Свети Никола (Св. Ѓорѓи, Струга)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Никола
Свети Никола
Година 15 век (15 век)
Место Струга

Свети Никола е икона која се наоѓа во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга. Светецот Свети Никола на иконата е прикажан во фронтално допојасје, помеѓу Исус Христос и Богородица кои му ги принесуваат знаците на епископскиот чин. Веројатно престолна според димензиите, иконата има плиток ковчежец со цинобер бордура и заднина со окер.[1]

Опис[уреди | уреди извор]

Полиставрионот на мирликискиот чудотворец е во бело-црвено-црна комбинација, нараквиците се црвени со везена, црна мрежа ромбоиди со крукчиња, а во црните крстови од белиот омофор се испишани крсни букви и акроними. Архијерејот благословува и држи затворена, црвена и богато украсена книга во левта рака. Инкарнатот е светол окер со благи костенливи и маслинести сенки, затемнувани кон надворешноста на лицето и околу очите. Руменилото е нанесено на образите, усните, носниците и над очниот капак. Исцртани со тенка црна линија, бадемастите очи имаат крупен светлокостенлив ирис со црна зеница и заоблено триаглести подочници. Мускулатурата на челото е потенцирана со аглести, симетрични, костенливи и бели потези. Во моделирањето на косата и брадата со згуснати бело-костенливи тенки линии, додадена е и малку црна. Ореолот е изработен во гипсен релјеф со мотив на спирално извиена лозичка, премачкан со темен окер и цинобер кружница. Словенската легенда е напишана со цинобер: стьі Нікола/е. Допојасните претстави на Исус Христос (іс хс) и Богородица (мир ѳѷ) имаат окер ореоли со цинобер кружница. Со распуштена коса по плеќите, во пурпурен хитон и црвен химатион, Христос со десната рака го подава евангелието, а со левата држи затворен свиток. Богородица во пурпурен мафорион, со обете раце подава омофор (бела ткаенина со црвени рабови и црни линии, без крстови). Општиот впечаток за ликовните влијанија од локалното наследство од втората половина на 14 век, овде се добива поради моделацијата на лицето и штуковиот ореол што асоцира на двете познати икони на Св. Никола и царските двери од Св. Константин и Елена во охридската Галерија на икони. Иако за струшката икона не би можеле да се упати на директни аналогии, нејзе ѝ се најблиски претставите на скоропомошникот од западната фасада на Св. Никола Болнички (1480/81 г.), во наосот на Св. Илија во село Грнчари од крајот на 15 век[2], како и некои од архијереите во Св. Богородица - Матка (1496/7 г.)[3]. Иконата е најверојатно изработена од мајстор што му припаѓал на охридскиот ликовен круг и таа настанала кон крајот на 15 век.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Поповска-Коробар, Викторија (Скопје). Охридско-струшки иконописни траги од втората половина на 15 век. Каламус. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  2. P. Miljkovic-Pepek, L'eglise de Saint-Elie près du village de Grncari, Byzantion XXXVIII, Bruxelles 1969, 422-432
  3. Суботиќ, Охридска сликарска школа, 110-114, црт. 86 (за Св. Никола Болнички), 141-157, сл. 107 (за Матка);