Родриго де Бастидас

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Родриго де Бастидас
Родриго де Бастидас
Роден(а)околу 1465
Триана (Севиља), Андалузија
Починал(а)28 јули 1527
Сантјаго де Куба, Куба
НационалностШпанец
ЗанимањеИстражувач

Родриго де Бастидас (Триана, Андалузија, околу 1465[1]Сантјаго де Куба, Куба, 28 јули 1527) бил шпански конквистадор и истражувач, кој ја составил картата на северниот брег од Јужна Америка, ја открил Панама, и го основал градот Санта Марта.

Биографија[уреди | уреди извор]

Родриго де Бастидас бил нотар од градот Триана, предградие на Севиља. Бил роден околу 1465 година. Неговиот татко се викал Родриго де ла Бастида. Родриго де Бастидас се оженил со Изабел Родригез де Ромера Тамарис со која имал два сина и една ќерка.[2]

Истражувања[уреди | уреди извор]

Откако пловел со Кристофер Колумбо на неговата втора пловидба во Новиот свет во 1493 година, Родриго де Бастидас барал од шпанскиот крал да му дозволи да тргне на своја експедиција, што би ја финансирал од свои пари. Како благодарност за дозволата да плови и да истражува нови области во Новиот свет, кралот побарал една четвртина од богатството што Бастидас ќе го пронајде.

Родриго де Бастидас испловил од Кадиз во октомври 1499 година со два брода: Сан Антон и Санта марија де Грација. На ова патување го придружувале Хуан де ла Коса и Васко Нињес де Балбоа.

Кај бегот на Јужна Америка, тој пловел западно од Кабо де ла Вела, Колумбија, во обид да го истражува брегот на Карипското Море. Ја открил реката што ја нарекол Магдалена како и заливот Ураба на панамско-колумбискиот брег. Стигнал до горниот брег на Панама пред да се откаже. Родриго де Бастидас се смета за првиот Европјанин кој ја открил Панама, како и првиот човек кој стапил во контакт со домородниот народ Куна. Поради лошиот квалитет од кој биле направени неговите бродови, црви почнале да го нагризуваат дрвото, па тој морал да се врати во Санто Доминго за да изврши поправки. Но, бродовите сепак потонале, при што многу од заробените домородци се удавиле, а дел од златото и бисерите биле спасени. Родриго де Бастидас се вратил во Санто Доминго по копно, и кога стигнал во градот, бил затворен од страна на гувернерот,[3] и испратен назад во Шпанија заради трговска размена со домородците без дозвола. Шпанскиот крал го ослободил од овие обвинувања и му доделил пензија. Се вратил во Санто Доминго со своето семејство, каде се занимавал со одгледување добиток.[4][5]

Основањето на Санта Марта[уреди | уреди извор]

Во 1520 година, гувернерот на Тринидад му дал дозвола за истражување на Родриго де Бастидас, но бидејќи била оспорена од Диего Колумбо, Де Бастидас се откажал. Потоа се обидел да преземе експедиција за истражување на просторот околу реката магдалена, но не можел да тргне ни на оваа експедиција во текот на неколку наредни години.[4] Во 1524 година заедно со Хуан де Сеспедес Руиз го основал градот Санта Марта на карипскиот брег, денешна Колумбија. Градот го нарекол Санта Марта, бидејќи основањето било на денот на Света Марта (29 јули).[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. (шпански) Biografía Rodrigo de Bastidas
  2. Rodrigo de Bastidas - Geni
  3. (шпански) Rodrigo de Bastidas - Soledad Acosta - Banco de la República
  4. 4,0 4,1 Charles Loftus Grant Anderson (1911), Old Panama and Castilla del Oro, Press of the Sudwarth Company
  5. Floyd, Troy (1973). The Columbus Dynasty in the Caribbean, 1492-1526. Albuquerque: University of New Mexico Press. стр. 134,138,225. 
  6. The Spanish invasion of South America