Сите луѓе на претседателот
„Сите луѓе на претседателот“ - (англиски: All the President's Men) американски филм од 1976 година, во режија на Алан Пакула. Главните улоги ги играат: Дастин Хофман, Роберт Редфорд, Џек Ворден, Џејсон Робардс итн. Во 1977 година, филмот освоил четири награди „Оскар“, и тоа: за најдобра споредна машка улога (Робардс), најдобро сценарио, најдобар звук и најдобра декорација.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Филмот го прикажува откривањето на познатата афера којашто резултирала со оставка на претседателот Никсон. За време на претседателската кампања во 1972 година, новинарот Боб Вудворд (го игра Редфорд) од весникот „Вашингтон пост“ присуствува на судењето на група луѓе кои упаднале во седиштето на Демократската партија, а таму здогледува многу познати адвокати. Тоа го зачудува и затоа тој продолжува да „копа“ на случајот, а во тоа му се придружува неговиот колега од весникот Карл Берстајн (го игра Хофман). Двајцата со голем жар почнуваат да откриваат многу интересни работи и најпосле откриваат дека највисокото раководство во Белата куќа планирало и организирало многу нечисти операции (перење пари, незаконско прислушкување на политичарите од Демократската партија итн.). Во макторпната истрага, тие мора да сослушаат многу сведоци, а цело време се соочуваат со пречките што им ги прават органите на власта. Најпосле, тие успеваат да ја докажат вистината и претседателот Никсон е принуден да поднесе оставка.[2]