Микрометарски винт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Микрометарски винт за внатрешни и надворешни мерења како и длабиномер
Микрометарскиот винт покажува 5,78 mm
Голем микрометарски винт

Микрометарскиот винт е мерен инструмент со точност на отчитување на мерената вредност од 0,01 mm. Слично како шублерот, микрометарскиот винт се состои од подвижен и неподвижен дел. Наместо да се лизга, подвижниот дел се поместува со помош на винт. Мерењето на должини со помош на микрометарскиот винт се заснова на пропорционалноста меѓу транслациското поместување на винтот и аголот на придвижувањето на винтот. Кога винтот се врти во матицата, неговото поместување се отчитува на неподвижната скала така што се следи работ на цилиндарот. Одот на винтот (транслациското поместување за цел круг) изнесува точно 0,5 mm. Со оглед дека скалата на цилиндарот е поделена на 50 делчиња, можно е да се мери должина со точност на отчитување од 0,01 mm, што е петкратно поточно од можноста која ја дава шублерот.

Телото чии димензии се мерат, се поставува меѓу наковалната и винтот (подвижниот дел), а винтот се приближува кон телото сè додека не го допре. Допирот мора да биде нежен за да не се деформира телото. Пожелно е притисокот да биде секогаш ист. За да се постигне тоа, микрометарскиот винт се врти исклучиво со помош на запчесто тркалце сензор кој кликнува кога притисокот на подвижниот дел на телот достигне одредена вредност. После тоа нема потреба повеќе да се врти назабената глава бидејќи сигурносниот механизам на микрометарскиот винт спречува понатамошно стегање. Цилиндарот со ротирачка нониус-скала не смее да се гиба.

Неподвижната скала со линии е поделена на должини од 0,5 mm, а на работ на цилиндарот се наоѓа линеарна скала со ознаки од 0 до 50. Горните линии означуваат полни милиметри. Со вртење на цилиндарот за полн круг, тој се поместува за пола милиметар, па е потребно на неподвижната скала да се означат и половините од милиметарот.

Анимација на мерење на објект (црн) со должина од 4,14 mm со микрометарски винт

Историја[уреди | уреди извор]

Првиот микрометарски винт го направил англискиот астроном Вилијам Гаскоњ (William Gascoigne) во XVII век. Тој го користел на телескоп за да ги мери аглите меѓу ѕвездите. [1] Измените за рачен мерен инструмент ги направил Жан Лоран Палмер (Jean Laurent Palmer), во Париз во 1848 година, па Французите и денес го нарекуваат палмер. [2]


Поделба на микрометарските винтови[уреди | уреди извор]

Основната поделба на микрометарските винтови е врз основа на начинот на мерење.

  • микрометарски винт за надворешни мерења (за мерење на дебелина на жици, оски, надворешниот пречник на валци и цевки)
  • микрометарски винт за внатрешни мерења (внатрешен пречник на цевки и сл.)
  • микрометарски винт – длабиномер (за мерење на длабината на навои и сл.)

Посебни видови на микрометарски винтови[уреди | уреди извор]

  • специјален микрометарски винт за отчитување на внатрешните мери
  • комбинација на микрометарски винт и двокрако мерило за прецизно отчитување на внатрешните мериa
  • специјален микрометарски винт за мерење на дебелината на лим
  • специјален микрометарски винт за мерење на длабочина
  • специјален микрометарски винт за мерење на чекорот на навои

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Merriam-Webster: "Merriam-Webster Online Dictionary", publisher = Merriam-Webster, [1] 2007.
  2. Roe 1916:212. books.google.com

Поврзано[уреди | уреди извор]