Обломов

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Обломов“роман на рускиот писател Иван Гончаров, пишуван од 1847 до 1859 година, а објавен во 1859 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Корицата на изданието на „Обломов“ од 1862 година.
  • Прв дел: Иља Иљич Обломов е самец на возраст од околу 30 години, потомок на старо спахиско семејство, а кој веќе 12 години живее во Петроград. Тој го завршил училиштето без никаков посебен интерес за науката, а по доаѓањето во градот, во текот на две години работел како службеник, но дал отказ од работата. Потоа, Обломов постепено се отуѓува од светот така што времето го минува не излегувајќи од дома, без никакви активности, лежејќи во постелата и фантазирајќи за разни нешта. Тој живее во изнајмен стан со својот слуга Захар — лукав, своеглав и мрзелив старец кој му е потполно верен на својот господар. Обломов е оптоварен од две грижи: мора веднаш да се исели од станот, а од настојникот на неговиот имот во Обломовка добива писмо дека ќе добие помал паричен приход. Истоштен од грижите, тој слатко заспива и сонува слики од животот во родната куќа. Захар едвај успева да го разбуди пред ручекот, а во тој миг во станот влегува Штолц, најдобриот другар на Обломов.[1]
  • Втор дел: Андреј Штолц, син на Германец и Русинка, израснал во едно село во близината на родната куќа на Обломов. По завршувањето на универзитетот заминал во Петроград, каде некое време работел како службеник, но набргу дал отказ, а потоа станал успешен деловен човек. Тој е вреден, паметен и практичен човек кој е морално цврст и не им робува на страстите, односно претставува спротивност на Обломов. Штолц успева да го иѕведе Обломов надвор од станот, ветувајќи му дека ќе му го преобрази животот. Наскоро, Штолц заминува во странство, Обломов се сели во изнајмена вила надвор од градот, а слугата Захар се оженува со готвачката Аниса. Пред д азамине, Штолц го запознава Обломов со младата Олга Илинска и набргу, Обломов се вљубува во неа, а таа, исто така, покажува интерес за него. Во една прилика, Обломов не може да ги задржи чувствата и ѝ ја искажува својата љубов. Подоцна, при една случајна средба во паркот, тој ѝ се извинува за непромислената постапка и тогаш сфаќа дека и таа го сака него. Под дејство на љубовта, кај двајцата настапуваат големи промени: Олга наеднаш созрева, додека Обломов живнува и го напушта стариот начин на живеење. Меѓутоа, плашејќи се Олга да не го остави во иднина, тој ѝ пишува писмо за разделба. Олга е потресена од писмото, а тие се среќаваат во паркот каде се помируваат и повторно си изјавуваат љубов. Откако целото лето го минуваат во среќа и љубовен занос, најпосле, Обломов ја бара Олга за жена, а таа веднаш прифаќа.[2]
  • Трет дел: Кон крајот на август, Олга и нејзината тетка на напуштаат вилата и се враќаат во градот. Обломов се сели во друг стан што му го наоѓа неговиот пријател Тарантјев. Станот се наоѓа на периферијата на градот и тој сака да го откаже, но не може да го направи тоа, зашто мора да плати голема отштета во согласност со договорот што го потпишал без воопшто да го прочита. Оттука, Обломов е растревожен од помислата на големите трошоци за свадбата, зашто тој нема ниту куќа ниту пари. Задлабочен од грижите, тој подолго време се крие од Олга, лажејќи дека е болен, но еден ден, таа ненадејно се појавува кај него. Истовремено, тој добива писмо од соседот во Обломовка, кој му соопштува дека имотот му е потполно запустен. Притеснет од потребата да дојде до пари, а немајќи желба самиот да замине во своето село, Обломов го замолува братот на сопственичката на куќата во која живее (Агафја Матвеевна Пченицина), кој му нуди еден свој пријател за управник на имотот во Обломовка. Всушност, Обломов воопшто не е свесен дека Тарантјев и братот на Агафја Матвеевна се измамници кои сакаат да ја искористат неговата неспособност и мрзеливост за да извлечат пари од него. Тој ѝ го соопштува својот план на Олга, а таа сфаќа дека Обломов не може да обезбеди услови за нивниот заеднички живот и бара од него да се разделат. Очаен од раскинувањето на врската, Обломов скита низ градот, а вечерта се прибира во својот стан духовно скршен.[3]
  • Четврти дел: По разделбата, некое време Обломов е болен, но постепено ја надминува болката. Една година подоцна, тој сè уште живее во куќата на Агафја Матвеевна, враќајќи се на својата поранешна летаргија. Додека го негува за време на неговата болест, Агафја несвесно се заљубува во Обломов, а тој се зближува со неа само поради тоа што таа е добра домаќинка која беспрекорно ги извршува сите секојдневни работи. Во меѓувреме, тој назначува управник на имотот во Обломовка, кој го известува за малиот приход од селаните и за потребните вложувања. На Илинден, за време на прославата на именденот на Обломов, во куќата на Агафја ненадејно се појавува Штолц. Тој му кажува на Обломов дека Олга е во странство и истовремено го зема под закуп неговиот имот во Обломовка. Брат ѝ на Агафја и Тарантјев се загрижени да не биде откриена нивната измама, но исто така коваат план како да извлечат уште повеќе пари од Обломов. По кратката средба, Штолц си заминува, но не му кажува на Обломов за средбата со Олга во Париз и за секојдневното дружење со неа во текот на неколку месеци. Притоа, забележувајќи дека таа во меѓувреме се променила и созреала, Штолц се заљубува во неа, а Олга ја забележува неговата љубов и ги преиспитува своите чувства кон него. Најпосле, таа му кажува на Штолц за својата романса со Обломов и веднаш потоа ја прифаќа неговата понуда за брак. Во меѓувреме, Обломов и Агафја потпишуваат меници во корист на нејзиниот брат кој така ги присвојува сите пари кои Штолц му ги испраќа на Обломов од имотот во Обломовка. Еден ден, Штолц ненадејно го посетува Обломов и му кажува дека е оженет со Олга. Притоа, согледувајќи ја сиромаштијата на Обломов, Штолц ја разоткрива измамата со мениците и издејствува братот на Агафја да биде избркан од работното место. Веднаш по заминувањето на Штолц, во домот на Обломов доаѓа Тарантјев кого тој грубо го брка од куќата и така засекогаш се ослободува од неговите сплетки. Така минуваат неколку години во кои Штолц и Олга живеат во Одеса. Нивниот брак е среќен и хармоничен, исполнет со заедничка работа и љубов. Во бракот, Олга се развива духовно, но по неколку години ја зафаќа тага и таа бара од Штолц да го спасат Обломов од бедниот живот. Во меѓувреме, во домот на Агафја се враќа среќниот и удобен живот при што сите се трудат да му угодат на Обломов кому повеќе не му додеваат двајцата измамници. Меѓутоа, како последица на лошиот начин на живеење, тој доживува срцев удар. По пет години, него го посетува Штолц, кој го кани кај себе во селото, но Обломов ја одбива понудата. Така, тие се разделуваат засекогаш, а Обломов го замолува Штолц да се грижи за малиот Андреј — неговиот тригодишен син од бракот со Агафја. Минуваат уште пет години во кои се случуваат големи промени: Обломов е веќе три години мртов, откако во меѓувреме повторно претрпува срцев удар; куќата пропаѓа и во неа се вселува братот на Агафја; нејзиниет две деца од првиот брак се веќе самостојни и не живеат со неа; малиот Андреј живее со Штолц и со Олга, кои го воспитуваат; Агафја жали долго време за Обломов и постепено пропаѓа и живее повлечена во себе, задоволна од својата љубов кон Обломов. Еден ден, Штолц и еден негов пријател-писател го посетуваат Виборскиот крај во кој живеел Обломов и случајно среќаваат стар просјак, а тоа е Захар кого по смртта на Анисина бил избркан од куќата. Штолц му нуди да го земе со себе во селото, но Захар не сака да се раздели од гробот на Обломов. Откако му дава пари, Штолц си заминува, а на писателот му раскажува за животот на обломов.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Иван А. Гончаров, Обломов (роман у четири дела). Нови Сад: Матица српска, 1949, стр. 1-170.
  2. Иван А. Гончаров, Обломов (роман у четири дела). Нови Сад: Матица српска, 1949, стр. 171-328.
  3. Иван А. Гончаров, Обломов (роман у четири дела). Нови Сад: Матица српска, 1949, стр. 329-428.
  4. Иван А. Гончаров, Обломов (роман у четири дела). Нови Сад: Матица српска, 1949, стр. 429-568.