, Фишер патентирал и синтетички глас кој го предупредува шахистот за времето кое му стои на располагање, но ова не било прифатено.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Vidmar, Milan (1960). Goldene Schachzeiten: Erinnerungen. W. de Gruyter. стр. 10. ISBN 3110020955.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 История шахматных часов
- ↑ СЧАСТЛИВЫЕ ЧАСОВ НЕ НАБЛЮДАЮТ
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Шаховски часовник“ на Ризницата ? |
- Историја на шаховските часовници (руски)