Некои го сакаат тоа жешко

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Некои го сакаат тоа жешко (Some Like It Hot) - американски филм од 1959 година, во режија на Били Вајлдер. Главните улоги ги толкуваат: Мерилин Монро, Тони Кертис, Џек Лемон, Џорџ Рафт, Џо Е. Браун итн. Во 1960 година, филмот добил една награда „Оскар“, во категоријата за најдобри костуми, а бил номиниран во уште пет категории. Истата година, филмот добил три награди „Златен глобус“, и тоа за: најдобар филм - комедија, најдобра глумица во комедија или Мјузикл и најдобар глумец во комедија или мјузикл. Исто така, филмот се закитил и со една награда на БАФТА (Џек Лемон во категоријата „најдобар странски глумец“)[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се случува во Чикаго и Флорида, во 1929 година. Џо (го игра Кертис) и Џери (го игра Лемон) се музичари кои едвај заработуваат за живот. Сосема случајно, тие се сведоци на масакрот на денот на св. Валентин, кога една група мафијаши безмилосно убиваат други мафијаши. Знаејќи дека шефот на убијците, Спатс Коломбо (го игра Рафт) лесно ќе ги пронајде во Чикаго, тие му се приклучуваат на еден женски оркестар при што се преправаат во жени при што Џо го зема името Џозефина, а Џери - името Дафне. Се разбира, тие имаат големи проблеми во нивната нова улога, зашто тешко можат да им одолеат на девојките со кои се дружат.
Кога пристигаат во хотелот во Флорида, милионерот Озгуд Филдинг III (го игра Браун) се вљубува во Џери (Дафне), додека Џо се вљубува во пејачката Шугар Кејн (ја игра Монро). За таа цел, Џо изигрува дека е милионер од семејството кое го поседува нафтениот гигант „Шел“. Шугар Кејн е незадоволна од себе, зашто веќе имала неколку лоши искуства со разни саксофонисти, кои ја напуштиле. Лажниот милионер Џо ја кани Шугар Кејн на „својата“ јахта (всушност, тоа е јахтата на Озгуд Филдинг III), каде ѝ кажува измислена приказна дека по несреќниот случај во кој погинала неговата девојка, тој има ментален проблем и не чувствува ништо кон жените. Шугар Кејн сака да му помогне со серија бакнежи.
Проблемите настануваат кога во истиот хотел се собираат мафијашите на нивното годишно собрание, меѓу кои и Спатс Коломбо. Џери и Џо веднаш се обидуваат да избегаат, но мафијашите ги забележуваат и почнуваат да ги бркаат во хотелот. Џо и Џери се кријат под масата на која седнува Коломбо, кој за време на состанокот е убиен. Сега, Џо и Џери, кои се сведоци на убиството, се прогонети од другите мафијаши. Затоа, тие веднаш заминуваат на јахтата на Озгуд Филдинг III. Додека пловат во чамецот, Џо и Џери им го откриваат вистинскиот идентитет на Шугар Кејн и на милионерот кој, независно од тоа сознание, сака да се ожени со Дафне (Џери).[2]

Наводи[уреди | уреди извор]