Меглено-влашки дијалект (Гевгелија и Гевгелиско)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Меглено-влашки дијалект (Гевгелија и Гевгелиско) со одлука е прогласен за културно наследство со особено значење, со национална класификација за културно наследство број 3.2.6.1.2.[1]

Опис на доброто[уреди | уреди извор]

Мегленскиот или меглено-влашкиот говор (јазик) е посебен и подвоен од ароманскиот. Застапен е со повеќе говори- седум села, седум говори, од кои во границите на Р Македонија се зборува во Гевгелија и Гевгелиско со претставник во таканаречениот уминечки меглено-влашки говор.

Локација[уреди | уреди извор]

Мегленскиот- уминечкиот дијалект се простира на релацијата Гевгелија- Богородица- Неготино- Велес- Скопје.

Посебни карактеристики[уреди | уреди извор]

Меглено-влашкиот дијалект се издвојува со посебни карактеристики од ароманскиот и од романскиот. Во лексиката има зачувано доста црти карактеристични за романскиот, додека во морфо-синтаксата, т.е. во граматичката структура преовладуваат словенските (македонските) карактеристики, на пример: глаголскиот вид- образување на свршени глаголи со прегиксација како во македонскиот.

Потекло[уреди | уреди извор]

Власите и влашкиот јазик се резултат на латинизацијата која се водела во периодот на владеењето на Римското царство на просторите на балкански Полуостров, а најсигурно почнува од 148 г.п.н.е. кога Македонија била прогласена за колонија на Римскиот Сенат. Латинизацијата се вршела со механички прилив на римско или веќе латинизирано население од други римски провинции како и со латинизирањето на месното население низ вековите. Со прогласувањето на грчкиот јазик за службен- административен јазик во Источното Римско царство, како и со масовното покрстување на балканските простори почнува и приливот на грчките зборови во влашкиот јазик, а подоцна и на словенските зборови, а од крајот на XIV век и на турските зборови.

Мегленските говори и дијалектите биле настанати под поинакви околности во Меглен, односно со трајното населување на еден поприличен број на латинизирано население од пределите на Белград и околината и помешани со Печенези.

Негување на доброто[уреди | уреди извор]

Истражувањата вршени од извршители во Институтот за фолклор, изготвувачи на докторски дисертации и дипломски работи, како и изготвувачите на збирки фолклор и речници.

Употреба на доброто[уреди | уреди извор]

Мегленскиот говор е во секојдневна употреба меѓу влашкото мегленско население на територијата на Република Македонија, Албанија, Грција, Турција (Мегленити-муслимани), Бугарија, Романија (Власи и Мегленити),, Србија и преселници во Европа, Америка и Австралија, но сè помалку се зборува од младите поколенија.

Вредности и значење на доброто[уреди | уреди извор]

Мегленските говори претставуваат составен и значаен дел од влашкото духовно богатство, односно од дијалектната база на влашкиот јазик и мегленските говори воопшто. Нивната вредност ја оцениле, пред сè, од лингвистика и поконкретно од дијалектолошка гледна точка, а при тоа не го занемарувале ниту културното значење на Власите Мегленци во Македонија и општата цивилизација.

Критериуми врз кои е извршена валоризација на доброто[уреди | уреди извор]

Критериуми кои се однесуваат на својстватaа на доброто[уреди | уреди извор]

  • Автентичност - Во рамките на јазикот, секој одделен дијалект претставува негов автентичен дел; токму врз ова својство се должи значењето на дијалектите на влашките мегленски говори.
  • Реткост - Во својот примарен и оригинален облик, мегленските говори се карактеристични за точно определена територија, односно за луѓето што потекнуваат од точноопределена територија врз основа на што се цени нивната реткост и единственост.
  • Разновидност - Општо речено, дијалектната разновидност на секој јазик, па и на грамостанскиот, фаршеротскиот и москополскиот дијалект и мегленските говори претставува природен извор на јазичен материјал од кој се напојува и збогатува литературниот влашки јазик, па затоа чувањето и проучувањето на дијалектната база овозможува чување, збогатување и насочување на развојот на влашкиот литературен јазик.
  • Интегралност - Овие дијалекти се значаен дел на влашкиот литературен и од нив се црпи зборовниот фонд на истиот.
  • Старост - Дијалектите на влашкиот јазик се основниот извор за историјата на јазикот и покрај фактот дека влашкиот јазик има подолга писмена традиција со оглед на тоа што дијалектите се постариот облик на комуникација меѓу влашкото население кое од секогаш живеело и живее во средини од различна јазична, културна и верска провениенција, па така и се црпеле туѓите заемки.

Критериуми кои се однесуваат на функциите на доброто[уреди | уреди извор]

Основна функција на секој јазик е комуникациската. Комуникацијата меѓу луѓето и пренесувањето на информации се најважните функции на јазикот, па и на дијалектите на влашкиот јазик. Мегленските говори се предмет на истражување во научната област и тоа повеќе од научници во странство, а помалку од научници од Македонија. Непосредно со научната функција е врзана и воспитно-образовната функција што ја има проучувањето на мегленските говори и запознавање на учениците и студентите со одделни карактеристики на дијалектите, обврска што тукушто претстои кај науката во Македонија.

Критериуми кои се однесуваат на значењето на доброто[уреди | уреди извор]

  • Културно - Мегленските говори во Македонија се дел од културното наследство на населението што живее на територијата на Македонија; во говорот е вграден речиси секој елемент од културната традиција на населението, почнувајќи од изгледот (народните носии и називите на деловите на народните носии), работата (сточарството и сточарските термини и алатките кои се користеле при обработка на волната, кои исчезнуваат со одењето на постарата генерација поради променетиот начин на живеење од номадски на седентарен и од сточарски на земјоделски, а потоа и на сегашниот индустријализиран начин на живеење, и ова повеќе кај Грамостаните), домаќинството (називите во врска со садовите- дрвени каленци, мешини и друго, и нивната употреба во домашните работи), народните песни донесени од старата постојбина во кои се споменуваат места и личности за кои не знаат кои се и каде се, а во кои е прикажана нивната историја низ вековите. Токму во ваквите рамки може да се зборува за културното значење како дел од најважните критериуми при валоризација на мегленските говори.
  • Историско - Дијалектите на влашкиот јазик и мегленските говори се примарен дел од културното и историското наследство на влашкиот и мегленскиот народ и само преку нивно поедноставно и интегрално негување и проучување ќе можеме во вистинско светло да ја презентираме пред јавноста културната традиција и историјата на влашкиот и мегленскиот народ.
  • Уметничко - Од уметнички аспект, значењето на мегленските говори се согледува во народната уметност, народните песни и приказни испеани и раскажани на впечатлив народен говор. Овде сигурно треба да се има предвид и орнаментиката на носијата и ткаената покуќнина- јамболии, килими, перници, торби, тенди итн.
  • Научно - Научното значење на овие дијалекти го определуваме пред сè во рамките на лингвистиката и тоа како за ароманската, така и во романистиката и балканистиката. Од аспект на ароманистиката, мефленските говори се интегрален дел од влашката дијалектна територија и во тие рамки тие се непроценлив извор на информации за општата диференцијација на влашкиот јазик во однос на другите јазици од латинската група јазици.
  • Општествено - мегленските говори се од општествено значење. Тие се основното обележје на влашкиот народ и во Македонија и другите балкански држави (Грција, Албанија, Романија, Бугарија).

Критериуми за категоризација на доброто[уреди | уреди извор]

  • Исклучителност - исклучителноста на мегленските говори се состои во фактот што самите по себе се реткост. Мегленсиот говор е уникатен во Македонија. Со други зборови се работи за исклучителна реткост која е неопходно да се зачува,односно да се подложи на посебен тип на заштита. Ова и поради фактот што Власите се признати за малцинство само во Република Македонија и никаде на друго место, што е исклучителност во тој шовинизам кој владее кон Власите во Грција, Албанија, Романија и Србија. Исто така и ароманските говори и мегленскиот се ставени на листата на УНЕСКО за загрозени јазици.
  • Впечатливост - Впечатливоста на мегленските говори е во тесна врска со погоренаведената нивна уникатност. Поинаку кажано, она што е ретко или уникатно сигурно дека е впечатливо. Многу симпатично и мелодично е пеењето на Мегленитите.
  • Влијателност - Влијателноста на мегленските говори може да се дефинира како начин на влијание што го има секој дијалект, па вклучително и меглено-влашките дијалекти, врз населението што го зборува. Се работи за знак за идентификација на регионот на којшто еден човек припаѓа и којшто во себе опфаќа цел сплет на културни, традиционални, верски и други обележја, а се од општо значење за цивилизациските достигнувања на еден народ.
  • Поврзаност - поврзаноста на мегленските говори кои се зборуваат во Македонија со истите кои се зборуваат во Грција е повеќе од очигледна, но и влијанијата од посебните средини во кои биле принудени да живеат претставниците на секој од нив се веќе видливи кај сите. Всушност таквата поврзаност и во едната целина наречена влашки литературен јазик е од посебен интерес за дијалектологијата со што и дијалектологијата е многу значајна наука и единствена по обемноста на полето што го истражува, а со тоа се од огромно значење и активностите за заштитата и зачувувањето на дијалектите како такви.

Библиографија[уреди | уреди извор]

•Атанасов, Петар, Meglenoromâna astăzi, Bucureşti, Editura Academiei Române, 2002;

  • Видоески, Божидар, Југозападните македонски дијалекти со посебен осврт на битолското говорно подрачје, посебен отпечаток, МАНУ, 1988, Скопје;
  • Видоески, Божидар, Македонските дијалекти во Албанија, Литературен збор, год.XXXII, 1985, Скопје;
  • Видоески, Божидар, Меѓујазичниот контакт на дијалектно рамниште како фактор за дијалектна диференцијација на македонскиот јазик, реферати на македонските Слависти за XI меќународен славистички конгрес во Братислава, посебен отпечаток,1993, Скопје;
  • Видоески, Божидар, Местото на охридскиот говор во западното наречје, Предавање на XVII семинар за македонски јазик, литература и култура, Охрид, 3-24, VII, 1984, Скопје 1985;
  • Видоески, Божидар, Охридско-струшките говори, Прилози IX, МАНУ, 1984, Скопје;
  • Видоески, Божидар, Тенденции во развојот на македонскиот дијалектен јазик во XIX и XX век, Прилози II 1-2, МАНУ, 1977, Скопје;
  • Видоески, Божидар, Дијалектите на македонскиот јазик, Том I, МАНУ, 1998, Скопје;
  • Видоески, Божидар, Дијалектите на македонскиот јазик, Том II и III, МАНУ, 1999, Скопје;
  • Видоески, Божидар, Дијалектната диференцијација на македонскиот јазик, Пристапни предавања на новите членови на МАНУ, 1970, Скопје;
  • Видоески, Божидар, Основни дијалектни групи во Македонија, Македонски јазик, год.XI-XII, кн.1-2, 1960/61, Скопје;

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. [1], Управа за заштита на културното наследство.