Парадоксот на Диоген
Парадоксот на Диоген — драма на македонскиот писател Томе Арсовски од 1961 година.
Томе Арсовски со „ Парадоксот на Диоген“ меѓу првите се обидел отворено и достоинствено да прозбори токму за овие проблеми изнесувајќи го на показ прашањето за успиената општествена и лична свест, за поголемата одговорност не само на единката, туку и на пошироката општествена заедница во која опстојува таа. Драмата „Парадоксот на Диоген“ не еднаш е окарактеризирана како „судење на човековата совест“.
Зборувајќи највоопштено, оваа драма е значајна пред сѐ по тоа што претставува еден вид меѓник во творештвото на Томе Арсовски. Овој текст има одредено значење и за развитокот на современата македонска драма, зашто дури со неговата појава започна позабрзаното конституирање на ангажираната реалистичка драма кај нас. Исто така со неговата појава беше најавено посмелото за гледување на некои актуелни морално-етички проблеми, карактеристични за нашиот општествен развиток што инаку наскоро ќе стане еден од основните преокупации на современата драма.
Содржина
[уреди | уреди извор]Драмата „Парадоксот на Диоген“ е еден од позначајните драмски текстови во македонската книжевност воопшто. По својата надворешна форма е судска драма. Таа е конципирана како судски процес низ кој се иследува степенот на вината на главниот лик во оваа драма, младиот инженер Драшко Каровски. Како проектант на хотелот „Сплендид“ и негов непосреден изведувач, Драшко Каровски е обвинет за неговото уривање во кое ги загубиле животите двајца луѓе и е направена голема материјална штета. Јатката на целокупното драмско дејствие во драмата е прашањето дали воопшто е виновен Драшко Каровски и колку за својата вина е виновен самиот, а колку социјалната средина во која тој опстојува.
Дејството се случува во Скопје, во шеесеттите години од XX век. Тема на драмата е животот на младиот Драшко Каровски, неговиот подем и пад, а идејата, поврзана со Диоген – моралното пропаѓање на една личност и губењето на сопственото јас. Диоген бил антички филозоф кој сред бел ден одел со запален фенер во потрага по човек.
Во судскиот процес не се разгледува само вината на Драшко, туку преку многу реконструкции се проследени делови од животот на главниот лик кои придонеле за несреќата. Тука се судат сите: општеството, пријателите, колегите, роднините, зашто се дел од животот на Драшко кој од скромен, чесен и занесен идеалист го прават лаком и суетен материјалист.
Ликови во драмата
[уреди | уреди извор]Освен Драшко, ликови во драмата се:
- Даница, неговата жена, која не ја сака, а се оженил со неа за да ја спаси од „улицата“ и која му родила два сина;
- Мајка му и татко му Никола, кои премногу му се мешаат во животот;
- Владимир Крстин – Борски, директор на „Заводот за висока градба“, кој верува во квалитетите на Драшко и го „разгалува“ со попустливиот однос кон него;
- Алексеј Кондарко, универзитетски професор во пензија;
- Борика Корда, колешка од Словенија, љубовта на неговиот живот, која доаѓа во Скопје заради Драшко и останува иако тој се оженил со друга;
- Данчо (градежен техничар), Славко (загинатиот палир), судијата, обвинителот, бранителот, судскиот писар и др.
За драмата
[уреди | уреди извор]Драмата започнува со сугестивни филозофски стихови искажани од страна на судијата:
- „Сакаш ли вечна среќа – не спиј!
- Пресврти ја ноќта во ден!
- Зашто оној што спиел е слеп,
- А при успаните среќата не доаѓа.
- Но еве ви еден совет на сите што сте тука:
- Зградта построена во прав –
- Во прав ќе се урне.
- Ако ви се случи тоа –
- Не обвинувајте го ни Бога ни човека:
- Самите сте виновни.
- Избегнувајте поскоро од затворот на своето „јас“
- Одделете се макр на чекор од себеси
- И ќе видите – во ружите
- Освен трње
- Има и ружи“
Авторот најпрвин го открива животописот на овој млад човек, од времето на неговите студии во Љубљана. Драшко Каровски е прикажан како извонредно способна и необично надарена личност која ги завршува студиите(без стипендија, туку со своја самоиздршка, работејќи и студирајќи) како еден од најдобрите студенти. Како голем ентузијаст, полн со идеали да се остварат во животот големи нешта, тој се запознава за време на студиите со нему сличен ентузијаст, студентката и подоцна инженер Борика Корда, воспоставуваат меѓусебно цврсто пријателство и заедно доаѓаат во Македонија.
Драшко меѓутоа, не се жени за неа, туку за една слободна жена, која е на работ да се проституира, и тоа од некој свој исконски хуманистички порив да ја спаси нејзе. Но, тоа за него се покажува фатално. Тој брак го отуѓува не само од неговите најблиски, туку и од самиот него.Тука всушност и започнува неговиот парадокс како диогеновски: барајќи го човекот, тој всушност се загубува себеси. Драшко постепено се преобразува во своја суштинска спротивност. Некогашниот скромен, честит и доблесен младич, станува дрзок, своеглав, суетен уценувач. Сиот е во потрага за материјална слобода, која се изразува во бескрупулозни стремежи кон материјално изобилство. Како исклучително способен стручњак, Драшко се служи со дрски уцени. За само шест месеци бара да му се додели голем конфорен стан, инаку во спротивно веднаш ќе го напушти претпријатието.
Директорот Владимир Крстин-Борски, стар партизански борец, на чии раце во војната, како партизан умрел братот на Драшко, му го отстапува својот стан, иако живеел во мало и руинирано станче, само младиот инженер да не ги напушти. Со таквите свои постапки, Драшко Каровски веќе на своите триесет години се здобива со сите придобивки на животот на висока нога. Но, тоа е почетокот на неговиот слом. Материјалното изобилство станало причина Драшко да заборави на основните морални норми, за негова деградација, односно материјалниот раскош го довел до морална катафтрофа. Иако бил способен инженер, ги запоставил своите обврски и не ја конролирал градбата, се скарал со родителите, пријателите, западнал во депресија и бил сосема изгубен како личност. Уривањето на хотелот било само последица од сето тоа, желбата да се дојде до материјални блага по секоја цена, не водејќи сметка дека се поткопуваат моралните темели на живеењето. Драшко ја сфатил својата трагична ситуација, се чувствувал виновен, но и обвинувал. Тој ја доживува својата несреќа токму од имањето материјални добра, бидејќи откако добил се во животот, останал без идеал и цел во животот, а тоа му ги поматило неговите морални вредности и начела и го преобликувало во егоистично суштество. Тоа довело до негов потполн душевен и етички слом. Текот на драмата не соочува со моралните кризи на младиот човек и на младото општество, со неговата одговорност затоа што сторил вина, но и затоа што не нашол сили да ја спречи несреќата. По изречените завршни говори на одбраната и обвинителството, драмата завршува без изречена судска пресуда и писателот остава публиката, читетелската и театарската, сама да ја одреди пресудата на обвинетиот Драшко Каровски.
Епилог
[уреди | уреди извор]Целата драма „Парадоксот на Диоген“ всушност е структуирана така за да го објасни сложениот и комплексен лик на Драшко Каровски како единка, но и како производ на социјалната средина и социјалните ситуации кои го опкружуваат и, во извесна смисла го определуваат неговиот живот. Самиот судски процес, низ сведоштвата од кругот на луѓето од непосредната средина во која што работел, така и од кругот на неговите најблиски, жената, родителите, пријателите, му овозможуваат на авторот да ја комплетира сликата за овој млад инженер. Низ анализите на својот главен лик, Томе Арсовски ја експонира основната идеја на својата драма - како материјалното изобилство станува причина за деградирање на основните морални норми.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Парадоксот на Диоген - македонски телевизиски филм од 1975 година