Полско штурче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Полско штурче
Grashoppsangare-070512.jpg
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Трскари
Род: Locustella
Вид: Полско штурче
Биномен назив
Locustella naevia
(Boddaert, 1783)

Полското штурче (науч. Locustella naevia) е мала врапчевидна птица од родот на треварчињата (Locustella). Се размножува низ умерена Европа и западна Азија. Таа е птица преселница што зимува во северна и западна Африка. Ја има и во Македонија.

Опис[уреди | уреди извор]

Полското штурче е долго околу 12.5 см. Тешко може да се види бидејќи е секогаш скриено во густата трева, но може да се слушне со својата карактеристичне песна.[2] Горните делови му се светломаслинавокафеави, а секој пердув во средината има потемнoкафеава линија. Образите му се зеленкави, очите кафеави и има светла линија над окото. Горната мандибула од клунот му е темнокафеава, а долната жолтеникавокафеава. Долните делови од телото му се светли, кремави или жолтопортокалови со неколку потемнокафеави точки и линии на градите и слабините. Крилјата му се кафеави, со пердуви кои се обрабени со посветло. Пердувите на опашката се црвеникавокафеави, а одоздола се избраздени. Нозете му се жолтеникавокафеави.[2]

Полско штурче, пеење

Песната на полското штурче е немузикално долга и всушност претставува монотоно механичко чрчорење како на инсект, од каде и му дошло името. Тоа е високо тремоло изведено со отворен клун и вибрирање на целото тело. Трае од неколку секунди до 2-3 минути без пауза. Во јачината варира, од слабо потпевнување до звук што потсетува на оддалечена косилка за трева. Ја изведува преку целиот ден, од изгрејсонце до по заоѓање на сонцето, од пролет до крајот на јули. Повикот за тревога е поторлив звук, нешто како твкит-твкит-твкит. [3]

Однесување[уреди | уреди извор]

Живеалиштето на полското штурче се влажните или суви места со диви треви и грмушки, рабовите на шумите, чистинките, околу мочуриштата и сл.[2] Оваа птица многу ретко лета. Почесто таа прескокнува од гранче на гранче во густата вегетација или оди по земја. Кога бега, не лета туку се нурнува назад во прикриеност на вегетацијата. За заштита ја шири опашката покажувајќи ја внатрешната набразденост и понекогаш се преправа дека е повредена за да ги прелаже предаторите.[2]

Размножување[уреди | уреди извор]

Мажјаците ги привлекуваат женките со разни прикажувања и додворувања. Тие одат или трчаат низ гранчињата со раширена опашка, мавтајќи со крилјата кревајќи се и спуштајќи се пред нив, често носејќи гранче или ливче во клунот. Во воздух, силно ги шират крилјата и мавтаат со нив, ја шират опашката и ги накострешуваат пердувите на телото.[2]

Двата пола земаат учество во градењето на гнездото. Тоа е добро скриена и во близина на земјата меѓу густата трева, во џбун, во грмушки, меѓу трски и сл. Варира во големина, но е изградено од трева, трски и мов, а често е послано со мека трева. Леглото има 4-6 јајца, кремавобели испрскани со црвени точки.[3] Обата родитела ги инкубираат јајцата околу 14 дена. Пилињата ги хранат со инсекти. Се оперјуваат по 12-13 дена. Вообичаени се две легла годишно. Младенчињата созреваат на едногодишна возраст, а рекордна старост на овој вид е 5 години.[4]

Исхрана[уреди | уреди извор]

Полското штурче е инсектојадец, хранејќи се со широк спектар без’рбетници. Исхраната вклучува муви, молци, бумбари, вилински коњчиња, еднодневки и нивните ларви. Исто така, јадат и пајаци, пеперуги, гасеници и др.[2]

Статус[уреди | уреди извор]

Спoред Црвениот список на МСЗП, полското штурче е вид со најмала загриженост. Ова е вака, зашто има голема глобална популација и широк опсег. Во Европа има 840.000 - 2.2 милиона пара, или од 2.52 до 6.6 милиони индивидуи.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Locustella naevia. Црвен список на загрозени видови на МСЗП. Верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. конс. 2013-08-02.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Witherby, H. F. (ed.) (1943). Handbook of British Birds, Volume 2: Warblers to Owls. H. F. and G. Witherby Ltd.. стр. 36–30. 
  3. 3,0 3,1 Coward, T. A. (1941). The Birds of the British Isles and their Eggs, Volume 1 (Corvidae to Sulidae). Frederick Warne. стр. 169–171. 
  4. Robinson, R. A. (2005). „Grasshopper Warbler: Locustella naevia (Boddaert, 1783)“. Birdfacts. British Trust for Ornithology. конс. 2013-08-03. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]