Оливер Твист (филм од 1948)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Оливер Твист“ (англиски: Oliver Twist) — филм на режисерот Дејвид Лин (David Lean) од 1948 година. Автори на сценариото се Лин и Стенли Хејнс (Stanley Haynes) со непотпишана соработка на Ерик Амблер (Eric Ambler) и Кеј Волш (Kay Walsh). Главните улоги ги играат: Џон Хауард Дејвис (John Howard Davies), Роберт Њутн (Robert Newton), Алек Гинис (Alec Guinness), Кеј Волш (Kay Walsh), Френсис Л. Саливен (Francis L. Sullivan), Хенри Стивенсон (Henry Stephenson), Мајкл Диар (Michael Dear), Мери Клер (Mary Clare) и Ентони Њули (Anthony Newley). Во 1948 година, филмот бил награден на фестивалот во Венеција, а една година подоцна бил номиниран за наградата БАФТА за најдобар британски филм. Ова остварување се смета за најуспешната екранизација на истоимениот роман на Дикенс во која Лин се истакнува со експресивната режија, успевајќи да создаде особена атмосфера во која емотивноста се надополнува со елементите на гротеска и хорор. Исто така, филмот се одликува со одлична фотографија, дело на Гај Грин (Guy Green), а Гинис ја остварил една своите најдобри улоги во кариерата.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Оливер Твист (го игра Дејвис) е сиромашно осмогодишно дете од благородничко потекло чија мајка умрела при пораѓањето, така што Оливер живее во домот за сираци со кој раководи г-н Бамбл (го игра Саливан). Поради божемна недисциплина, г-н Бамбл го продава Оливер на гробарот Соуербери (го игра Меклафлин). Еднаш, бранејќи ја честа на мајка си, Оливер се судира со гробаревиот помошник Ноа Клејпол (го игра Диар), па решава да побегне. Откако останува сам на улиицте на Лондон, Оливер го среќава 15-годишниот Артфул Доџер (го игра Њули), вешт ситен крадец, кој го упатува Оливер во тајните на крадењето. Доџер го носи Оливер во едно тајно засолниште, каде живеат повеќе деца-крадци, а таму Оливер се запознава со алчниот старец Фегин (го игра Гинис), кој е водач и ментор на малолетните крадци. Фегин соработува со опасниот злосторник Били Сајкс (го игра Њутн) и неговата жена Ненси (ја игра Волш), како и со злобниот Монкс (го игра Труман)...

Наводи[уреди | уреди извор]