Парите се отепувачка
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Автор | Ристо Крле |
---|---|
Земја | Македонија |
Јазик | Македонски |
Жанр | драма |
Издадена | 1938 г. |
Медиум | Печатена |
Страници | 120 |
Парите се отепувачка — најпознатото драмско остварување на македонскиот драматург од меѓувоениот период, Ристо Крле. Драмата била за првпат изведена во скопскиот театар, на 27 декември 1938 година.[1]
Заднина
[уреди | уреди извор]Драмско дејство
[уреди | уреди извор]Прв чин
[уреди | уреди извор]Во воведниот дел на драмата е опишана сиромашната куќа на селанецот Митре, жена му Мара, синот Ангеле и ќерката Ката. Тие се будат рано, на првите петли, како што е обичајот кога се испраќа печалбар. Надвор е студено, снежно, два дена пред Свети Никола, што предизвикува страв кај домашните за патувањето на Ангеле. Кај нив доаѓаат Коте и Депа за да го испратат печалбарот. Јадат, пијат и разговараат за печалбарскиот живот. Коте бил печалбар, па божем нешто повеќе знае и може да даде добри совети. Но, во разговорот се гледа нивната наивност, неукост, суеверие и заостанатост. Доаѓа и Фроса, кумата, со погача, како што е обичајот. Софрата мора да е полна, за кога ќе се врати печалбарот да биде исто така полна, односно да го пречекаат на софра. На крајот, доаѓа Панде кој ќе го испрати Ангеле на брод. И тој седнува на софрата и од негово искуство кажува дека во Америка, пред Њујорк имало некое островче каде ги симнувале сите новодојдени и доктори ги прегледувале. Ако не биле здрави, со здрави заби, со коса на темето - тогаш ги враќале. Домашните се вознемируваат, бидејќи Ангеле нема пари за назад, но сепак се надеваат дека сè добро ќе заврши, зашто нивниот Ангеле е млад и здрав. Испраќањето го прават со сите адети. Мара става стомна со вода на прагот, а Ангеле кога ќе излегува треба да ја кошне. Мајката го советува да праќа писма, да не седи многу години, да се врати за да го женат. Ангеле ветува дека ќе праќа пари, татко му да купи и ниви и нова куќа да направи. Ветува дека ќе оди кај кумот (мажот на Фроса) и ќе пренесе поздрави. Ангеле трга, а Мара му фрла пченица преку главата, тој ја кошнува стомната и сите плачат, а особено домашните.
Втор чин
[уреди | уреди извор]Дејството во вториот чин се случува во куќата на Митре, каде сите присутни (Митре, Мара, Ката, Депа, Коте, Фроса и нејзините две деца) седат покрај огништето и разговараат. Разговараат за обични домашни работи и за тоа како Ангеле набрзо ќе почне да испраќа пари. Иако имаат домашни обврски, тие сепак седат и всушност го чекаат да се врати Панде и да раскаже како поминале по пат. Кога доаѓа, му даваат греана ракија и едвај чекаат да слушнат што има да каже. Тој надолго и нашироко им раскажува како уште кога тргнале на пат, црна мачка им претрчала преку патот. Тие од страв, од суеверното сфаќање дека тоа носи несреќа си помислиле да се вратат назад, но сепак продолжиле. Стигнале во градот, ги нашле другите гурбетчии и Ангеле тргнал заедно со нив.
Трет чин
[уреди | уреди извор]Приказната продолжува 20 години по крајот на дејството во вториот чин. Претставена е куќата на Софре, маж на Ката и нивната ќерка Ана, која е убаво облечена и се дотерува. Таа има веќе 15 години и мисли на момчињата што фрлаат око на неа. Дотрчуваат деца кои ѝ кажуваат дека дошол вујко ѝ Ангеле од Америка. Таа ги дарува со по едно јаболко и шамивче за убавата вест. Влегува Ангеле во куќата со големи куфери и убаво облечен. Од нива ги викнале Ката и Софре и тие брзо доаѓаат во куќата. Ката е пресреќна што го гледа брат ѝ по толку години и што прво кај неа дошол, а не дома. Од куферот вади дарови за сите: на Софре му дава златен саат, на Ката чевли, копринени чорапи и златен прстен, за Ана исто, но и медалјон со пет златника кој и го става на вратот. Разговараат за Америка, за тамошната слобода, за кината, театрите, парковите, но и за гангстерите. Потоа почнуваат да се договараат како и кога да одат кај родителите. На крај решаваат Ангеле тука да вечера, па да оди кај родителите, но да не им каже кој е, а утрото да дојде Ката со семејството и заедно да се радуваат. Вечерата поминува убаво и весело со песната на жетварките кои се дојдени за работа на нивата на Софре. Ангеле е воодушевен што зборува и пее на свој јазик, што е меѓу блиски и што девојките се убави, па се надева дека брзо ќе си најде жена за себе. На крај, Ангеле тргнува дома испратен со песна.
Четврти чин
[уреди | уреди извор]Завесата се крева прикажувајќи ја куќата на Митре, новоизградена, добро подредена, со нови рогозини и килими, со миндарлак и перници. Митре и Мара штотуку завршиле со вечерата и жетварките, па Митре се испружува да испуши тутун, а Мара средува. На портата доаѓа некој што се претставува како гурбетчија што му се расипал автомобилот и бара да преноќи кај нив. Тие го примаат, го понудуваат да јаде и разговараат. Зборуваат за својот син, кој сè уште е во Америка и во последно време ни писмо не им пратил. Тие ја искажуваат својата болка што 20 години не си го виделе синот. Туѓинецот се фали дека тој за пет-шест години многу спечалил и дека сигурно и нивниот син ќе дојде со пари. Откако Мара му ја мести постелата на туѓинецот, тој се повлекува да се одмори. Митре и го покажува на Мара полното куферче со пари кое успеал да го отвори. Златниците му го поматуваат умот на Митре. Тие почнуваат да се сомневаат дали туѓинецот навистина можел да ги спечали парите, се сомневаат дека најверојатно ги нашол или ги украл. Мара му предлага да земе некој златник или целото куферче да го украде и да се прави како да не знае каде е. Но, Митре имал поинаква намера. Ја грабнал секирата и тивко се прикрал во гостинската соба извршувајќи го грозоморното дело.
Петти чин
[уреди | уреди извор]Утрото Митре и Мара се соочуваат со гревот што го сториле. Страстите се стивнати, но од стореното не може да се побегне. Кога доаѓа Ката со семејството, тие почнуваат да се сомневаат дека се случило нешто многу страшно. Ката ја открива вистината. Мајката не може да го издржи сознанието дека го убиле сопствениот син и умира од срцев удар, а таткото се прободува со нож.
Етапите на драмскиот развој
[уреди | уреди извор]- експозиција - описот на куќата, обичаите за испраќање на печалбарот и испраќањето
- заплет - враќање на печалбарот во куќата на сестра му
- кулминација - планот да не се каже кој е и доаѓање во куќата на родителите
- перипетија - заслепеноста на таткото од парите и убиството на туѓинецот
- расплет - откривањето на вистината и смртта на родителите
Ликови
[уреди | уреди извор]- Митре - сиромашен селанец кој е принуден да го испрати единствениот син на печалба. Тој живее мирен, скромен живот и постојано мисли на враќањето на синот. Но, кога доаѓа туѓинецот во неговата куќа, тој сосема се променува. Страста кон парите му го свртуваат умот и ќе го доведат во состојба да изврши злосторство. Толку е заслепен, што не ја слуша жена си, па дури и кон неа станува агресивен. Си наоѓа изговор и го убива. Се разбира, дека потоа се кае за стореното злосторство, а кога разбира дека бил син му - се убива. Но, тој не е негативен лик, иако убива. Затоа што не убива тој, туку сиромаштијата и желбата за подобар живот, како и зависта.
- Мара - типична патријархална жена и мајка која ги почитува сите обичаи и која е потчинета на мажот и децата. Се обидува да го одврати мажа си од намерата да убие, бидејќи се плаши да не бидат откриени. Кога ја дознава вистината, мајчиното срце не може да ја поднесе - и умира.
- Ангеле - печалбар кој уште како дете го праќаат на печалба, а се враќа како возрасен маж. Тој постојано мисли на дома, на родителите и сестра си. Таму печалел и штедел, им праќал пари на домашните и среќен се враќа дома. За да направи поголема претстава од своето враќање, ја смислува играта која ќе заврши кобно, за сите.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ "Времеплов", Дневник, година XVII, број 5351, петок, 27 декември 2013, стр. 31.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле [1][мртва врска]
- „За матуранти“ од Билјана Богданоска
- „Литература за втора година“ од Георги Сталев