Носорог (пиеса)

Од Википедија — слободната енциклопедија


Носорог, во изведба на Накшин театарот

Носорог (француски: Rhinocéros) — театарска пиеса од Ежен Јонеско, напишана во 1959 година. Пиесата била вклучена во студијата на Мартин Еслин за повоената авангардна драма „Театар на апсурдот“, но познавачите на оваа проблематика ја отфрлиле како многу ограничено означување. Низ трите чина на пиесата, жителите на некој мал провинциски град во Франција се претвораат во носорози; на крајот, единствениот човек кој не подлегнува на таа масовна преобразба е главниот лик Беранже, збунет обичен човек кого во почетокот на пиесата го критикуваат поради пиењето, доцнењето и неуредноста, а подоцна поради неговата параноја и опсесија со носорозите. Пиесата често се смета како одговор и критика на брзиот подем на комунизмот, фашизмот и нацизмот пред Втората светска војна и ги истражува прашањата на конформизмот, културата, масовните движења, менталитетот, филозофијата и моралот.

Станува збор за сатира на човечкото однесување и колку човекот потпаѓа под влијание пред подемот на една идеологија: обично првин се појавува некој феномен што се однесува на мал број луѓе, но потоа го прифаќаат и оние кои во почетокот жестоко ја одбивале таа појава; меѓутоа, по тоа одбивање следува рамнодушност и феноменот почнува да се шири, луѓето почнуваат да се навикнуваат на она што дотогаш го одбивале (луѓето стануваат пасивни пред подемот на моќта).

Потоа, појавата опфаќа сѐ поголем број луѓе. Јонеско го потцртува капацитетот на таквиот феномен, да собере различни луѓе околу една централна тема (во случајов, „дивата состојба“) и фактот дека своја улога има и незадоволството и разочарувањето на секој човек.

И најпосле, кога феноменот ќе се рашири, авторот потсетува на состојбата на масовност кога сите се придружуваат на феноменот, а останува само еден поединец, некој на кој порано му се префрлало за неактивност и за мечтаење, кој сега луцидно се противи на колективното лудило.

Резиме[уреди | уреди извор]

Пиесата е поделена во три чина и секој чин покажува еден стадиум во развојот на „носорогитисот“.

Чин I[уреди | уреди извор]

Почетокот на пиесата се одвива на мал плоштад во провинциско гратче во Франција. Двајца пријатели - елоквентниот, интелектуален и неверојатно горделив Жан, и едноставниот, срамежлив и љубезен пијаница Беранже – се среќаваат во кафеана за да поразговараат за нешто нејасно но неодложно. Наместо да разговараат како што се договориле, Жан збеснува зашто Беранже доцни и е пијан и го кара додека еден носорог минува по плоштадот и тоа ги вџашува сите луѓе. Сите почнуваат да зборуваат за тоа, тогаш се појавува друг носорог кој ќе ја смачка мачката на една жена. Тоа кај луѓето предизвикува неверојатен бес и тие заклучуваат дека не смее да се допушта таму да минува носорог. На сцената се гледа масовно собирање на луѓе.

Чин II[уреди | уреди извор]

Беранже доцни на работа во редакцијата на локалниот весник, додека дактилографката Дејзи (која е во врска со Беранже) се обидува да го покрие. Во канцеларијата доаѓа до расправија меѓу чувствителниот и логичен Дидар и насилниот и жесток Ботар; Ботар никако не верува и тврди дека не е можно во Франција да се појави носорог иако очевидците тврдат дека е можно.

Одеднаш, се појавува госпоѓа Беф[a] (сопруга на еден од колегите) и вели дека нејзиниот сопруг се претворил во носорог и дека улицата е полна со луѓе претворени во носорози. Ботар се противи на таканаречениот масовен „носорогитис“ додека госпоѓа Беф тврди дека месното население е доволно умно за да може некој да го измами со празна реторика. Господин Беф (претворен во носорог) доаѓа и ги крши скалите кои водат до канцеларијата, а во неа остануваат заробени сите вработени заедно со шефот, господин Папијон.[б] Госпоѓа Беф скока долу и му се придружува на мажот додека вработените бегаат низ прозорецот.

Беранже оди да го посети Жан за да му се извини за караницата од претходниот ден и го наоѓа в кревет и болен иако дотогаш никогаш не бил болен. Двајцата пријатели повторно почнуваат да се расправаат, првин за можноста луѓето да се претворат во носорог, а потоа за моралноста на таквата преобразба. Во почетокот Жан е решително против носорозите, но постепено почнува да попушта. Како што напредува сцената, кожата на Жан почнува да станува сѐ позелена, џумката на главата прераснува во рог, гласот му станува зарипнат и тој почнува да се врти низ станот како ѕверка во кафез. На крајот, тој изјавува дека носорозите имаат исто така право на живот како и луѓето и дека „Хуманоста е мртва, а тие што ја практикуваат се стари сентименталисти“ пред да стане и самиот носорог и пред да јурне и да излезе од станот на Беранже.

Чин III[уреди | уреди извор]

Сите во градот подлегнуваат на риносеритисот освен Беранже, Дидар и Дејзи. Беранже е заклучен во својот стан и вреска против носорогот кој ја уништува цивилизацијата додека Дидар доаѓа за да го провери. Дидар ја банализира состојбата со преобразбата и вели дека секој има право да одбере што ќе прави, па дури и да се преобрази, додека Беранже настојува на тоа дека преобразбата не може да биде доброволна, затоа што неговиот пријател Жан првин го мразел носорогот и дека најверојатно тоа е перење на умот. Дидар се противи велејќи дека луѓето можат да го менуваат мислењето, да го развиваат и на крајот заклучува дека тој мора „да ги следи своите врсници и своите водачи“ и пред да си оди се претвора во носорог.

Пред тој да замине, доаѓа Дејзи. Таа и Беранже сфаќаат дека се сосема сами, дека се единствените луѓе оставени во светот на чудовишта. Беранже ѝ изјавува љубов на Дејзи, а љубовта е заемна. Двајцата се обидуваат, макар на кратко, да водат нормален живот меѓу носорозите. Беранже изјавува дека ќе се обидат да ја обноват човечката раса, Дејзи се оддалечува од него и навестува дека Беранже не ја сфаќа љубовта. Таа почнува да верува дека носорозите имаат право, дека всушност тие се навистина страсни. Без да размисли, Беранже ја удира, но веднаш потоа се покајува. Двајцата ја согледуваат својата состојба и извикнуваат дека: „само за неколку минути поминавме дваесет и пет години брачен живот!“ Се обидуваат да се смират, но не успеваат. Кога Беранже ќе почне да се гледа во огледало барајќи знаци на преобразба, Дејзи тивко си оди за да им се приклучи на носорозите.

Кога ќе сфати дека е сосема сам, Беранже жали за своето однесување кон Дејзи. Во својата осаменост, почнува да се сомнева и во своето постоење - во својот јазик, изглед и ум. Тој е сам, смета дека згрешил и се обидува да се претвори во носорог. Тој се бори, но не успева. Застанува пред огледалото, лице в лице со својата судбина и со борбата за да го прифати местото што самиот си го дал. Одеднаш, се прибира и повторно си дава збор дека нема да се претвори во носорог. Беранже храбро извикнува: „Нема да попуштам!“

Неуспешно говорење[уреди | уреди извор]

Како во повеќето пиеси на Јонеско, авторот користи некаква неуспешна комуникација за да симболизира еден начин на мислење. Таквата комуникација се појавува повеќепати во пиесата, но најзначајна е кога логичарот му зборува на стариот господин. Всушност, тој пасус е низа од лажни силогизми наменети да го убедат стариот господин во величината на логиката. Тоа се должи на траумата што ја оставила Втората светска војна. Навистина, по ужасите на Втората светска војна, Јонеско и други драматурзи на театарот на апсурдот недостатокот на човечност го објаснуваат со недостаток на комуникација.

Дух на систем[уреди | уреди извор]

Многу брзо се забележува дека ликовите во пиесата (со исклучок на Беранже) се заробени во дух на систем што го има секој човек. На пример, логичарот мисли на некоја состојба и ја анализира само со помош на логиката која му овозможува да разбере сѐ: значи, тој анализира со логичен пристап. Господин Папијон размислува со директорска визија. Жан ја анализира состојбата со идеи кои се блиски до десните идеологии (величина на сила, на волја) додека Ботар доаѓа до истите заклучоци но со пристап кој е поблизок до левичарството што подоцна ќе биде квалификувано како такво од секој шеесетосмаш. На тој начин Јонеско навестува дека системот „каков и да е“ може постепено да води кон оправдување на неприфатливото - во пиесата симболизирано преку претворањето на ликовите во носорози.

Измешани регистри[уреди | уреди извор]

Наспроти класичните пиеси, во кои употребениот регистар се гледа во сцената на експозиција, Носорог има различни регистри. Прво е фантастичниот регистар. Појавата на носорогот навистина е надреалистичен елемент во еден реалистичен кадар. Потоа, комичниот регистар, преку комичното гестикулирање, јазикот, повторувањето, но постои и впечатокот на неред со кој се одликува пиесата. Конечно и трагичниот регистар кој е навестен уште од првата сцена со неуспешното говорење, со менувањето на ставовите кај Беранже и другите ликови и со монологот на Беранже кој ќе го натера да им се спротивстави на носорозите.

Адаптации[уреди | уреди извор]

Пиесата била адаптирана за истоименот филм Носорог, снимен во 1974 година, режиран од Том Д’Орган, со Зер Мостел, Џин Вајлдер и Карен Блек[1].

Јан Леника го реализира краткиот анимиран филм Јан Леника Носорог (Die Nashörner) со тема од пиесата[2].

Во 1990 година е направена и музичка адаптација под наслов Повторно роден за Фестивалот на театарот во Чичестер, од режисерот Петер Хол, од Џулијан Бари и композиторот Џејсон Кар[3].

Играниот филм од Б категорија Зомби стриптиз исто така има повеќе наводи со пиесата.

Наводи[уреди | уреди извор]

Белешки[уреди | уреди извор]

а) Беф (Boeuf) на француски значи „вол“.

б) Папијон (Papillon) на француски значи „пеперуга“.