Синедејс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Синедејс (англиски: Cinedays) е македонски филмски фестивал, кој се одржува во Скопје. Организатор на фестивалот е Младинскиот културен центар од Скопје.

Синедејс 2014[уреди | уреди извор]

На 13. издание на „Синедејс“, одржано од 13 до 22 ноември 2014 година биле прикажани повеќе од 100 филма, придружени со пет работилници, десет концерти и голем број гости. Ова издание на фестивалот било ффинансиски поддржано од Министерството за култура на Македонија со еден милион денари, а исто така, фестивалот бил помогнат и од градот Скопје и претставништвото на Европската комисија во Македонија. Фестивалот започнал со македонската премиера на филмот „Споменикот на Мајкл Џексон“, дело на српскиот режисер Дарко Лунгулов, одржана во киното „Милениум“. Исто така, филмовите се прикажувале и во киното „Фроина“ во МКЦ и во Кинотеката на Македонија.

Во „Гала програмата“ на фестивалот биле прикажани филмовите: „Детство“ на Ричард Линклејтер, „Најбараниот човек“ на Антон Корбијн, „Мапа на ѕвездите“ на Дејвид Кроненберг, двата дела на „Нимфоманка“ на Ларс фон Трир, „Ида“ на Павел Павликовски, „Човекот-птица“ на Алехандро Ињариту, „Левијатан“ на Андреј Звјагинцев итн. На програмата биле ставени и два омнибус-филма - „Мостовите на Сараево“ и „Рио, те сакам“, додека во програмата „Земја во фокусот“ биле прикажани пет филма од Бразил. Најпосле, покрај филмовите од официјалната селекција и програмата „Синебалкан“, биле прикажани и неколку македонски кратки филмови, како и повеќе музички филмови.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Со добри филмови и гости против баксузната 13-ка“, Дневник, година XVIII, број 5611, петок, 7 ноември 2014, стр. 22-23.