Сауле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сауле
Apeiginė saulė.png
Икона на божицата Сауле, која се користела за селски ритуали во почетокот на 20 век, од селото Палуше, Игналински регион
СопружникМенуо/Менес
ДецаЖемина
Индраја
Селија
Жиездре
Вајвора

Сауле (литвански: Saulė, латвиски: Saule) — божица на Сонцето во древната митологија на балтичките народи. Именката Saulė/Saule во литванскиот јазик и латвискиот јазик претставува, исто така, конвенционалното име за Сонцето и потекнува од протобалтичкото име *Sauliā > *Saulē.[1]

Претставување[уреди | уреди извор]

Сауле е една од најмоќните божества во литванската митологија, таа е божица на животот, плодноста, топлината и здравјето. Таа е заштитник на несреќните, особено на сираците. Литванските и латвиските зборови за „светот“ (pasaulis и pasaule) во превод значат „[место] под Сонцето“.

Сауле се споменува во еден од најраните пишани извори за литванската митологија. Според словенскиот превод, од 1261 година, на хрониката на византискиот хроничар Јован Малала, некој слаб ковач по име Телиавелис го создал Сонцето и го фрлил на небото.[2] Чешкиот мисионер Јероним Прашки (околу 1369-1440 година) поминал три години обидувајќи се да ја христијанизира Литванија, а подоцна го раскажал митот за киднапирањето на Сауле. Таа била затворена во кула од страна на моќен крал, но подоцна била спасена од зодијакот со помош на џиновски чекан. Јероним Прашки се заколнал дека тој лично го видел чеканот, кого месните жители го обожувале.[3]

Семејство[уреди | уреди извор]

Слика на Јанис Розенталс од 1912 година, на која се насликани ќерките на Сауле (Saules meitas)

Сауле и Менуо/Менес (Месечината) биле сопруга и сопруг. Менуо се вљубил во Аушрине (утринската ѕвезда или Венера). За неговото неверство, Перкунас (богот на громот) го казнил Менуо. Постојат различни верзии за казната. Според една верзија Менуо бил пресечен на две половини, но тој не научил од своите грешки, па затоа казната била повторувана секој месец. Според друга верзија Менуо и Сауле се развеле, но и двајцата сакале да ја видат нивната ќерка Жемина (земјата). Затоа Сонцето свети во текот на денот, додека Месечината свети навечер. Според трета верзија лицето на Менуо било изобличено или од страна на Диевас (врховниот бог) или од страна на Сауле.[4]

Во други митови, Аушрине е прикажана како ќерка и слугинка на Сауле. Аушрине секој ден го пали огнот за Сауле и ја подготвува за нејзиното патување низ небото. Вакарине (вечерната ѕвезда) го подготвува креветот за Сауле во вечерните часови. Во литванската митологија, Сауле била мајка на другите планети: Индраја (Јупитер), Селија (Сатурн), Жиездре (Марс) и Вајвора (Меркур).[4]

Празници[уреди | уреди извор]

Празникот на Сауле бил прославуван за време на летната долгоденица. Литванскиот празник Расос (подоцна претворен во фестивал на Свети Јонас, по прифаќањето на христијанството) и латвискиот празник Лиго (претворен подоцна во Јани) вклучуваат правење венци, потрага по волшебниот папратов цвет, палење на огнови, танцување околу огнот и поздравување на сонцето кога изгрева околу 4 часот наутро.[5] Тој е највозбудливиот традиционален празник во Литванија. Зимската краткоденица се слави како враќањето на Сауле. Други прослави се одржуваат за време на рамноденицата.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Baltic etymology : Query result“. starling.rinet.ru. Посетено на 2019-04-09.
  2. Gintaras Beresnevičius. „Lithuanian Religion and Mythology“.
  3. Beresnevičius, Gintaras (2004). Lietuvių religija ir mitologija: sisteminė studija. Vilnius: Tyto alba. стр. 19. ISBN 9986-16-389-7.
  4. 4,0 4,1 4,2 Trikūnas, Jonas (1999). Of Gods & Holidays: The Baltic Heritage. Tvermė. стр. 75–77. ISBN 9986-476-27-5.
  5. Trikūnas, Jonas (1999). Of Gods & Holidays: The Baltic Heritage. Tvermė. стр. 120–124. ISBN 9986-476-27-5.