Прикрадување (подморница)
Прикрадување — начин на движење под вода на подморниците со најмало ниво на шум. Целта е да се избегне откривање со пасивни сонари со елиминирање на излишната бучава: несуштинските системи се исклучени, екипажот е повикан да се одмори и да се воздржи од испуштање каков било непотребен звук, а брзината е значително намалена за да се минимизира бучавата од пропелерот. Начинот е во употреба уште од вториот дел на Првата светска војна, кога биле измислени хидрофоните за откривање У-подморници.
Пропелерите работат во посебен опсег на вртежи во минута во кој не се појавува шум од кавитација. Бидејќи оваа брзина на вртење е обично сразмерно мала, првите електрични подморници имале посебни мотори за „тивка работа“ направени за најдобри перформанси при намалена брзина. Тие барале помалку активно ладење (понатамошно намалување на бучавата) и биле опремени со обични лежишта наместо со топчести лежишта. Овие мотори, исто така, биле звучно одвоени од трупот, бидејќи користеле пренос на ремен наместо непосредно спојување со вратилото на пропелерот.
Атомските подморници можат да работат уште потивко, само при многу мали брзини, со исклучување на активното ладење на реакторот при тивко работење. Реакторот потоа се лади само со природна конвекција на водата.