Канаринска детелина
| Канаринска детелина | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Непознат таксон (попр): | Lotus |
| Вид: | Канаринска детелина |
| Научен назив | |
| Lotus hirsutus L.[1] | |
| Синоними[1] | |
Канаринската детелина (науч: Lotus hirsutus, исто така познат по синонимот Dorycnium hirsutum)[1] — повеќегодишен тревест вид на Lotus од фамилијата бобови опишан од Карл Линеј.[1]
Опис
[уреди | уреди извор]Растението е повеќегодишно тревесто растение или мала полугрмушка, високо 20–50 см. Стеблото во основата е задрвенето, исправено и покриено со густи раширени влакна. Листовите се без дршка или со многу краток рахис. Ливчињата се долгнавесто-обратнојајцевидни, долги 9–18 мм и широки 4–9 мм, од двете страни густо влакнести, со кусо заострен врв и цел раб.
Соцветијата се составени од 5–10 цветови. Дршката на соцветието е долга 5–10 мм и покриена со густи раширени влакна. Цветовите се долги 12–15 мм и имаат цветни дршки долги 1–2 мм.
Чашката е густо влакнеста, долга 8–10 мм. Запците се нееднакво шиловидни, копјести или линејно-копјести; трите долни запци се малку подолги од двата горни, а трубестиот дел на чашката е речиси еднаков по должина со запците или е малку покус. Венчето е долго 12–15 мм, голо, бело или бледорозово. Барјачето е долго 12–15 мм и е подолго од крилцата и лаѓичката. Крилцата се долги 11–13 мм, а лаѓичката 9–10 мм, со темновиолетов врв. Плодот е долгнавесто-јајцевидна, гола мешунка, долга 6–8 мм, која најчесто содржи шест семиња.[2]
Рапрстранетост низ светот
[уреди | уреди извор]Ова растение потекнува од средоземниот басен, од Португалија до Турција и од југ до северна Африка.[1]
Распространетост во Македонија
[уреди | уреди извор]Канаринската детелина расте по врдски пасишта, тревести места, на отворени места, места до дабови шуми и други слични станишта до надморска височина од 1500 метри. Се среќава во селото Кучково, клисурата на реката Треска - Матка, селото Кондово, Жеденската Клисура - Коловозиште, селото Радуша во Скопје, Дабничката Планина во Прилеп, Полошкиот манастир во Кавадарци, Валандово и Богданци кај Паљурци.[3]
Галерија
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 4 5 „Lotus hirsutus L.“, Plants of the World Online, Royal Botanic Gardens, Kew, Посетено на 2018-10-04
- ↑ Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1346–1347.
- ↑ Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1345.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
„Канаринска детелина“ на Ризницата ?
|