Савка Манеска
Савка Манеска | ||
Родена | 1926 Владиловци, Велешко, СХС | |
---|---|---|
Починала | 25 мај 1944 Витолиште, Прилепско, Кралство Југославија | |
Занимање | партизанка |
Савка Ѓорѓева Манеска ( 1926, Владиловци, Велешко - 25 мај 1944, Витолиште, Прилепско) — македонска партизанка.
Животопис
[уреди | уреди извор]Манеска е родена во велешкото село Владиловци во 1926 година. На денот на нејзиното раѓање, починала нејзината мајка, а бидејќи нејзиниот татко бил на печалба во Романија, Савка заедно со нејзината 2 годишна сестра биле дадени на гледање кај нивниот дедо, односно таткото на нивната почината мајка, Ѓоре Американецот во Прилеп. Ѓоре Американецот како повратник од Америка, имал голема куќа во Корзо Маало и сопствен ан, каде што Савка и нејзината сестра го поминале целото детство. За време на окупацијата, анот и куќата на Ѓоре Американецот биле целосно пренаменети за потребите на бугарските офицери во Прилеп, а Ѓоре со своето семејство биле принудени да се преселат во приземјето во куќата. Савка како 15-16 годишно девојче била многу убава. Таа убавина била забележана од некој бугарски офицер кој честопати и се додворувал и и префрлал. Постојаните додворувања на бугарскиот офицер биле пресудни за таа да замине во партизани, на само 17 годишна возраст. Така Савка во ноември 1943 година со своите другарки Мара Темелкоска, Пара Пајмакоска, Ценка Прчипетлица, Нада Циривири и уште дваесеттина прилепчани се приклучува на батајонот „Мирче Ацев“ при II Македонскo-Косовска ударна Бригада во слободна Дебрца, како борец во третата чета под команда на Манчу Матак. На 25 мај 1944 година II Ударна Бригада извршила напад на рудниците за момирок (лискун) кај месноста Лигураса во близина на Витолиште. Рудниците биле добро обезбедени, со 60 Бугари, 10 Германци и 40 Балисти, а на височините имало 5 бункери со тешки митралези кои покривале голем бришан простор. За време на нападот, знаменосец бил Митко Цветаноски – Ганчо. Него го покосува рафал од митралез и тој загинал на самото место. Не сакајќи знамето да остане на земјата, Савка се втрчала да го подигне знамето, но набрзо ја покосил рафал во натколеницата при што и се откинала ногата. Таа во моментот се одвлечкала во грмушките каде и што им подлегнала на раните. Не успевајќи да извојуваат победа над побројниот и подобро вооружен непријател партизаните се повлекуваат, оставајќи зад себе 13 загинати борци. По неколку денови, нејзиниот дедо дознал дека неговата внука најверојатно е загината на планината Лигураса, во борбите кај рудниците. Тој уште истиот ден тргнал за Мариово и по долга потрага ја нашол својата внука, во коријата под три високи даба, меѓу кои течело поточе. Савка била со поткината нога и со главата во поточето. Телото на Савка Манеска е пренесено во Прилеп каде што е погребано во семејната гробница на старите градски гробишта. Во нејзина чест, една улица во Прилеп го носи нејзиното име.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Патна мрежа“. Архивирано од изворникот на 2015-06-11. Посетено на 2015-05-29.