Колаген

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тројна спирала на тропоколаген

Колагенот е главна белковина на сврзното ткиво кај животните и најзастапена белковина кај цицачите.[1] Tој сочинува околу 25-35% од вкупната содржина на белковини во организмот. Во мускулното ткиво служи како главна компонента на ендомизиумот. Колагенот сочинува 1-2% од сврзното ткиво на мускулите, а претставува 6% од тежината на еден цврст мускул. Желатинот кој се користи во прехранбената индустрија е добиен со хидролиза на колаген.

Колагенот се создава во цистерните на гранулираниот ендоплазматичен ретикулум како проколаген. Проколагенот е изграден од три левогири полипептидни синџири, кои меѓусебно се десногиро свиткани и стабилизирани со водородни врски, со слободни краеви. Кога под влијание на ензимите ќе се отстранат краевите, се добива структурна единица на колаген, наречена тропоколаген. Во вонклеточната матрица на единицата на тропоколаген спонтано се здружуваат во издолжени влакна на колаген.

Видови[уреди | уреди извор]

Постојат 28 видови колаген, опишани во литературата. Најзастапен е колаген I, кој ги сочинува основните влакна на сврзното ткиво. Покрај него, чести се и колаген II, III и IV. Колагените влакна се главната структурна компонента на вонклеточната матрица, за која се врзуваат другите структури (еластин, протеогликeни, адхезивни белковини на вонклеточната матрица), но влакна има и во некои клетки. Тој е многу важен во рскавицата, лигаментите, тетивите, коските, забите, а овозможува затегнатост на кожата и крвните садови. Присутeн е и како кристалин во очните леќи.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Gloria A. Di LulloDagger , Shawn M. Sweeney, Jarmo Körkkö, Leena Ala-Kokko, and James D. San Antonio; Mapping the Ligand-binding Sites and Disease-associated Mutations on the Most Abundant Protein in the Human, Type I Collagen; J. Biol. Chem., Vol. 277, Issue 6, 4223-4231, 8 февруари 2002 анг.