Прејди на содржината

Плескање на слугинката

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Плескање на слугинката“ (англиски: Spanking the Maid) — краток роман на американскиот писател Роберт Кувер од 1982 година. Романот е објавен на македонски јазик во 2007 година, во превод на Ирена Цветковиќ, а во издание на „Темплум“.

За делото

[уреди | уреди извор]

Според некои критичари, „Плескање на слугинката“ е еден од најдобрите романи кои ги обработуваат садо-мазохистичките односи. Целиот роман претставува непрекината варијација на еден настан - физичкото малтретирање на слугинката. Според Алан Фридман, во романот, Кувер поставува интересни прашања како, на пример: Чија е опсесијата што се опишува во книгата? Дали самиот автор е опседнат и со што? Со сопствената посветеност на уметноста? Со идејата за пропаста на љубовта? Со несовршеноста на човекот? Со библискиот контраст меѓу Бог и човекот? Со традиционалните односи меѓу мажот и жената? Во таа смисла, романот функционира како духовито поигрување со смешноста на порнографијата и сериозноста на уметноста.[1]

Технички податоци

[уреди | уреди извор]

Романот е објавен како 56 книга во едицијата „Магма“. Книгата е отпечатена во мек повез, со димензии од 18 сантиметри и има 85 страници. Покрај главниот текст, таа содржи и белешка за авторот и делото. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на „Точка“. На предната корица е ставена слика на Албер Гијом (Albert Gillaume), додека на задната корица е даден кус осврт на романот, како и попис на дел од книгите издадени во едицијата „Магма“. Книгата е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-189-05-0.[2]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Во романот се повторува една иста сцена: влегувањето на слугинката во една соба, отворањето на балконската врата, местењето на креветот и чистењето на собата и бањата. Главни ликови во романот е една слугинка и нејзиниот господар, кој постојано ја казнува слугинката, удирајќи ја по задникот со камшик, со брезова прачка, со рака, итн. Господарот е постојано незадоволен од начинот на којшто слугинката ги извршува задачите и постојано наоѓа недостатоци во нејзината работа. Оттука, тој настојува да ја воспита со помош на тепањето, постојано нагласувајќи дека не ужива во казнувањето, туку дека тоа е негова мисија.
Од друга страна, слугинката постојано се надева дека еден ден ќе го достигне совршенството во работата, кога нема да направи ниту една грешка и кога господарот ќе ја пофали за извршената работа. Таа цврсто го издржува тепањето, но не знае, дали мора да поминува низ тортурата или пак самата го посакува тоа, т.е. не може без „воспитните“ мерки. Во секој случај, и слугинката и господарот остануваат заробени во својата опседнатост со мачењето и, истовремено, двајцата остануваат со нерезализирани цели: тој не знае дали има смисла неговата потрага по совршенството, а таа не знае дали некогаш ќе се оствари нејзината надеж.

  1. „Белешка за авторот и делото“, во: Роберт Кувер, Плескање на слугинката, Темплум, Скопје, 2007, стр. 83-85.
  2. Роберт Кувер, Плескање на слугинката, Темплум, Скопје, 2007.