Основни елементи на побарувачката и понудата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Побарувачката и понудата (англиски: supply and demand) се клучни концепти во економската наука. Притоа, микроекономската наука се занимава со изучување на индивидуалната и пазарната побарувачка и понуда за определено добро, додека агрегатната побарувачка и агрегатната понуда се предмет на анализа на макроекономијата.

Индивидуалната побарувачка за определено добро претставува количина на доброто што едно лице сака и е способно да ја плати до определен временски период. Врз побарувачката на определено , да кажеме доброто Х, дејствуваат голем број фактори. Притоа, дури и од практиката може да се заклучи дека цената на доброто е најзначајниот фактор од којшто зависи побарувачката за тоа добро. Други фактори што ја условуваат побарувачката за одредено добро се: висина на доходот на потрошувачите, ширината на пазарот, очекувањата на потрошувачите за движењето на цената на доброто во иднина и други релевантни фактори. Во продолжение ќе ги обележиме со посебни симболи факторите што ја условуваат побарувачката за доброто Х.

  • цената на доброто Х (Px)
  • доходот на потрошувачите (Y)
  • големината на пазарот (М)
  • цената на добрата поврзани со тоа добро (Pr)
  • вкусовите на потрошувачите (Т)
  • oчекувањата на потрошувачите за движењето на цената во иднина (E)
  • други релевантни фактори (O)

Според тоа , можеме да кажеме дека побарувачката за доброто Х, dx, е функција на сите споменати фактори, односно: dx = f ( Px, Y, M, Pr, T, E, O )

Вообичаено е во економската анализа да се тргне од претпоставката дека побарувачката за определено добро , односно за доброто Х , е функција на цената на доброто Х, ceteris paribus, т.е. под претпоставка дека сите други фактори што ја детерминираат побарувачката на доброто остануваат непроменети. dh = f (Px) ceteris paribus Поаѓајки од ваквата претпоставка воопшто не е тешко да се утврди дека секогаш постои определен однос помеѓу пазарната цена за определено добро и бараната количина за тоа добро. Ваквиот однос во економијата се нарекува крива на побарувачката. Врз основа на овие податоци можеме да ја конструираме кривата на побарувачката за доброто Х , доколку на апцисата ја нанесеме бараната колчичина за доброто Х , а на ординатата цената на доброто Х. Значи, кривата на побарувачката ни ги покажува соодносите помеѓу бараната количина за доброто X од страна на една индивидуа и цената на доброто Х, ceteris paribus. Наспорти индивидуалната побарувачка за доброто Х , постои и пазарна побарувачка за доброто Х. Пазарната побарувачка за доброто Х претставува збир на индивидуалните побарувачки за доброто Х на соодветниот пазар. Во продолжение, кога ќе збориме за побарувачката, секогаш предвид ја имаме пазарната побарувачка за определено добро. Исто така , треба добро да се запамти дека и индивидуалната побарувачка за доброто Х и пазарната побарувачка за доброто Х се микроекономски категории.Кривата на побарувачката потврдува дека односот помеѓу бараната количина и цена е обратно пропорционален - колку цената е поголемо, толку бараната колиичина е помала, односно - колку цената е помала, толку бараната количина е поголема.[1]

Законот за побарувачката во економијата[уреди | уреди извор]

Врз основа на кривата на побарувачката доаѓаме до законот за побарувачката во економијата. Тој може да се формулира на следниов начин: Покачувањето на цената на доброто , под претпоставка дека ништо друго не се променило, предизвикува опаѓање на вкупната барана количина за тоа добро. Намалувањето на цената на доброто , под претпоставка дека ништо друго не се променило, предизвикува пораст на вкупната барана количина за тоа добро.

Зошто со покачувањето на цената на доброто, бараната количина за тоа добро се намалува? Тоа е така од две причини. Прво, заради ефектот на супституција - ако едно добро поскапи, рационалните потрошувачи ќе настојуваат да го супституираат, да го заменат со друго добро: струја за нафта, говедско месо за пилешко месо итн. Второ заради ефектот на доходот- покачувањето на цената на доброто се сведува на осиромашување на потрошувачите, на смалување на нивниот доход: ако порасне цената на месото , потрошувачите ќе купуваат и трошат помалку месо. Поинаку стојат работите ако дојде до намалување на цената на доброто. Поевтинувањето на доброто привлекува нови купувачи и ја зголемува потрошувачката на постојните купувачи. Типичен пример за ова е пазарот на персонални компјутери. Силните технолошки продори во доменот на микроелектрониката предизвикуваат постојано опаѓање на цената на персоналните компјутери. Тоа привлекува нови купувачи и персоналните компјутери денес масовно се користат во училиштата, факултетите, и во нашите домови. Слично стојат работите и со ласерските печатачи , со мобилните телефони итн.

Законот на побарувачката, вака како што го формулиравме и објаснивме, важи за најголемиот број добра и услуги. Но тука постојат и некои исклучоци врзани за т.н. Гифинов парадокс, однсоно Гифинов ефект - (Giffen effect). Кон средината на ХIX век Роберт Гифин ( Sir Robert Giffen, 1837-1910) забележал дека во Ирска , зголемувањето на цената на компирите, место да ја намали, ја зголемува побарувачката за компири, при дргуи непроменети услови (ceteris paribus). Оваа ситуација е невообичаена, чудна, бидејќи покачувањетоа на цената на определено добро фактички се сведува на намалување на доходот на потрошувачите и нивно осиромашување. Ваквиот феномент, односно парадокс, се појавил во Ирска, во услови на голема сиромаштија и голем недостаток на компири кои биле основен прехранбен продукт на населението. Гифиниовиот парадокс може да се објасни со преовладувањето на ефектот на доход пред ефектот на супституција. Имено, покачувањето на цената на компирите, во услови кога тие се основен прехрамбен производ, од кој во крајна линија зависи егзистенцијата на сиромашното население, уште повеќе го намалила и така нискоиот доход на населението. Во услови на голема сиромаштија можност за супституција на компирите со други прехрамбени производи не постои, просто затоа што нив de facto ги нема- месото, на пример, во тоа време било луксуз за населението во Ирска. Во таква ситуација, според тоа , ефектот на супституција комплетно изостанува, а ефектот на доход е силен : населението на зголемената цена на компирите одговара со зголемена побарувачка за компири. Овде ќе се потсетиме дека доколку дојде до пораст на доходот на потрошувачите, расте побарувачката за секое добро и за секое ниво на цената на доброто . Тоа е случај со најголемиот број на добра. Добрата за кои побарувачката расте со порастот на доходот ( или што се сведува на исто , со намалување на нивните цени ) се нарекуваат нормални добра . Но, како што видовме кај Гифиновиот парадокс , постојат случаи во кои побарувачката за доброто , место да намалува, расте со порасотот на цената (намалувањето на доходот). Во современата економска литература се забележува дека друг вид на нестандардно однесување т.е. отстапување од законот за побарувачката е поврзан со т.н. инфериорни добра. Кај инфериорните добра порастот на доходот на потрошувачите, место кон зголемување, води кон намалување на поибарувачката за овие добра. Типичен пример за инфериорно добро е лебот. Имено, во современи услови порастот на потрошувачкиот доход ја намалува побарувачката за леб. Тоа е така, бидејќи зголемениот доход им овозможува на потрошувачите да го супституираат лебот со поскапи, поквалитетни добра (месо, сирење и сл.), односно со посупериорни супститути. Очевидно, кај инфериорните добра, ефектот на супституција преовладува пред ефектот на доход. [2]

Факторите што ја условуваат побарувачката[уреди | уреди извор]

Во досегашната анализа претпоставуваме дека побарувачката за одредено добро зависи само од цената на доброто. Дејството на другите фактори го запоставуваме. Но се разбира дека врз побарувачката дејствуваат и сите други фактори што порано само ги споменавме.

  • Доходот на потрошувачите - порастот на просечниот доход на потрошувачите ја зголемува побарувачката за секое добро и по секоја цена на доброто. Порастот на доходот на потрошувачот (да кажеме во рамките на едно домаќинство) може да биде резултат на дејството на поголем број фактори : пораст на платите на веќе вработените членови на домаќинството, вработување на членови на домаќинството кои дотогаш не работеле, појава на други извори на доход како што се: дивиденди од акции , камати од штедни влогови итн. Со поголем расположлив доход потрошувачите ќе купуваат поголема количина храна, облека, трајни потрошни добра и сл.
  • Големина на пазарот - големината на пазарот и неговата апсорпциона моќ најчесто се мери преку бројот на населението и просечниот доход на населението. Македонија со 2 милиони жители и низок доход по глава на жител има мал пазар и пазар со ниска апсорпциона моќ. Од друга страна, речиси 60 милиони луѓе во Франција , кои располагаат и со далеку поголем доход по глава на жител , ќе купуваат многу повеќе од сите видови добра и услуги.
  • Цените на добрата поврзани со тоа добро - овде посебно се значајни промените на цените на добрата кои се супститути на соодветното добро, како и цените на добрата кои се во комплементарен однос со соодветното добро. Добрата се супститути кога извршуваат иста функција, односно задоволуваат горе-долу иста потреба, поради што во потрошувачката се заемно заменливи- супститут за нафта е електрична енергија, за јагнешко месо е говедското месо , за путер е маргаринот итн. Позначајно зголемување на цената на путерот ќе ги сврти потрошувачите кон поголемо користење на маргарин, што ќе предизвика пораст на побарувачката за маргарин. Според тоа, кај супститутите , порастот на цената на едно добро води кон пораст на побарувачката за друго добро. Добрата се комплементарни (заедно се надополнуваат) кога зголемувањето на потрошувачката на едното добро предизвикува зголемување на потрошувачката на другото добро. Типичен пример се автомобилите и бензинот. Порастот на потрошувачката на автомобили, детерминира пораст на потрошувачката на бензин. Поради тоа смалувањето на цената на бензинот ќе услови пораст на побарувачката за автомобили и обратно.
  • Вкусовите на потрошувачите - вкусот и преференциите на потрошувачите се индивидуални и многу различни од еден до друг субјект. Едни луѓе преферираат , повеќе сакаат , модерни малолитражни автомобиили, други големи и комотни автомобили, трети спортски и моќни машини. Вие ја преферирате црвената боја, а вашиот брат или сестра зелената боја. Некои луѓе сакаат класично да се облекуваат , а други спортски. Покрај субјективно-психолошките елементи врз нашите вкусови силно влијание имаат и историските фактори, религиозните фактори , здраствените фактори , обичаите, традицијата итн. Некои религии, како што е случај со муслиманската религија , се противат на консиумирањето на свинското месо , кравата во Индија е свето животно и не смее да се коли итн. Модерната медицина не препорачува претерано консумирање на свинско месо и сугерира повеќе да се троши морската храна. Сето тоа влијае врз формирањето на нашите вкусови , а овие врз побарувачката на различните добра и услуги.
  • Очекувањата за движењето на цената на доброто во иднина - ако потрошувачите очекуваат пораст на цените на одредено добро или услуга во иднина, расте актуелната, сегашната побарувачка за доброто или услугата. Ако очекуваме паѓање на цената на едно добро во иднина , намалува побарувачката за тоа добро сега - практично ќе дојде до одлагање на потрошувачката во иднина, кога истото добро ќе може да се купи по пониска цена.
  • Други релевантни фактори и посебни влијанија - врз пазарната побарувачка за одредени добра и услуги влијаат и многу други фактори. На пример, лошото и врнежливо време ја зголемува побарувачката за чадори, обилните снежни врнежи ја зголемуваат побарувачката за скијачка опрема, добро организираниот јавен сообраќај во големите градови ја смалува побарувачката за автомобили и обратно.

[3]

Поместување на кривата на побарувачката[уреди | уреди извор]

Покрај промената на цената на добрата во практиката се менувааат и сите други фактори што ја детерминираат побарувачката. Кога цената на добрата останува иста а, а се менуваат сите дуги фактори од кој зависи побарувачката ,доаѓа до поместување на побарувачката кон десно или кон лево. Да претпоставиме дека просечниот доход на населението во една земја значително пораснал. Тоа ќе ја зголеми побарувачката за многу видови добра и услуги по секоја цена. Сличен ефект ќе има и порастот на бројот на жителите во една земја, бидејќи тоа значи пораст на големината на пазарот, порастот на цените на супститутите, очекувањето на пораст на цената на оделните добра во иднина и сл. Во обратен случај, пад на доходот на населението , намалување на бројот на жителите, опаѓање на цените на супститутите, очекување за намалување на цените на одделните добра во иднина и сл, ја поместуваат кривата на побарувачката кон лево, надолу. При оваа анализа треба да се запомни дека движењето низ кривата на побарувачката и поместувањето на кривата на побарувачката се две различни работи Движењето низ кривата на побарувачката е условена од промените на цената на доброто Х. Намалувањето на доброто Х предизвикува екстензија , а зголемувањето нa доброто Х предизвикува контракција на побарувачката . Поместувањето на кривата на побарувачката е условено од промената во другите фактори кои ја детерминираат побарувачката освен цената :промени во доходот на потрошувачите , големината на пазарот, цените на супститутите, вкусовите на потрошувачите, очекувањата на потрошувачите и сл. Во овој случај кривата на побарувачката се поместува кон десно или лево, во зависност, од карактерот на промената на наброените фактори. [4]


Поим за понудата и кривата на понудата[уреди | уреди извор]

Под понуда се подразбира количината на одредено добро што претпријатијата се сакаат и се способни да ја произведат и продадат за определен временски период. Притоа, слично како и кај побарувачката пазарната понуда, се добива со сумирање на сите количини на одредено добро, што индивидуалните претпријатија сакаат и се способни да ги произведат и продадат во определен временски период. При анализата на понудата исто така се поаѓа од поставката дека понудата е функција на пазарната цена на доброто, доколку другите фактори кои ја детерминираат понудата остануваат непроменети, се исполни принципот ceteris paribus . Односот помеѓу пазарната цена на едно добро и количината на доброто што производителите, претпријатијата, сакааат да ја произведат и продадат, ceteris paribus, ни ја дава кривата на понудата. [5]


Фактори што ја условуваат понудата[уреди | уреди извор]

Понудата е функција на дејството на поголем број фактори:

  • профитот на претпријатето (Pf)
  • цената на доброто (Px)
  • цената на другите фактори на производството - инпутите (Pi)
  • технологијата (T)
  • цената на другите добра што се во врска со доброто X (Pr)
  • други релевантни фактори (O)

Sx = f ( Pf, Px, Pi,Pr, T, O )

  • Профитот - претпријатијата произведуваат заради остварување на профит. Едно претпријатие ќе оствари профит само доколку неговиот вкупен приход е поголем од вкупните трошоци на производството. Според тоа претпријатието нема никогаш да произведува и нуди непрофитабилни производи - производи за кои мора да направи поголеми трошоци за производство од вкупниот приход што ќе го добие со нивната продажба. Во оваа смисла трошоците за производството на доброто Х имаат решавачко влијание врз одлуката на претпријатието за големината на производството и понудата на соодветното добро.
  • Цената на доброто Х - од висината на цената на определено добро што претпријатијата го произведува и нуди ќе зависи големината на профитот што претпријатието ќе го оствари. Повисока цена дава можност за покривање на трошоците на производство и реализирање на поголем профит.
  • Цената на другите фактори на производството (инпутите) - цената на инпутите што се користи како влезни елементи при производство на одделно добро како што се суровините, енергијата, трудот и сл. , влијаат врз висината на трошоците на производството на определен производ.
  • Технологијата - од карактерот на технологијата во голема мера зависат и трошоците на производството. Секое позначајно унапредување на технологиите води кон намалување на производствените трошоци.
  • Цената на другите добра што се во врска со доброто Х - овде повторно се многу значајни цените на супститутите. Да претпоставиме дека една автомобилска корпорација има подеднакво добри производствени можности за производство на лесни автомобили и тешки возила- камиони и автобуси. Доколку во меѓувреме дојде до позначаен пораст на пазарната цена на тешките возила, корпорацијата значаен дел од своите ресурси кои до тогаш ги употребувала за прозводство на лесни автомобили ќе ги пренасочи за производство на тешки возила. Ваквата реакција на корпорацијата е нормална бидејќи со повисоки цени производството на тешки возила ќе биде попрофитабилно.
  • Други релевантни фактори - многу други фактори во практика можат да дејствуваат врз производствената одлука на претпријатието да ја зголеми или намали понудата на определени производи. Меѓу нив посебно значајни се очекувањата за промените на цената во иднината и мерките и инструментите на економската политика во земјата.

[6]

Урамнотежување на понудата и побарувачката[уреди | уреди извор]

Досега ги анализиравме понудата и побарувачката и нивните детерминанти издвоено, изолирано, значи независно една од друга. Меѓутоа силите на понудата и побарувачката се соочуваат на пазарот и низ нивното заемно дејствување се формираат цените на добрата и услугите. Во еден момент понудата и побарувачката се урамнотежуваат, односно ги урамнотежуваат цените и количините на соодветно добро , а со тоа го урамнотежуваат и пазарот. Пазарната рамнотежа се постигнува во точката каде што купувачите се подготвени по дадената цена да ги откупуваат сите понудени количини, а продавачите се подготвени по истата цена да ги продаваат сите произведени количини од сопственото добро. [7]


Еластичност на понудата и побарувачката[уреди | уреди извор]

Еластичност на побарувачката, поим[уреди | уреди извор]

Предходните испитуавања потврдија дека помеѓу бараната количина за определено добро и висината на цената на доброто постои обратнопропорционална зависност: ако цената расте , побарувачката за доброто опаѓа односно ако цената опаѓа, побарувачката за доброто расте.Тоа беше, како што порано утврдивме, суштината на законот на побарувачката. Ценовната еластичност на побарувачката го покажува интензитетот на реагирање на бараната количина на некое добро на промената на цената, ceteris paribus.

Според тоа:

  • Побарувачката e еластична ако коефициентот на еластичност на побарувачката (Ed)> 1
  • Побарувачката не e еластична ако коефициентот на еластичност на побарувачката (Ed)< 1
  • Побарувачката e единична ако коефициентот на еластичност на побарувачката (Ed) = 1

[8]

Совршено нееластична и совршено еластична побарувачка[уреди | уреди извор]

Побарувачката е совршено нееластична кога промената на цената на определено добро не предизвикува никакви промени во бараните количини од истото добро. Кривата на побарувачката во случај на перфектна ценовна нееластичност на побарувачката е вертикална линија и покажува дека бараните количини на доброто се еднакви на секоја цена на истото добро. Другиот екстрем е совршено еластична побарувачка. Перфектно еластична побарувачка постои кога и мало зголемување на цената на доброто Х ќе предизвика бараното количество на доброто да падне на нула. Тоа е случај кај моделот на совршена конкуренција кога голем број ситни и меѓусебно независни производители произведуваат добро во ист или горе-долу ист квалитет. [9]

Фактори што ја детерминираат еластичноста на побарувачката[уреди | уреди извор]

Постојат 4 основни фактори што ја детерминираат ценовната еластичност на побарувачката.

  • Карактерот на доброто - дали се работи за луксузно или нужно добро. Бараните количини на нужните добра се релативно стабилни без оглед на промените на цената, бидејќи без нив луѓето неможат да опстанат.
  • Супститутите на добра - добрата што имаат добра супституција имаат висока ценовна еластичност на побарувачката.
  • Релативно учество на издатоците за доброто во вкупниот буџет на потрошувачот . Учеството на трошоците за различни зачини на пример , сол , црн пипер е минимално, поради што овие добра имаат типично нееластична побарувачка. Се разбира тоа не е случај со издатоците за превоз , стан и слично, кои се високи и со големо учество во семејниот буџет.
  • Времето што на потрошувачите им стои на располагање за да реагираат на промените на цените на добрата Еластичноста на побарувачката за исти добра обично е мала на краток рок и во нужда , а поголем на долг рок.

[10]

Еластичност на понудата[уреди | уреди извор]

Еластичноста на понудата го мери степенот, односно интензитетот на реакцијата на понудените количини на доброто Х на промените на неговата цена. Се разбира по иста аналогија како кај еластичноста на побарувачката, понудата е еластична, односно нееластична , кога реакцијата на понудените количини на промените на цените е силна или слаба. Еластичноста на понудата е единечна кога процентуалните промени на понудените количини е пропорционална со процентуалната промена на цените. [11]

Фактори што ја детерминираат еластичноста на понудата[уреди | уреди извор]

  • Времето што на претпријатието му стои на располагање за промена на производство и понуда во зависност од промената на цената - Во моментален рок , претрпијатијата не се во можност да го зголемат производството на одделни добра , сеедно што нивната цена на пазарот пораснала. Во вакви ситуациии понудата е перфектно нееластична. На краток рок , доколку цените на одделни добра се зголемат , претпријатието барем до некаде може да го зголеми производството, а со тоа и понудата на одделни добра, со активирање на варијабилните фактори на производството - воведување на повеќе сменско работење, ангажирање на повеќе суровини и сл. Во ваква ситуација понудата би покажала извесен степен на еластичност. На долг рок, претпријатието е во состојба значително да го зголеми производството на одделни добра како резултат на ангажирање, не само на варијабилите, туку и на фиксните фактори. Тоа значи дека на долг рок понудата покажува висок степен на еластичност.
  • Производствените можности на секторот - Има сектори во кои инпутите на производството лесно може да се обезбедат и да овозможат зголемување на производството и на понудените количини, тука еластичноста на понудата ќе биде висока. Но, постојат и економски сектори во кои ресурсите се нагласено ограничени - тука еластичноста на понудата е мала.
  • Мобилноста на ресурсите - Доколку брзината со која ресурсите можат да се пренесуваат од сектор во сектор од една во друга индустрија е голема , еластичноста на понудата ќе биде висока.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 43.
  2. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 45.
  3. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 46.
  4. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 48.
  5. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 50.
  6. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 52.
  7. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 54.
  8. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 56.
  9. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 59.
  10. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 61.
  11. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 62.
  12. Таки Фити, "Економија" (Трето издание ), Скопје , 2010 ,стр 63.