Корпоративно управување на банките

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Корпоративно управување во банките (англиски: Corporate governance in banks) го претставува начинот на кој се воспоставува рамнотежа на интересите на различните субјекти во една банка. Со добро воспоставен систем на корпоративно управување се обезбедува хармонија на односите меѓу сите страни што имаат било каков интерес поврзан со банката.

Поим и дефиниции за корпоративното управување на банките[уреди | уреди извор]

Корпоративното управување го претставува множеството односи меѓу акционерите, одборот на директори и другите страни кои имаат интерес во работењето на банката (на пример, депозиторите и регулаторните тела).[1] Корпоративното управување го означува начинот на кој се водат и контролираат компаниите. Доброто управување е неопходна состојка на корпоративниот успех и на одржливиот економски раст. Истражувањата во областа на управувањто треба да се потпираат на интердисциплинарна анализа пред се на економијата и правото, со добро познавање на современта деловна практика која произлегува од продлабочени емпириски студии во националналните рамки.[2] Корпоративното управување на банката е насочено кон одржување рамнотежа меѓу целите на поединецот и целите на заедницата. Рамката на корпоративно управување треба да обезебди ефикасно користење на ресурсите со истовремено инсистирање на одговорност од страна на оние кои управуваат со ресурсите. Целта е интересите на поединците, корпорациите и општеството што повеќе да се доближат.[3] Корпоративно управување на банките се однесува на начините на кои финансиерите на корпорациите се обезбедува дека инвестициите ќе им се вратат.[4] Корпоративното управување на банките претставува склоп од правни, културни и институционални активности кои точно одредуваат што ќе се работат јавните корпорации, од кого ќе бидат контролирани, како ќе биде извршувана таа контрола и како ќе се распределуваат ризиците и профитите од активностите што корпорациите ги презеле[5].

Ако се направи синтеза на аспектите кои ги опфаќа корпоративното управување на банките, може да се изведе следнава дефиниција за корпоративно управување со банките: Добро корпоративно управување на банките е она во кое е воспоставен успешен систем на цели, донесување одлуки и соодветно следење на степенот на извршување на одлуките и исполнување на целите на банката. Со изградена структура на процедури, односи и процеси, банката може успешно да се соочи со промените во околината и да ги заштити притоа интересите на сите засегнати групи: акционери, надзорен одбор, управен одбор, менаџери, вработени, клиенти на банката, владата и општествената заедница.

Цел на системот на корпоративно управување во банките[уреди | уреди извор]

Системот на корпоративно управување на банки има цел да се воспостават:

  • јасна организациска структура на банките со прцизно дефинирани права и одговорности на членовите на органите на надзор и управување и на другите вработени во банката;
  • ефикасни процедури за идентификување, мерење, следење и контрола на ризиците на кои е изложена банката;
  • ефикасни механизими на внатрешна контрола што, меѓу другото, вклучуваат детални административни и сметководствени процедури на банката;
  • транспарентност во работењето на банката во однос на сите заинтересирани субјекти во согласност со прописите и со деловната политика на банката и
  • систем за надзор и контрола.

Развој на корпоративно управување на банките[уреди | уреди извор]

Како фактори што го иницирале процесот на корпоративно управување во компаниите може да се наведат следните:[6]

  • Развојот на пазарите на капитал - пазарот на капитал и корпоративното управување се во меѓусебна поврзаност и зависнот бидејќи со нормите и принципите на корпоративно управување се гарантира за капиталот кој е предмет на тргување на пазарот на капитал;
  • Јавноста на компаниите – традиционално, корпоративното упавување претставува управување со јавните компании, односно тие се негов основен носител. Современата економија манифестира низа отстапувања, така што корпоративното управување го прифатиле и малите и средни претпријатија.
  • Развојот на пазарната економија - корпоративното управување било поинтензивно прифатено од компаниите во периодот на кризата во деведесеттите години на XX век и во почетокот на XXI век, како и во периодот на постприватизацијата во поранешните социјалистички држави.

Долго време корпоративното упавување било применувано во смисла на надзор од сопствениците на компаниите врз менаџерите назначени од нив. Години по ред корпоративното управување функционира првенствено со почитување на законски норми, при што доминира правната теорија и практика. Законот одамна понудил ефективни решенија за овластување на менаџерите и за правата за водење на компанијата од сопствениците. Моделите на корпоативно управување, пак, одговараат на типот на правниот систем, па оттука се издвојуваат:

  • Англосаксонски модел на управување – модел заснован на законитостите на пазарот на капитал
  • Континентален модел на управување- модел кој е политички детерминиран и претставува слика на различна алокација на политичка и економска моќ на микро и макро ниво.

Со усложнување на националното и меѓународното опкружување и со глобализацијата на пазарите на капитал, прaктиката на корпоративно управување базирана исклучиво на почитување на правните норми од корпоративните раководства предизвикува одередни тешкотии во функционирањето на компаниите. Поради тоа корпоративното управување еволуира и поприма други насоки на развој. Имено, во текот на 80-тите и во почетокот на 90-тите години на XX век теоријата и практиката на корпоративно управување се развиваат во интердисциплинарен систем на управување. Имено, во 1996 година, Организацијата за економска соработка и развој (OECD) иницира изработка на Меѓународен кодекс на корпоративно управување, што претставува почеток на процес на унифицирање на основните погледи,п ринципи и практики во областа на корпоративното управување на земјите со традиција и добри постигнувања во оваа област, како што се: САД, Велика Британија, Холандија и Јужна Африка.

Во 1999 година биле усвоени збир на принципи за корпоративно управување на земјите- членки на ОЕСD со што се постигнал висок степен на унифицираност на нормите и принципите, што симболизира нова етапа во развојот на корпоративното управување. Подоцна била извршена ревизја на принципите од 1999 година во насока на одржување на пристапите што се однесуваат на незадолжителните принципи кои ја признаваат потребата нивното спроведување да се адаптира на променливите правни, економски и културни услови. Суштински вредности на кои се потпира рамката на корпоративно управување на банките на ОЕЦД се:

  • Воспоставување фер односи
  • Одговорност
  • Транспарентност
  • Отчетност

Принципи на корпоративно управување на банките[уреди | уреди извор]

Принципите на корпоративно управување на ОЕЦД не се задолжителни, туку пред се претставуваат препораки за добри практики и насоки на имплементација, кои можат да бидат прилагодени на определени специфики на одделните земји и региони. Овие принципи треба да придонесат за подобрување и зајакнување на сите области кои се значајни за функционирање на една генерална рамка за добро корпоративно управување, и тоа пред се, прилагодување на правната рамка, зајакнување на институционалната рамка и ангажирање на човечки ресурси кои во своето работење ќе треба да се однесуваат според овие принципи. ОЕСD дефинира шест основни принципи на корпоративно управување и тоа:[7]

  • Воспоставување на ефективна рамка за корпоративно управување
  • Права на акционерите и клучни функции на сопствеништво
  • Рамноправен третман на акционерите
  • Улога на засегнати лица
  • Објавување на податоци и транспарентност
  • Одговорност на одборот на директори

Принципите за корпоративно управување според Базелскиот комитет за банкарска супервизија базираат на искуство од надзорот на корпоративно управување на банките во земјите членки на ОЕСD и се наменети за зајакнување на начелата според кои практиката на корпоративно управување теба да се остварува во сите земји. Документот содржи осум основни принципи, а секоја банка може да ги модифицира при градење на сопствените принципи на корпоративно управување. Тоа се следниве принципи:

  • Членовите на одборот на директори треба да бидат квалификувани за извршување на својата функција, да имаат разбирање за нивната улога во корпоративното управување на банките и да бидат способни да донесуваат одлуки во врска со работењето на банките. Банките треба да имаат адекватен број на членови на одборот на директори, способни за донесување независни одлуки, без влијание од страна на менаџментот на банката , политичкото влијание или влијание на нечии надворешни страни.
  • Одборот на директори треба да ги одобри и да ги надгледува стратешките цели и корпоративни вредности на банката. Одборот треба да ги утврди стратешките и развојните цели на банката , како и високи стандарди на професионално однесување кои ќе бидат основа при извршување на функциите на банката, земјаќи ги предвид интересите на депонентите и акционерите.
  • Одборот на директори треба да воспостави и да имплементира линии на надлежности и одговорности во рамките на банката. Ефективниот одбор на директори треба јасно да ги дефинира сопствените и менаџерските овластувања и одговорности. Во случај на преклопување на ингеренциите и нејасни одговорности, може да дојде до ненавремено и несоодветно донесување одлуки.
  • Одборот на директори треба да обезбеди соодветен надзор на работата на менаџментот. Една од основините задачи на менаџментот е да воспостави ефикасен систем на внатрешна контрола, согласно насоките дадени од страна на одборот на директори.[8]
  • Одборот на директори и менаџментот треба ефикасно да ги имплементира резултатите и забелешките од работењето на внатрешната и надворешната ревизија и да воспостави ефикасно функционирање на интерните контролни системи. Одборот на директори и менаџментот теба да ја зголемат ефикасноста на внатешната ревизија особено во однос на управување со ризици и јакнење на внатрешните контролни системи на банката, преку: признавање на значењето на ревизијата и на интерните контролни процеси на ниво на цела банка; ефикасно и навремено имплементирање на наодите на внатешна ревизија и нивна корекција во точно дефинирани рокови од страна на субјекти, одговорни за решавање на констатираните поблеми; промовирање и почитување на независноста на внатрешната ревизија; вклучување на внатрешните ревизори во оценката на адекватноста и ефикасноста на контролните системи за одредена активност или за одреден субјект на банката. Неопходно е континиурано надгледување на усогласеноста на банката со правилата на добро корпоративно управување, со етички кодекс и надгледување на политиките и процедурите на банката со цел да се утврди дали секоја девијација и сите проблеми во работењето се соодветно пријавени на адекватно ниво (на ниво на одбор на директори или менаџмент.[9] [10]
  • Одборот на директори ( или комитетот кој е одговорен за утврдување на платите и на другите парични надоместоци) треба да обезбеди соодветен паричен надоместок за менаџментот на банката. Доколу не се воспостави корелација меѓу надоместоците на членовите на одборот на директори и менаџментот со долгорочните стратешки цели на банаката, ова може негативно да се одрази врз интересите на акционерите.
  • Со банката треба да се управува на транспарентен начин. Транспарентноста во управување со банката значително придонесува за ефикасно корпоративно управување. Во услови на нетранспарентно упраување се јавуваат потешкотии за акционерите и за другите заинтересирани лица за вршење на ефикасна контола и за соодветно запознавање со одговорностите и задачите на одборот на директори и на менаџерите.
  • Одборот на директори и менаџментот треба да ја познаваат структурата на функционирање на банката, вклучувајќи ја и структурата и правниот систем на групацијата и на членките на групацијата во чии рамки припаѓа банката. Банките извршуваат услуги за нивните клиенти, пришто се зголемува правниот, репутацискиот и оперативниот ризик во работењето до ниво кое банката честопати не може да го контролира.[11]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 25.
  2. Corporate governance
  3. Sir Adrian Cutbary, Global Corporate Governance Forum, The World Bank, 2000.
  4. Andrei Shleifer, Robert W. Wishny, „A Survey of Corporate Governance“, The Journal of Finance, 2007, p.18.
  5. Margaret Blair, Ownership and Control: Rethinking Corporate Governance for the 21-st Centruy, Bookings, 2005, p.164.
  6. Adolf A.Berle, Gardiner C. Means,The Modern Corporate and Private Property, fifth printing, 2003.
  7. Принципи на корпоративно управување на ОЕЦД, Преамбула, 1999 (OECD) Principles of Corporate Governance, Preamble), ревидирани во 2004 година.
  8. The Joint Forum, Outsourcing in Financial Services, February, 2009.
  9. Basel Committee on Banking Supervision, Compliance and the compliance function in banks, April, 2005.
  10. Basel Committee on Banking Supervision, Internal audit in banks and the supervisors relationship with auditors, August, 2001.
  11. Basel Committee on Banking Supervision, Customer due diligence for banks, October, 2001.