Пинокио (филм 2012)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Пинокио е италијански анимиран филм од 2012 година во режија на Енцо Д'Aло, базиран на романот Авантурите на Пинокио. Приказна за една марионета од Карло Колоди.

Филмот е посветен на Лучо Дала, кој го синхронизираше зелениот рибар.

Содржина[уреди | уреди извор]

Младиот Џепето си игра додека го лета змејот, посакувајќи да може да лета како него, но одеднаш се сопнува и змејот одлетува во далечината.

Години подоцна, змејот се враќа кај него. Џепето е веќе остарен столар и размислувајќи за него, случајно оживува едно парче дрво преку својата носталгија. Откако открива дека дрвото знае да зборува, одлучува да направи марионета која ќе му биде како син, нарекувајќи ја Пинокио. Но Пинокио почнува да трча низ градот, сеејќи раздор од едната на другата улица, сè додека не го сопрат двајца полицајци. Кога одбива да се врати дома, полицајците, слушајќи ги луѓето како зборуваат дека можеби Џепето е насилен со него, одлучуваат да го уапсат него и да го пуштаат Пинокио. И покрај негодувањата на Штурчето, што Пинокио успева да го замолкне со чекан, решава да се врати назад дома и веќе размислува што да прави во неговиот скитнички живот. Кога Џепето се враќа следното утро, Пинокио, бидејќи си ги изгорел нозете и бара негова помош, одлучува да се однесува добро и да почне да оди на училиште.

Џепето го продава своето палто за да му купи буквар, но Пинокио наместо да оди на училиште, го продава букварот за да оди на куклена претстава. Марионетите, исто така живи, го покануваат на сцената, налутувајќи го Голтајпламенко, кој прво има намера да го запали, но подоцна се предомислува, поради приказната што Пинокио му ја раскажува за Џепето, му подарува златни парички и го праќа дома придружен со Мачката и Лисицата, кои го мамат за да му ги земат паричките раскажувајќи му за легендарнарната Земја на чудата, каде што парите растат на парични дрвја.

Прво го местат да ја плати храната во една гостилница, па откако двајцата измамници дознаваат дека Пинокио ги сокрил парите во устата, го бесат. Но за среќа, се појавува сината самовила, која го спасува. Пинокио, заљубувајќи се во неа, ветува дека ќе се однесува добро, па затоа таа му вели дека ќе го претвори во дете од крв и месо, но само ако го почитува даденото ветување.

Враќајќи се накај дома, Пинокио повторно ги сретнува Мачката и Лисицата, на пат кон Голтајпламенко за следната претстава, сè уште со намера да го ограбат, но му го враќаат букварот и го земаат со себе да го носат во Земјата на чудата. Откако сфаќа дека повторно е измамен, Пинокио трча до најблискиот суд во градот Мамказаглупчвци, за да го пријави случајот, но го затвораат него. Таму додека го чита букварот заспива и ја сонува сината самовила мртва поради неговото прекршено ветување. Следното утро го ослободуваат и додека трча кон дома, не го забележува Џепето надвор од затворот, кој дошол да го бара откако дознал што се случило благодарение на полицајците од неговиот град.

Пинокио одлучува да продолжи да се однесува добро, но токму кога влегува во училиштето, тројца насилници го мамат да ги следи на плажата, повторно оттргнувајќи го од вистинскиот пат. Откако им се спротивставува, еден од нив се онесвестува и кога доаѓаат полицајците заедно со директорот на училиштето, тие го обвинуваат Пинокио дека се обидел да го убие момчето. Во тој момент почнува да бега, но кучето Златнокрилко продолжува да го следи во морето, ризикувајќи да се удави. Пинокио чувствувајќи вина, решава да му помогне, но веднаш потоа го фаќа зелениот рибар, што го помешува со риба и одлучува да го изеде. Златнокрилко, сакајќи да ја возврати услугата, го спасува од тавата и двајцата се кријат во една пештера. Среќаваат и една птица, која слушајќи го Пинокио како се жали дека веќе нема каде и кај кого да оди, му предложува да го одведе на пристаништето, каде може да се качи на брод и да започне нов живот во Америка. Златнокрилко се враќа во базата, каде што отишол и Џепето во потрага по Пинокио, па кучето му вели дека може да го најде на пристаништето.

На пристаништето, Пинокио ги запознава Фитилко, кој пак го поканува да оди со него во Градот на играчките, местото каде може да се забавува од утро до вечер без грижа за училиштето или за возрасните. Откако пристигнуваат таму и по цел ден играње, децата откриваат дека биле измамени и дека се претвораат во магариња. Бидејќи Пинокио е марионета, наместо да биде продаден или да ракува со машините во Градот на играчките, станува атракција во циркузот. Така еден ден ја забележува огорчената сина самовила во публиката, се откачува и кловновите го фрлаат во морето. Благодарение на нејзината магија, Пинокио не само што преживува туку и се претвора во марионета, но големата кучешка риба го проголтува. Во стомакот на рибата, Пинокио го наоѓа Џепето, кој отишол да го бара со еден мал чамец, кој по бурата се превртил во морето. Пинокио го спасува својот татко, го носи на раменици и плива сè до брегот, каде што го среќава и Златнокрилко, што им помага. Откако ќе стигнат, сината самовила го наградува Пинокио за неговата храброст и го претвора во вистинско дете.

Пинокио и Џепето тргнуваат накај сината самовила, додека неговиот змеј продолжува да се вее по ветрот.

Продукција[уреди | уреди извор]

Првично, прикажувањето на филмот било планирано во 2000 година, но добро познатиот Пинокио на Роберто Бенињи го попречило неговото излегување таа година.[1] Д'Ало размислувал да го отвори филмот на сличен начин како и Бенињи: од една количка паѓа парчето дрво од кое ќе настане Пинокио.

Графичкиот стил на Пинокио се базира врз илустрациите на Лоренцо Матоти.[1]

Во англосаксонските земји, филмот бил забранет за деца без придружба на возрасен.

Дистрибуција[уреди | уреди извор]

Филмот бил претставен на Филмскиот фестивал во Венеција 2012 во делот Giornate degli Autori.

Во италијанските кина излегол на 21 февруари 2013.

Синхронизација[уреди | уреди извор]

Филмот е синхронизиран во студиото La BiBi.it, во режија на Гвидо Мишели.

Неколку гласови им припаѓаат на добро познатите лица од уметноста како: Паоло Руфини во улога на Фитилко, Роко Папалео како Голтајпламенко и Лучо Дала во синхронизација на зелениот рибар.

Гласот на Пинокио е синхронизиран од Габриеле Каприо, додека Џепето од неговиот татко Мино Каприо, кој веќе претходно го синхронизирал истиот лик во филмот Bentornato Pinocchio (2007) на Мондо ТВ.

Покрај нив, дел од актерите за синхронизација се: Маурицио Микели во улогата на Мачката и сопругата на режисерот, Марикла Афатато во улогата на Лисицата, која првично во тизерот на филмот имаше машки глас.

Филмска музика[уреди | уреди извор]

Оригиналната музика на филмот е компонирана од Лучо Дала . Песната Canzone di Turchina ја пее Леда Батисти, Нада ја интерпретира Mangia e bevi, а Марко Алемано Busker.

Песната на Џепето, Una volta c'era un re, според насловот и првиот стих се совпаѓа со истоимениот дело на „La Cenerentola“ од Росини.[2]

Sono Pinocchio, последната песна од одјавната шпица, ја испеаа Лучо Дала и Марко Алемано.

Признанија[уреди | уреди извор]

  • 2013 - Меѓународен фестивал за анимиран филм во Анеси
    • Номинација за најоригинален филм на Енцо Д'Aло
  • 2013 - Европски филмски награди
    • Номинација за најдобар анимиран филм на Енцо Д'Aло
  • 2013 - Сребрена лента
    • Победа - Специјална награда за песната на Марко Алемано и Лучо Дала
  1. 1,0 1,1 „Recensione Pinocchio di Enzo D'Alò“.
  2. „Pinocchio: la conferenza stampa del film di Enzo D'Alò“ (италијански). 2013-02-19.