Ставре Џиков
Ставре Џиков | ||
Роден | 7 јуни 1952 Ѓержоњув, Полска | |
---|---|---|
Националност | Македонец |
Ставре Џиков (р. 7 јуни 1952) — македонски правник, адвокат, поранешен судија и државен јавен обвинител на Република Македонија, публицист - автор на повеќе книги.
Биографија
[уреди | уреди извор]Роден е во 1952 година во градот Ѓержоњув во Долношлеското Војводство, Полска, како дете на политички емигранти - бегалци од Граѓанската војна во Грција. По потекло е од Егејска Македонија, од Шестево, Костурско и Чеган, Воденско.[1] Неговиот дедо Атанас Димовски бил месен војвода на Шестево и борец во четите на војводите Пандо Кљашев и Васил Чакаларов во времето на Илинденското востание.[1] Во декември 1956 неговото семејство се враќа во главниот град на Македонија, Скопје.[1] Средното образование го завршува во скопската гимназија „Орце Николов“, а високото на Правниот факултет во Скопје.
По завршувањето на високото образование повеќе години работел како истражен судија во основниот суд Скопје 2, сè до именувањето за државен јавен обвинител.[2] Во периодот 1999–2002 ја извршувал функцијата државен јавен обвинител на Република Македонија. Како јавен обвинител на Република Македонија во периодот на воениот конфликт во 2001, ги покренал истрагите и обвиненијата за воени злосторства против ОНА и ја започнал соработката со трибуналот во Хаг, при што имал и конфликтни односи со обвинителката Карла Дел Понте во однос на предавањето на случаите во Хаг.[3] По заминувањето од функцијата јавен обвинител на РМ, се вклучува во адвокатурата, каде работи како адвокат сѐ до денес.
Од 1990 година започнува со пишување на повеќе фељтони во новинските изданија, дневни весници, неделници и списанија,[4] на историски теми и теми од неговата правничка-обвинителска професија поврзани со Македонија. Негови фељтони се: Вистината за Прохор Пчињски во „Нова Македонија“, април 1990; Голготата на прогонетите Македонци во „Република“, декември 1991; Македонска политичка емиграција во „Македонија Денес“, септември 1998; Македонија експериментална лабораторија за човековите слободи и права во „Македонија Денес“, октомври 1998; Македонија од Требош до Хаг во „Македонија Денес“, февруари 2004 и др.[4] Истовремено започнува со пишување и објавување на повеќе книги со различна тематика од уметничката проза и поезија, правната струка и историјата на Македонија. Автор е и на повеќе стручни научни статии од областа на судството, обвинителството и адвокатурата, меѓу кои: Практицирање на јавниот обвинител, Односот помеѓу адвокатите, судиите и обвинителите и Јавното обвинителство и медиумите.
Во македонската јавност е познат активист, учесник и еден од организаторите на штрајкот со глад против промена на името на Македонија одржан двапати, во демекври 2010 и октомври 2011.[5] Ставре Џиков е женет и е татко на две деца.
Книги
[уреди | уреди извор]Ставре Џиков е автор на повеќе книги со различна тематика од уметничка проза и поезија, како и стручни монографии од правната наука (обвинителската и адвокатската струка) и теми од историјата на Македонија, посебно околу политичката емиграција и македонското национално прашање. Негови објавени книги се:
- „Вистината за Прохор Пчински“ (1990)
- „Прогонети“ (1991)
- „Македонија во комунистичкиот триаголник“ (1993)
- „Воскресение“ (1995)
- „Претседател на Македонија“ (1997)
- „Јавно обвинителство“ (2001)
- „Адвокатурата во Република Македонија (1945-2005)“ (2005)
- „Четврта емигрантска Македонија“ (2007)
Соавтор е на книгите:
- „Јавното обвинителство во Република Македонија“ (2000)
- „Заговор против претседателот Киро Глигоров“ (2002), со Киро Глигоров
- „Обединета Македонија во обединета Европа“ (2009), со својот син, Александар Џиков.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 Џиков, Ставре. „Четврта емигрантска Македонија“. Аз-Буки, Скопје, 2007. стр.21
- ↑ http://star.utrinski.com.mk/?pBroj=1012&stID=5926&pR=2[мртва врска]
- ↑ http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=1961&stID=8003
- ↑ 4,0 4,1 Џиков, Ставре. „Четврта емигрантска Македонија“. Аз-Буки, Скопје, 2007. (белешка за авторот)
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-01-15. Посетено на 2012-03-24.