ОУ „Ристо Шуклев“ - Негорци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
„Ристо Шуклев“
Поглед на основното училиште
Поглед на основното училиште
Место
Општина: Општина Гевгелија
Наречено по: Ристо Шуклев
Нас. место: Негорци
Адреса: Маршал Тито 22б
Основни информации
Настава на: македонски
Контактни информации
Мреж. место oouristosuklev.edu.mk/index.htm

Основно училиште „Ристо Шуклев“ (официјално: Основно општинско училиште „Ристо Шуклев“ - Негорци; скратено: ООУ „Ристо Шуклев“) — единствено основно училиште во селото Негорци. Училиштето се наоѓа во средишниот дел на селото Негорци, сместено во нова училишна зграда, изградена во 1944 година.

Историја[уреди | уреди извор]

Старата училишна зграда на денешното училиште
Старата училишна зграда во 1931 година
Старата училишна зграда во 1931 година

Почетоците за организиран воспитно-образовен процес во Негорци датираат од 1873 година кога било отворено првото пропагандно училиште со настава на грчки јазик.

Во 1908 година било отворено егзархиско училиште во кое наставата се изведувала на бугарски и македонски јазик.

Во учебната 1910/11 година месното население финансирало македонско црковно-општинско училиште во кое настава изведувал македонски учител.

Под влијание на српската политика и власт, во 1913г во Негорци било отворено српско училиште.

Во периодот од 1915-1918 г. Македонија е под бугарска власт, но немало отворено училиште сѐ до назначувањето на новата српска власт на Кралството на Србите, Хрватите и Словените кога во учебната 1918/19 г. било отворено училиштето со настава на српски јазик.

Од година во година се зголемувал бројот на учениците, а наставата се изведувала во несоодветни услови. Во 1926 г. била изградена училишна зграда. Истата била реновирана по земјотресот во 1931 г.

На 2 август 1944 г. одржано е Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчињски кога македонски јазик е прогласен за службен јазик. Во октомври почнале да се организираат курсеви за народни учители. Таков курс се организирал и во селото Серменин.

Од 1 декември за прв пат официјално народните учители наставата почнале да ја изведуваат на македонски јазик, а учениците да учат на својот мајчин јазик.

За име и патрон на училиштето се зема името на учесникот во народноослободителната војна, Ристо Шуклев, роден на 25.10.1912 во Негорци а убиен на 4.1.1944, во близина на Гевгелија, кај месноста Мала Река. Во НОВ активно се вклучува во 1943г. со организирање и достава на храна и облека на партизаните а како вработен во државните служби, имал пристап до доверливи информации, корисни за борците од НОВ.

Првите народни учители во Негорци биле Иван Антонов, Димитар Попов а потоа и Ѓорге Козаров и Цветанка Јосифова. Иако со неоформено средно образование и едногодишна работа, овие учители дале голем придонес во описменувањето на младата популација и на возрасните. Во учебната 1944/45г. во Народното основно училиште „Ристо Шуклев“ во Негорци учители биле Асен Чалков, Анка Ичоќаева, а по нив Борис Попов, Александар Лазаров и Софија Камберова. Биле опфатени деца на возраст од 7 - 15 години во основно четиригодишно образование.

Од 1948 г. основното образование од четиригодишно прераснува во седум-годишно образование со полагање мала матура.

Наставниот кадар во училиштето бил со неоформено учителско образование до учебната 1950/51г. Поголемиот број од нив посетувале учителски курсеви за време на летниот распуст. Меѓу првите учители од населеното место биле Слободан Мурџев, Илија Николов и Ванчо Баламов.

На ниво на држава во учебната 1952/53г. e воведен осумгодишниот образовен систем, а во училиштето во Негорци за прв пат е формирана паралелка во VIII одд во учебната 1957/58г.

Во учебната 1963/64г. училиштето прераснува во централно основно училиште со подрачни училишта во Серменин, Кованец и Прдејци, а во учебната 1965/66г. отворена е забавишна група за децата пред поаѓање на училиште. Прв учител во забавишната група била Савка Баламова.

Капацитетот на училишната зграда не ги задоволува потребите, па во 1971г. почнува да се гради нова училишна зграда. Истата е пуштена во употреба во учебната 1972/73г. Од 1976г. наставата се изведува во една смена, а во старата училишна зграда се користат простории за интернатско сместување на учениците од другите села. Од учебната 1985/86г. интернатот престанува да работи поради обезбеден бесплатен превоз за учениците.

Со развојот на општествено-економските услови се зголемува бројот на вработени родители и се јавува потреба од организирано згрижување на децата од предучилишна возраст. Во 1976г. изградена е Детска градинка која до 31.08.1992г. работи во состав на училиштето а потоа е превземена од КДУ„Детска радост“ од Гевгелија.

Подрачното училиште во Серменин престана да работи во 1980/81г. а подрачното училиште во Кованец во учебната 2000/01г. Во состав на ООУ„Ристо Шуклев“ останува да работи само подрачното училиште во Прдејци со две комбинирани паралелки.

Во 1982г. училишната библиотека се здружува со селската а во 1992/93г. целиот книжен фонд е префрлен во училиштето.

Освен редовната настава, во училиштето се реализираа и програми за возрасни, односно настава за вонредни ученици за стекнување основно образование.

По 50 години од воведувањето осумгодишно образование, во учебна 2007/08г. воведено е деветгодишно основно образование.

Училиштето денес[уреди | уреди извор]

Училиштето денес

ООУ „Ристо Шуклев“ се наоѓа во центарот на населеното место Негорци. Опфаќа околу 2172м2 училишен простор и 3972м2  дворна површина.   Просторот и условите за работа овозможуваат солидно реализирање на наставните и воннаставните активности во училиштето. Наставата е кабинетска и се изведува во една смена. За реализација на наставата по физичко и здравствено образование има  фискултурна сала и  спортски игралишта што се во училишниот двор. Влезниот дел на училиштето е збогатен со еколошко и етнолошко катче, а ходниците со изложени награди, пехари, дипломи и други признанија, ликовни, литературни и други изработки од учениците. 

Подобрена е состојбата со прозорците на спратот, поставени се нови прозорци и влезна врата од ПВЦ столарија  со средства од Проектот за модернизација и донација од Општина Гевгелија. Во тек е реализацијата на ПЕП проектот за реконструкција на училишта со цел да се променат и  останатите прозорци. 

Опременоста на училиштето со потребен инвентар и нагледни средства е добра. Последниве неколку години е зголемен бројот на наставни и други современи аудио-визуелни средства со помош на ПМО, добиена е опрема за наставата по музичко образование од фондацијата „Тоше Проески“ преку УСАИД, набавени се нови клупи и столчиња, обезбеден кабинет по информатика со соодветен инвентар од Влада на РМ. Бројот на компјутери е доволен со помош на проектот „Компјутер за секое дете“. 

Наставата се реализира  во два објекта – централна училишна зграда во Негорци и подрачна училишна зграда во Прдејци.  Условите за работа се подобрени со замена на вратите на училниците во централното училиште, реновирање на санитарните јазли и во двата објекта, набавка на нови плакари во училниците и канцелариите и поставување на систем за видеонадзор и обезбедување.

Во однос на опременоста на училиштето:

  • 6 училници за предметна настава-опремени со десктоп компјутери
  • 3 училници за одделенска настава-опремени со преносни компјутери 

(преку проектот на Владата  „Компјутер за секое дете“)

  • преносни компјутери за сите наставници-од Министерството за образование и наука
  • нови нагледни средства за одделенска и предметна настава според потребите за реализација на наставните програми
  • нови детски музички инструменти за работата на училишниот хор

Во училиштето има вкупно 27 вработени, од кои 20 наставници (плус 3 наставника од други училишта) и 7 раководни, стручни и технички лица.

Галерија[уреди | уреди извор]

За патронот[уреди | уреди извор]

Патронот на училиштето „Ристо Шуклев“

Основното училиште во Негорци го носи името на еден од активните соработници на Народноослободителната борба и жртва на фашизмот, Ристо Шуклев.

Роден е на 25.10.1912 г во Негорци. Учествувал во акции на прогресивните младинци во текот на 1939/40г на просторот на Негорци и Горничет. Со излегувањето на првите партизани  од гевгелискиот крај во април 1943 г, тој учествувал во собирање храна,  облека и друг материјал. Станал член на КПЈ во октомври 1943 г. Работел како службеник за војни  прашања па за потребите на Општинскиот комитет доставувал списоци за војни обврзници. Ристо Шуклев на 25 декември бил затворен со обвинување дека доставува доверливи податоци од воен карактер на партизаните. По неколкудневно ѕверско мачење во истражниот затвор во Гевгелија заедно со уште тројца затворени активисти од Негорци, на 4.01.1944 г се однесени во месноста „Мала река “ западно од Гевгелија за да покажат каде се партизаните. По ѕверското мачење, биле убиени, а во декември 1944 г нивните посмртни останки  се пренесени и погребани во Негорци.

Учество на натпревари[уреди | уреди извор]

Училиштето редовно зема учество на регионалните и државните натпревари во Македонија.

Проекти во кои е вклучено училиштето[уреди | уреди извор]

  • Во учебна 1997/98г  училиштето беше вклучено  во  Проект „Координирана наука – физика“ во организација на ПЗМ
  • Во учебна 2000/01г - Проект „Граѓанско општество“ -  „Основи на демократија“ во одделенска настава и „Ние народот проект граѓанин“во V и VI одд (од II полугодие)
  • Во учебна 2002/03г - Проект „Активна настава“ во одделенска настава 
  • Во учебна 2002/03г - Проект ЦИС - НВО од Италија 
  • Во учебна 2004/05г - Проект „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во наставата“ во организација на БРО
  • Во учебна 2004/05г - Проект Е Школа од УСАИД за обука на наставници за работа со компјутер. Обуката продолжува и во учебна 2005/06г
  • На крајот на учебна 2005/06 и пред почетокот на учебна 2006/07г – Проект Обука за компјутери во организација на БРО
  • Во учебна 2006/07 и 2007/08г – Проект за модернизација на образованието (ПМО) финансиран од Светска банка, Холандска влада и Влада на РМ
  • Учебна 2007/08г – Проект за реконстукција финансиран од локалната самоуправа      
  • Учебна 2007/08г – Проект „Компјутер за секое дете“ од Влада на РМ
  • Учебна 2008/09г – Проект за основно образование ПЕП за реновирање на основни училишта финансиран од УСАИД
  • Учебна 2008/09г – Проект „Образование за животни вештини“ во нижите одделенија во организација на БРО

Подрачни училишта[уреди | уреди извор]

Во рамките на општинското основно училиште „Ристо Шуклев“ се наоѓаат и две подрачни основни училишта од прво до петто одделение, а чии ученици подоцна наставата ја продолжуваат во средишниот објект на училиштето во селото Негорци. Овие училишта се:

  1. Подрачно основно училиште „Ристо Шуклев“ во село Кованци
  2. Подрачно основно училиште „Ристо Шуклев“ во село Прдејци

Надворешни врски[уреди | уреди извор]