Олга Папеш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Олга Папеш
Роден(а)1930
Велес
Починал(а)2011
НационалностМакедонка
ПроектиНародна банка на Република Македонија

Олга Папеш (родена во 1930 во Велес - починала во 2011) — македонски архитект.

Народна банка на Република Македонија
Народна банка на Република Македонија

Биографија[уреди | уреди извор]

Олга Папеш (1930-2011) е родена во Велес, родниот крај на Андреја Дамјанов и македонските зографи кои оставиле траен белег во културата и уметноста на Македонија, и го одредиле високо нејзиното место во културата и уметноста на најширокото опкружување. Зад себе има извонредно богато и креативно творештво како проектант и градител. Спаѓа во значајната група архитекти кои имале прилика по земјотресот од 1963 година да го градат новото Скопје, во периодот кога се градел нов однос кон модерното и традиционалното.

Олга Папеш дипломирала на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје кај проф.Милан Злоковиќ во 1960 година. Во 1958 година добила стипендија од ИАЕСТЕ и два месеци работела во Хаг, Холандија, во Градска служба за урбанизам. По дипломирањето, како стипендист на ГП Бетон, се вработила во новоформираното Проектантскотo биро „Бетон“. Во ова биро кое подоцна се трансформирало во Институт за студии и проектирање, ја завршила својата професионална кариера во 1990 година. Папеш била вклучена во проектирање на Автотурист, Механика, ф-ка Билјана, учествувала во делови на проектите на Цементара и Железара. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, била вклучена во обнова и изградба на градот. Учествувала во тим, во изработка на главниот проект на НУ Библиотека, главниот проект на Радиотелевизија Скопје, проектот Комплекс банки со лично одобрување од арх.Кензо Танге. Главно работела како архитекта чиешто творештво било претежно ориентирано кон објекти за домување.

Придонеси[уреди | уреди извор]

Во станбените колективни и индивидуални згради Олга Папеш направила успешен спој на традиционалниот и модерниот начин на живеење. Во решавање на станбената проблематика, Папеш успешно го реализирала принципот: школски издржана функционалност, еколошки и штедлив санитарен чвор, бања широко осветлена и проветреана, поврзана со кујна на ист инсталациски ѕид, предидување на простори за многу потреби од секојдневниот живот: гардеробер, остава, шпајз. Јавните објекти кои ги проектирала или учествувала во нивното проектирање и изградба претставуваат трајно градетелско и културно наследство на Македонија од 20 век. Таа не заминала од професијата по формалното заминување од работното место. Продолжила и останала ангажиран архитект, не само набљудувач и незадоволник туку активен учесник во одбраната на стандардите на професијата и во барањето да се почитува законитоста, нешто кое е повеќе од неопходно земајќи ги во предвид условите во кои се наоѓа нашата професија денес. Таа постојано потсетува на вредните архитектонски дела кои мора да ги почитува нашата средина, и се бори за зачувување на вистинските, единствени архитектонски вредности, што е единствен начин истите одново и одново да ги слушаат помладите генерации архитекти и да градат свој однос кон нив. Арх. Огла Папеш е сестрана личност која освен со својата професионална ангажираност се занимава и со фотографија, планинарство и е особен љубител на класичната музика. Олга Папеш претставува релевантен пример на архитект кој создава совршена архитекура без апликации, објекти каде е постигната фузија помеѓу рационалното и естетското, уметност која е олицетрворение на добрата архитектура.

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

  • БИМАС за Комплексот банки во Скопје
  • 2010 година добитник на наградата за животно дело "Андреја Дамјанов"
  • Нејзините професионални карактеристики ја чинат достојна добитничка на наградата за живото дело и особени достигнувања во областа на архитектурата и градетелството "Андреја Дамјанов"

Позначајни реализирани дела[уреди | уреди извор]

  • 1965 година Станбена зграда (П+4) на југоисточниот дел на улиците "Франклин Рузвелт" и "Орце Николов" во Скопје
  • 1968 година Комплексот банки во Скопје (со арх.Р.Лаловиќ)
  • 1969 година Станбена зграда (П+4) на северозападниот агол од улиците "Франклин Рузвелт" и "Орце Николов" во Скопје
  • 1971 година Станбена кула (П+8) со анекс хипермаркет во Кичево
  • 1976 година Станбен комплекс (П+4+По+П+6+По) во Струга
  • 1977 година Станбена зграда Б (П+4) на ул. "Митрополит Теодосиј Гологанов" во Скопје
  • 1980 година Станбени кули (П+7+По+П+9+По)на ул. "Митрополит Теодосиј Гологанов" во населба Тафталиџе , Скопје (со арх.Л.Ристевска)
  • 1980 година Станбена зграда (П+4+По) меѓу улиците "Франклин Рузвелт" и "Ристо Равановски" во Скопје
  • 1982 година Осумгодишно училиште во населбата Радишани, Скопје (со арх.Д.Крстев и Т.Мавкова)
  • 1987 година Станбена зграда (П+4) во Дебар
  • 1988 година Станбен комплекс "Лескајца" во Охрид (со арх.Н.Христоманова)