Прејди на содржината

Западна гитара

Од Википедија — слободната енциклопедија
Акустична гитара
Свирење на акустична гитара без плектрум (свирење со прсти)

Западна гитара — современ облик на гитарата кој потекнува од класичната гитара, но користи челични жици за посветол, погласен звук. Поточно кажано, сите поими челичножиченаа гитара, класична гитара и фолк гитара се однесуваат на акустични (не-електрични) гитари, иако некои од овие поими се однесуваат на различни типови на инструменти (гитари со најлонски жици према гитари со челични жици). Поимот „акустична гитара“ е ретроним, со оглед на тоа што пред измислувањето на електричниот инструмент, сите гитари биле „акустични“.

Постојат многу различни варијации во конструкцијата на акустичните гитари како и на материјалите од кои тие се прават. Кај поскапите гитари целото тело е изработено од тврдо тонско дрво, горниот дел најчесто од елка, а страниците и задницата најчесто од ружово дрво, јавор, или махагон. Поевтините гитари често се комбинација од тврд горен дел со ламинирани страници или задница. Гитарите за почетници се најчесто изработени целосно од ламинирано тонско дрво. Задните делови на вратовите воглавно се изработуваат од махагон (или филипински или хондурашки), додека предните делови на коишто се свири се изработуваат од тврди тропски дрва како ружово дрво или абонос. Разните комбинации на разните дрва и нивниот квалитет, заедно со дизајнот и елементите при конструкцијата (на пример, каква потпора има горниот дел) се меѓу факторите кои влијаат на „тоналитетот“ на гитарата. Многу гитаристи и конструктори на гитари сметаат дека тоналитетот на добро изработена гитара се подобрува со текот на времето.

Со оглед на тоа што гитарите со челични жици мораат да трпат поголема затегнатост на жиците отколку инструментите со најлонски жици, потребна е поцврста конструкција на телото. Гитарите со челични жици користат поинакви системи на потпора од класичните гитари, типично користејќи x-потпора наместо ладило-потпора која се користи на класичните и фламенко гитари. (Друг попрост систем, наречен скалеста потпора, каде што сите потпорници се сместени по должината на инструментот, се користи на сите типови на гитари со рамен горен дел.)

Поради сѐ помалата достапност и растечките цени на тонското дрво од најдобар квалитет, многу производители започнале со експериментирање на алтернативни видови на дрва, или почесто достапни варијанти на стандардните видови. На пример, некои производители започначе со производство на модели со горен дел изработен од црвен кедар или махагон. Некои исто така започнале со користење на не-дрвени материјали, како пластика или графит. Повеќето лутиери и искусни гитаристи се слагаат дека добар и цврст (за разлика од ламиниран) горен дел, е најважниот фактор во тоналитетот на една гитара, и дека цврстите задни делови исто така придонесуваат за пријатниот звук, иако ламинираните страници и задни делови се прифатливи алтернативи. Некои џез гитаристи претпочитаат ламинирани страници и задни делови.

Друг стил на акустична гитара е џез гитарата. Таа вклучува горен дел, или направен од цврсто дрво, или од пресовани ламинати на висока температура, кој е заоблен како инструментите од фамилијата на виолината, вообичаено со f-дупки наместо кружна звучна дупка. Овие гитари најчесто се користат од свинг и џез гитаристи, и често вклучуваат електроника во облик на магнет. Сепак, постојат и многу други видови на акустични гитари кои го користат овој тип на електроника исто така.

Постојат неколку познати американски производители на челилножичени акустични гитари. Martin, Guild, Taylor и Gibson се познати и по квалитетот и по цената на нивните инструменти. Гитарата Selmer-Maccaferri е инструмент со невообичаен изглед, препознатлив по неговиот „D“ изглед, или надолжна овална звучна дупка. Тој тип на гитара обично го свират следбениците на стилот на Џанго Рајнхарт.

Стандардното штимање на една акустична гитара е EADGBE (ниско кон високо), иако многу гитаристи, особено оние кои свират со прсти, користат алтернативни штимања, како „отворено G“ (DGDGBD), „штимање во отворено D“ (DADF#AD), или „спуштено D“ (DADGBE).

Една варијација на стандардната акустична гитара е дванаесетжичената гитара, која содржи по една додатна жица двојник на секоја жица од традиционалните шест. Оваа гитара станала славна од уметниците како Худо Ледбетер, Пит Сигер и Лео Котке.

Поврзано

[уреди | уреди извор]