Деловна тајна

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Трговска (деловна) тајна)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Деловната тајна ја сочинуваат доверливи информации кои имаат посебно значење за оние кои ги поседуваат. Притоа е важно информацијата да биде тајна, т.е. не смее да биде општо позната, да има комерцијална вредност и да биде соодветно заштитена со закон или со одлука.[1]

Поим и дефиниција[уреди | уреди извор]

Под трговска тајна може да се подразбере речиси ништо или се што е корисно или што е напредно, односно може да придонесе за равојот на некој правен субјект, но што не е општо познато или што може лесно да се дознае од трети лица во трговијата. Предметот ги опфаќа научните или техничките информации, дизајни, мостри, процеси, постапки, формули, бизнис планови, финансиски информации и списоци на имиња, адреси или телефонски броеви . Иако, предмет на трговската тајна може да биде речиси ништо, за да постои некоја трговска тајна потребни се два дополнителни услови: тајноста и бизнис – вредноста.

Деловната тајна во меѓународното право[уреди | уреди извор]

Заштитата на деловната тајна е пропишана со бројни меѓународни акти. Во ЕУ, таков е случајот со Директивата 2016/943 за заштита на неоткриени знаења и искуства и трговски информации (длеовни тајни) од незаконско набавување, користење и употреба (Directive 2016/943 of the European Parliament and of the Council of 8 June 2016 on the protection of undisclosed know-how and business information (trade secrets) against their unlawful acquisition, use and disclosure).[2]

Законско регулирање на деловната тајна во Македонија[уреди | уреди извор]

Во Македонија не постои посебен закон за заштита на деловната тајна или за заштита на податоците. Сепак, деловната тајна е предмет на разработка во Законот за работните односи каде во членот 35 е предвидено дека работникот не смее да ги искористи за себе или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на работодавачот, а кои со посебен акт ги одредува работодавачот и кои ќе му бидат доверени на работникот како деловна тајна. Притоа, работникот се смета за одговорен за нарушување на деловната тајна ако знаел или морал да знае дека податоците имаат таков карактер. Оваа обврска важи и откако работникот повеќе на работи во фирмата со чија деловна тајна бил запознат.[3]

Согласно член 82 од Законот за работните односи, работодавачот може да го отпушти работникот од работа ако тој оддаде деловна или службена тајна.Според членот 22 од Законот за облигационите односи, ако во односите меѓу две трговски друштва, едната страна ѝ дала на другата страна доверливи податоци, другата страна не смее да ги направи достапни на трето лице, ниту да ги искористи за свои интереси. Притоа, кои информации се сметаат за доверливи се утврдува со акт на правното лице. Притоа, со сентенцата на Врховниот суд на Република Македонија Рев. 3 бр. 239/2014 од 14.10.2015, „не постои повреда на работниот ред и дисциплина со неовластено соопштување на деловна тајна доколку претходно работодавачот во посебен акт не определил кои факти, исправи, податоци и документи се прогласени за деловна тајна“.[4]

Исто така, оддавањето или неовластеното набавување податоци кои се сметаат за деловна тајна се смета за кривично дело. Така, со членот 281 од Кривичниот законик на Република Македонија, тој што на неповикано лице ќе му соопшти, ќе му предаде или на друг начин ќе му ги направи достапни податоците што со закон се прогласени за деловна тајна ќе се казни со затворска казна во траење од една до пет години. Исто така, тој што на неповикано лице ќе му достави или соопшти податоци кои со закон или одлука на надлежен управен орган се прогласени за деловна тајна, ако тоа предизвикува потешки штетни последици, ќе се казни со затворска казна од три месеци до три години. Ако пак податоците се особено важни или ако тие се изнесуваат во странство, затворската казна изнесува од една до 10 години.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Никола Главинче, „Деловна тајна“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 44.
  2. Никола Главинче, „Деловна тајна“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 45.
  3. Никола Главинче, „Деловна тајна“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 44.
  4. Никола Главинче, „Деловна тајна“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 45.
  5. Никола Главинче, „Деловна тајна“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 45.