Ефекти на рационалните очекувања врз монетарната политика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Ефектите на рационалните очекувања врз монетарната политика (англиски: The effects of rational expectations on monetary policy) се многу силни во поглед на ефикасноста и временското задоцнување на последиците од промените во монетарната политика. Заради способноста на економските агенти брзо да ги приспособат своите очекувања и да погодуваат што е следниот чекор на Централната банка (и одговорните за фискалната политика), е можно делумно неутрализирање на мерките на монетарна политика и послаба нивна ефикасност. Поголемата подготвеност на економските агенти за можните сценарија на Централната банка во врска со монетарната политика, придонесува и за подолго временско задоцнување на ефектите од мерките. Кредибилитетот на Централната банка кај економските агенти треба да биде на високо ниво за да може да се користат рационалните очекувања во полза на антиинфлационата политика. Рационалните очекувања претставуваат хипотеза за тоа дека економските агенти можат да направат точни предвидувања за релевантните економски варијабли и дека грешките во овие предвидувања се само случајни (не се систематски). За да можат да ги направат овие предвидувања, економските агенти најчесто користат модели, како на пример моделот IS-LM, со чија помош ги добиваат вредностите на релевантните економски варијабли, нивното меѓусебно влијание и врските помеѓу нив. Резултатите од предвидувањата направени со модели, всушност претставуваат рационално очекување – нешто што се очекува, треба и најверојатно ќе се случи. Сите оние влијанија и фактори кои што можат да придонесат да не се оствари предвидувањето претставуваат случајна грешка – нешто што едноставно не можело да биде опфатено со моделот.

Критиката на Роберт Лукас за оценување на политиката[уреди | уреди извор]

Во неговиот труд: Проценка на економетриска политика: Критика (англиски: Lucas Critique, 1976), Роберт Лукас (Robert Lucas) го презентирал аргументот кој имал сериозни импликации за корисноста од конвенционалните економетриски модели за оценување на политиките. Економистите ги создале овие модели од две причини:

  • за да ја предвидат економската активност;и
  • за проценување на ефектите од различни политики.


Иако критиката на Лукас не кажала ништо во врска со корисноста на овие модели како предвидувачки алатки, тој расправал дека на нив не може да се смета за проценка на потенцијалното влијание на одредени политики врз економијата.
Еден економетриски модел за проценка на одредена политика содржи равенки што ги опишуваат врските помеѓу стотици варијабли. Се претпоставува дека овие врски остануваат постојани и се проценети со помош на претходни податоци. Доколку Централната банка сака да провери како ќе влијае врз невработеноста и инфлацијата намалувањето на обемот на паричната маса за 1%, ја вметнува промената во моделот и ги гледа резултатите. Предизвикот на Лукас во оваа процедура за проценка на политики е основан на едноставен принцпип од теоријата за рационални очекувања: начинот на кој се формираат очекувањата (врската помеѓу очекувањата и претходните информации) се менува кога однесувањето на предвидените варијабли ќе се смени[1]. Така, кога политиката ќе се смени, врската помеѓу очекувањата и поранешните податоци ќе се смени и, бидејќи очекувањата влијаат на економското однесување, врските во економетрискиот модел ќе се сменат. Економетрискиот модел, што е одреден со поранешните податоци, повеќе не е вистинскиот модел за проценка на одговорот на оваа промена на политиката и може да се покаже како многу погрешен.
Критиката на Лукас не укажува само на тоа дека конвенционалните економетриски модели не можат да бидат употребувани за проценка на политиката, туку и дека очекувањата на јавноста за некоја политика влијаат на резултатите од таа политика.

Ефектите на рационалните очекувања за анализата на побарувачката (AD) и понудата (AS)[уреди | уреди извор]

Нов класичен макроекономски модел[уреди | уреди извор]

Новиот класичен макроекономски модел е креиран од Роберт Лукас (Robert Lucas) и Томас Сарџент (Thomas Sargent) и неколку други креатори. Во новиот класичен модел, сите плати и цени се комплетно флексибилни во однос на очекуваните промени на ценовното ниво; тоа значи дека пораст на очекуваното ценовно ниво резултира во брз и еднаков пораст на платите и цените, бидејќи работниците се обидуваат да ги задржат нивните реални плати од пат, кога очекуваат да се зголеми ценовното ниво. Погледот на тоа како се детерминираат платите и цените индицира дека пораст на очекуваното ценовно ниво предизвикува брзо поместување кон лево на краткорочната крива на агрегатна понуда (AS), што ги остава реалните плати непроменети, а агрегатното производство на природното ниво (целосно вработување), ако се реализирани очекувањата. Тогаш, овој модел укажува дека очекуваната политика нема ефект врз агрегатното производство и невработеноста; само неочекуваната политика има ефект.

Ефекти од неочекувана и очекувана политика[уреди | уреди извор]

Економијата е во точка 1 во пресекот на AD1 и AS1.Експанзивната политика ја поместува кривата на AD1 до AD2, но поради тоа што ова е неочекувано, краткорочната крива на агрегатната понуда останува фиксна на AS1. Еквилибриумот сега се појавува во точката 2 - стапката на вкупно производство пораснала над природното ниво до Y2 и нивото на цените пораснало до P2.
Експанзивната политика ја поместува кривата на агрегатната побарувачка до AD2, но поради тоа што оваа политика е очекувана, краткорочната крива на агрегатната понуда се поместува налево до AS2. Економијата се придвижува до точката 2, каде што стапката на вкупно производство е сѐ уште на ниво на природна стапка, но ценовното ниво расте до P2.

На дијаграмот десно се дадени краткорочните резултати од неочекувано зголемување на понудата на пари (неочекувана политика). Краткорочната крива на агрегатна понуда AS1 е нацртана за очекувано ценовно ниво P1. Иницијалната крива на агрегатна побарувачка AD1 се сече со AS1 во точката 1, каде што реализираното ниво на цените е на очекуваното ниво на цените P1 и агрегатното производство е на ниво на природна стапка Yn. Затоа што точката 1 се наоѓа, исто така, на долгорочната крива на агрегатна понуда на ниво на Yn, агрегатната понуда нема тенденција да расте. Еквилибриумот е сега во точката 2, пресекот на AD2 и AS2. Вкупното производство се зголемува над природното ниво до Y 2, а реализираното ценовно ниво се зголемува до P2.

Во спротивно, ако јавноста очекува дека Централната банка да интервенира и да ја зголеми паричката маса за да ја намали невработеноста, бидејќи веќе видела како го прави тоа во минатото, експанзивната политика би била очекувана. Резултатот од ова е прикажан на вториот дијаграм десно. Бидејќи очекувањата се рационални, работниците и фирмите се свесни дека експанзивната политика ќе ја помести кривата на вкупната побарувачка кон десно и ќе очекуваат агрегатното ниво на цените да се издигне до P2. Работниците ќе бараат повисоки плати со цел нивната заработувачка да остане иста кога нивото на цените ќе се искачи.
Краткорочната крива на агрегатната понуда тогаш ќе се помести налево до AS2 и ќе се пресече со AD2 во точката 2, точка на еквилибриум каде што вкупното производство е на нивото на природна стапка Yn и нивото на цените се издигнало до P2.
Новиот класичен макроекономски модел демонстрира дека вкупното производство не се зголемува како резултат на очекуваната експанзивна политика и дека економијата веднаш се поместува до точка на долгорочен еквилибриум (точка 2 и на двата дијаграма), каде што вкупното производство е на природно ниво.
Новиот класичен модел се нарекува класичен бидејќи кога политиката е очекувана новиот класичен модел има својство што се поврзува со класичните економисти од деветнаесеттиот и раниот дваесетти век: вкупното производство остаува на нивото на природна стапка. Од друга страна, новиот класичен модел дозволува вкупното производство да варира вон нивото на природна стапка како резултат на неочекувани движења во кривата на вкупната побарувачка (AD). Заклучокот од новиот класичен модел е дека: Очекуваната политика нема ефекти врз бизнис-циклусот; само неочекуваната политика има.
Овој заклучок е наречен тврдење за неефективност на политиката, бидејќи имплицира дека една очекувана политика е иста како која било друга; нема ефект на флуктуациите на производството. Ова тврдење не ги исклучува ефектите на промените на политиката врз производството. Ако политиката е изненадување (неочекувана), тогаш ќе има ефекти врз производството [2]

Како експанзивната политика може да влијае врз пад на производството?[уреди | уреди извор]

Поради тоа што јавноста очекува кривата на агрегатната побарувачка да се помести до AD2, краткорочната крива на агрегатна понуда се поместува до AS2. Кога фактичката експанзивна политика не ги исполнува очекувањата на јавноста (кривата на агрегатна побарувачка се поместува само до AD2, економијата завршува во точка 2, во пресекот на AD2 и AS2. И покрај експанзивната политика на проширување, вкупното производство паѓа до Y2.

Друга важна одлика на новиот класичен модел е дека експанзивната политика, како што е зголемувањето на стапката на растот на парите во оптек, може да доведе до опаѓање на вкупното производство ако јавноста очекува уште поекспанзивна политика од онаа што е веќе имплементирана. Би имало изненадување во политиката, но би било негативно и ќе го спушти производството надолу. Креаторите на политиката не можат да бидат сигурни дали нивните политики ќе делуваат во планираната насока.
Дијаграмот на понудата и побарувачката прикажан на десната страна покажува како е можно да се случи пад во производството. Тргнувајќи од точката 1, каде пресекот на AD1 и AS1; производството е Yn, а ценовното ниво е P1; се претпоставува дека јавноста очекува Централната банка да ја зголеми понудата на пари за да ја помести кривата на агрегатна побарувачка до AD2. Како што може да се види, исто како и кај вториот дијаграм од статијата, краткорочната крива на агрегатна понуда се поместува кон лево до AS2, бидејќи нивото на цените се очекува да се искажe до P2. Под понатамошна нова претпоставка дека експанзивната политика на Централната банка успеала да ја помести AD1, наместо до AD2 само до AD3, тогаш економијата ќе се помести до точката 3 – пресекот на краткорочната крива на агрегатна понуда AS2 и кривата на агрегатна побарувачка AD3. Резултатот од погрешните очекувања е дека производството опаѓа до Y3, додека ценовното ниво се зголемува до P3, а не до P2. Експанзивната политика што е помалку експанзивна од очекуваната води до движење на производството дијаметрално спротивно на планираното.


Импликации за креаторите на политики[уреди | уреди извор]


Новиот класичен модел, со неговото тврдење за неефективност на политиката, има две важни лекции за креаторите на политики: ја разјаснува разликата меѓу ефектите на очекуваните наспроти ефектите на неочекуваните активности на политиката и покажува дека креаторите на политики не можат да го знаат крајниот резултат на нивните одлуки без да ги знаат очекувањата на јавноста во врска со нив. Кога креаторите на политики би можеле да ги откријат очекувањата на јавноста, тие ќе можат со сигурност да го знаат ефектот на нивните политики. Меѓутоа, откривањето на очекувањата на јавноста има две замки:
- прво, е речиси невозможно да се дознае какви се очекувањата на јавноста, кога ќе се земе во предвид дека јавноста е многу голема бројка;
- второ, дури и кога би било возможно да се откријат очекувањата на јавноста, креаторите на политики би се судриле со понатамошни тешкотии затоа што јавноста има рационални очекувања и ќе се обиде да погоди што планираат креаторите на политики.
Јавните очекувања не остануваат фиксни додека креаторите на политики спремаат изненадување – јавноста ќе ги ревидира своите очекувања и политиките нема да имаат предвидлив ефект врз производството. Новиот класичен модел имплицира дека дискреционата (активистичката) политика за стабилизавција не може да биде ефективна и може да има непосакувани последици врз економијата. Новиот класичен модел предлага напуштање на дискреционата политика и генерирање на што помалку изненадувања за јавноста. Иако очекуваната политика нема ефект на вкупното производство во новиот класичен модел, сепак има ефект на нивото на цените [3].


Нов кејнзијански модел[уреди | уреди извор]

Во новиот класичен модел, сите плати и цени се тотално флексибилни во однос на очекуваните промени на нивото на цените; тоа значи дека секој пораст на очекуваното ниво на цените резултира со брзо и еднакво зголемување на платите и цените. Многу економисти кои ги прифаќаат рационалните очекувања како хипотеза што функционира не го прифаќаат описот на флексибилноста на платите и цените во новиот класичен модел. Овие критичари на новиот класичен модел, наречени нови кејнзијанци, одбиваат да се согласат дека постои целосна флексибилност на платите и цените и ги идентификуваат факторите во економијата што спречуваат одредени плати и цени целосно да се издигнат со пораст на очекуваното ценовно ниво.

Долгорочните договори за работа се еден извор на нефлексибилност што ги спречува платите и цените од целосно реагирање на промените на очекуваното ниво на цените (наречена ригидност на платите и цените).
Друг извор на нефлексибилност е фактот дека фирмите можат да не сакаат да ги менуваат платите често дури и кога нема експлицитни договори за плата, бидејќи таквите промени можат да влијаат на трудот на работната сила (да се избегне на пример намалување на платите на работниците во услови на голема невработеност за да не се предизвика намалување на продуктивноста).
Ригидност на цените може да се случи и поради тоа што фирмите склучуваат договори со фиксни цени со своите доставувачи или бидејќи за фирмите е скапо често да ги менуваат цените.
Сите овие ригидности (што ја намалуваат флексибилноста на цените и платите), дури и да не се присутни во сите договори за цена и плата, укажуваат дека зголемување на очекуваното ниво на цените може да не се преслика во итна и комплетна адаптација на цените и платите.

Иако новите кејнзијанци не се согласуваат со комплетната флексибилност на платите и цените на новата класична макроекономија, сепак тие ја признаваат важноста на очекувањата за детерминација на краткорочната агрегатна понуда и имаат желба да ја прифатат теоријата на рационални очекувања како разумно објаснување на начинот на кој се формираат очекувањата. Моделот што тие го развиваат, новиот кејнзијански модел, претпоставува рационални очекувања, но не претпоставува комплетна флексибилност на платите и цените; наместо тоа, претпоставува ригидност на платите и цените. Основниот заклучок на новиот кејнзијански модел е дека неочекуваната политика има поголем ефект врз вкупното производство отколку очекуваната политика (како што е и во новиот класичен модел). Но, спротивно од новиот класичен модел, тврдењето за неефективност на политиката нема важење во новиот кејнзијански модел, односно: очекуваната политика влијае на вкупното производство и на бизнис-циклусот.

Ефекти на неочекуваната и очекуваната политика[уреди | уреди извор]

Експанзивната политика што ја поместува кривата на агрегатна побарувачка има поголем ефект врз производството кога е неочекувана, отколку кога е очекувана. Кога експанзивната политика е неочекувана - дел а), краткорочната крива на агрегатна понуда не се поместува, а економијата се движи до точка U, така што вкупното производство и ценовното ниво се зголемуваат. Кога политиката е очекувана - дел б), краткорочната крива на агрегатната понуда се поместува до ASA заради нефлексибилноста на целосното приспособување на платите и цените, движејќи ја економијата до точката A, каде што вкупното производство расте помалку од YU, a ценовното ниво расте повеќе од PU.


Во делот а) на дијаграмот десно, може да се види краткорочниот одговор на една неочекувана експанзивна политика во новиот кејнзијански модел. Почетокот е точката 1, каде што кривата на агрегатната побарувачка AD1 се сече со краткорочната крива на агрегатна понуда AS1 на нивото на природна стапка на производство и ниво на цени P1. При водење на експанзивна монетарната политика, на пример купување обврзници и зголемување на понудата на пари, кривата на агрегатната побарувачка се поместува надесно до AD2. Бидејќи експанзивната политика е неочекувана, очекуваното ценовно ниво останува непроменето, оставајќи ја краткорочната крива на агрегатната понуда непроменета. Така, економијата се поместува до точката U, каде што вкупното производство е заголемено на YU и ценовното ниво се искачило на PU.

Во делот б) на дијаграмот, може да се види што се случува кога експанзивната политика на Централната банка што ја поместува кривата на агрегатна побарувачка од AD1 до AD2 е очекувана. Поради тоа што експанзивната политика е очекувана и очекувањата се рационални, очекуваното ценовно ниво рате, предизвикувајќи зголемување на платите и поместување на краткорочната крива на агрегатна понуда налево. Заради нефлексибилностите што не дозволуваат комплетно прилагодување на платите и цените, краткорочната крива на агрегатна понуда не се поместува сѐ до AS2, како што е случајот во новиот класичен модел. Наместо тоа, се поместува до ASA и економијата се стабилизира во точката А, пресекот на AD2 и ASA. Вкупното производство се искачува над природното ниво до YA, додека нивото на цените се зголемува до PA. За разлика од новиот класичен модел, во новиот кејнзијански модел очекуваната политика има ефект врз вкупното производство. Може да се види дека YU е поголемо од YA, што значи дека реакцијата на производството на неочекуваната политика е поголема отколку на очекуваната политика. Поголема е затоа што краткоточната крива на агрегатната понуда не се поместува кога политиката е неочекувана, предизвикувакчи пониско ценовно ниво и оттука повисоко ниво на производство. Исто како и кај новиот класичен модел, новиот кејнзијански модел ги разликува ефектите на очекуваната политика од ефектите на неочекуваната политика, со тоа што неочекуваната политика има поголем ефект.



Споредба на двата модела со традиционалниот модел[уреди | уреди извор]

Во традиционалниот модел очекувањата не се рационални. Моделот користи приспособливи очекувања – очекувања базирани единствено на минато искуство. Традиционалниот модел ја гледа очекуваната инфлација како просек од минатите стапки на инфлација. Овој просек не е под влијание на предвидувањата на јавноста за идната политика; оттука,предвидувањата за идната политика не влијаат на кривата на агрегатна понуда.

Реакции на производството и цените на краток рок[уреди | уреди извор]

дијаграм

Дијаграмот десно ги споредува реакциите на вкупното производство и ценовното ниво на експанзивната политика во трите модели. Првично, економијата е во точката 1, пресекот на кривата на агрегатната побарувачка AD1 и краткорочната крива на агрегатната понуда АЅ1, кога се појавува експанзивна политика, кривата на агрегатната побарувачка се поместува до АD2. Ако експанзивната политика е неочекувана, сите три модели покажуваат иста реакција на производството па краток рок. Традиционалниот модел ја разгледува краткорочната крива на агрегатна понуда како дадена на краток рок, додека друтите два сметаат дека оваа крива останува на АЅ1 бидејќи нема промена на очекуваното ценовно ниво кога политиката е изненадување. Така, кога политиката е неочекувана, сите три модели укажуваат на движење до точка 3, каде што AD2 и AS1 кривите се пресекуваат и каде што вкупното производство и ценовното ниво се искачуваат до Y3 и P3.
Сепак, одговорот на очекуваната експанзивна политика е прилично различен во трите модели. Во традиционалниот модел во дел (а), краткорочната крива на агрегатна понуда останува на ниво AS1 дури и кога експанзивната политика е очекувана, затоа што приспособливите очекувања укажуваат дека очекуваната политика нема ефект на очекувањата, а оттука нема ефект ни на агрегатната понуда. Овој модел укажува дека економијата се движи до точка 3, до која се движи и тогаш кога политиката е неочекувана. Традиционалниот модел не разликува помеѓу ефекти од очекувана и неочекувана политика: и двете го имаат истиот ефект на производството и цените.

Во новиот класичен модел во дел (б), краткоточната крива на агрегатна понуда се поместува налево до АЅ2 кога политиката е очекувана, затоа што кога очекувањата за повисоко ниво на цените се реализираат, вкупното производство ќе биде на природно ниво. Тоа укажува дека економијата се движи кон точката 2; вкупното производство не се зголемува, но цените се зголемуваат до Р2. Овој краен резултат е прилично различен од движењето до точка 3 кога политиката е неочекувана. Новиот класичен модел прави дистинкција помеѓу краткорочните ефекти од очекуваната и неочекуваната политика:
очекуваната политика нема ефекти врз производството, но неочекувана има.
Oчекуваната политика има поголемо влијание врз движењата на ценовното ниво отколку неочекуваната.

Новиот кејнзијански модел, во дел (в), е средишна позиција помеѓу традиционалниот и новиот класичен модел. Тој препознава дека очекуваната политика влијае на кривата на агрегатната понуда, но поради нефлексибилности како што се долгорочните договори, приспособувањата на платите и цените, не се толку комплетни како во новиот класичен модел. Така, краткорочната крива на агрегатната понуда се поместува само до АЅ2 како одговор на очекуваната политика; економијата се поместува до точка 4, каде што производството е на ниво Y4 пониско од нивотo Y3 што се постигнува кога експанзивната политика е неочекувана. Но, нивото на цените Р4 е повисоко отколку нивото P3 што e резултат на неочекуваната политика. Исто како кај новиот класичен модел, новиот кејнзијански модел прави дистинкција помеѓу ефектите од очекуваната и неочекуваната политика: очекуваната политика има помал ефект на производството отколку неочекуваната политика, но поголем ефект на нивото на цените. Но, во споредба со новиот класичен модел, очекуваната политика влијае на флуктуациите на производството.


Политика на стабилизација[уреди | уреди извор]

Трите модели имаат различно гледиште за ефективноста на политиката за стабилизација, политика наменета за намалување на флуктуирањето на производството. Бидејќи ефектите од очекуваната и неочекуваната политика се идентични во традиционалниот модел, креаторите на политики нема потреба да се грижат за очекувањата на јавноста. Ова им олеснува да го предвидат резултатот од нивната политика, што е важна работа ако нивните активности го имаат посакуваниот ефект. Во традиционалниот модел, можно е активистичката политика да го стабилизира флуктуирањето на производството.

Новиот класичен модел ја зазема екстремната позиција дека активистичката политика за стабилизација ги засилува флуктуациите на производството. Во овој модел само неочекуваната политика влијае на производството; очекуваната политика не е важна. Креаторите на политиката можат да влијаат на производството само со изненадување на јавноста. Бидејќи се претпоставува дека јавноста има рационални очекувања, секогаш ќе се обидува да погоди што планираат да направат креаторите на политики.
Во новиот класичен модел, спроведувањето на политиката може да се сфати како игра во која јавноста и креаторите на политики секогаш се обидуваат да се надмудрат едни со други со погодување на намерите и очекувањата на другиот. Единствениот можен резултат на овој процес е дека активистичката политика за стабилизација нема да има предвидливи ефекти на производството и не може да се смета на неа за стабилизирање на економската активност. Напротив, може да создаде голема несигурност во врска со политиката што ќе го зголеми случајното флуктуирање на производството околу нивото на природна стапка на производство. Таков непосакуван ефект е токму спротивното од тоа што активистичката политика за стабилизација се обидува да го постнгне. Крајниот резултат во новиот класичен поглед е дека политиката треба да следи неактивистичко правило за да промовира колку што е можно повеќе сигурност во врска со политичките акции.

Новиот кејнзијански модел повторно зазема средишна позиција помеѓу традиционалниот и новиот класичен модел. Слротивно на новиот класичен модел, тој укажува дека очекуваната политика влијае на флуктуациите на производството. Креаторите на политики можат да сметаат на некаква реакција на производството на нивните очекувани политики и можат да ги користат за стабилизирање на економијата.
Во споредба со традиционалниот модел, новиот кејнзијански модел препознава дека ефектите од очекуваната и неочекуваната политика нема да бидат исти. Креаторите на политики ќе се судрат со голема несигурност во врска со крајниот резултат на нивните активности, бидејќи тие не можат да бидат сигурни до кој степен нивната политика е очекувана. Оттука, активистичка политика е помалку веројатно да оперира секогаш во планираниот правец и е помалку веројатно да ги постигне своите цели. Новиот кејнзијански модел ја зголемува можноста активистичката политика да биде корисна, но, несигурноста за крајниот резултат на политиките во овој модел може да направи креирањето на таква корисна политика да биде екстремно тешко.

Антиинфлациона политика[уреди | уреди извор]

дијаграм


Високата стапка на инфлација (повеќе од 10%), која се појави во седумдесеттите години, беше причина да се помести примарната грижа на креаторите на политики кон намалување на инфлацијата. Дијаграмот од десно ја објаснува антиинфлациската политика во трите модели. Под претпоставка дека економијата застанала на постојана 10% стапка на инфлација предизвикана од висока стапка на раст на пари што предизвикува поместување на кривата на агрегатната побарувачка нагоре за 10% секоја година. Ако оваа стапка на инфлација била вградена во договорите за платите и цените, краткорочната крива на агрегатната понуда се поместува и искачува со иста стапка. Ова е претставено на дијаграмот како поместување на кривата на агрегатната побарувачка од AD1 во првата година до AD2 во втората година додека краткорочната крива на агрегатната понуда се поместува од АЅ1 до АЅ2.
Во првата година, економијата е во точката 1 (пресекот на AD1 и АЅ1);
во втората година, економијата се поместува во точката 2 (пресекот на AD2 и АЅ2) и нивото на цената се качува за 10%, од Р1 до Р2.
Под претпоставка дека е донесена одлука за експресно запирање на инфлацијата, кривата на агрегатната побарувачка да нема да може да се зголеми од AD1 понатаму. Политиката за инстантно стопирање на растот на парите може да биде скапа ако доведе до пад на производството.

Резултати врз производството прикажани преку трите модела:
Прво, резултатот на оваа политика од аспект на традиционалниот модел на светот во дел (а). Движењето на краткорочната крива на агрегатна понуда до АЅ2 е веќе е започнато и не е под влијание на новата политика за зачувување на кривата на агрегатна побарувачка во АD1 (без оглед на тоа дали ваквиот обид е очекуван или не). Економијата се поместува до точка 3 (пресекот на кривите AD1 и АЅ2), а стапката на инфлација се успорува бидејќи нивото на цените се зголемува само до Р3,а не до P2. Ваквото намалување на инфлацијата не е без цена; производството се симнало до У3, што е многу под природното ниво.

Во традиционалниот модел, проценките на трошоците од аспект на изгубеното производство за секој 1% намалување на стапката на инфлација се околу 4% од годишниот реален БДП. Високата цена на намалување на инфлацијата во традиционалниот модел е една причина зошто некои економисти немаат желба да воведат антиинфлациска политика како опишаната тука. Се поставува прашањето дали цената на високата невработеност е вредна за бенефициите од намалената стапка на инфлација. Ако јавноста очекува монетарните власти да го запрат инфлацискиот процес со прекин на високата стапка на раст на пари, тоа ќе се случи без никаква загуба на производство.

Во дел (б), кривата на агрегатната побарувачка ќе остане на AD1, но бидејќи ова е очекувано, платите и цените можат да бидат адаптирани така што тие нема да растат, а кривата на краткорочната агрегатна понуда ќе си остане на АЅ1 наместo да се придвижи кон АЅ2. Економијата ќе остане во точката 1, а вкупното производство ќе остане на природното ниво додека инфлацијата е стопирана бидејќи нивото на цените е непроменето.

Важен елемент во приказната е дека антиинфлациската политика е очекувана од јавностa. Ако политиката не е очекувана, кривата на агрегатната побарувачка останува на ниво на АD1, но краткорочната крива на агрегатна понуда продолжува со поместување кон АЅ2. Крајниот резултат од неочекуваната антиинфлациска политика е движење на економијата до точка 3. Иако стапката на инфлација се успорува во овој случај, не е комплетно елиминирана како што беше кога антниинфлациската политика беше очекувана. Што е уште полошо, вкупното производство опаѓа под нивото на природна стапка на У3.
Според тоа, антиинфлациската политика што е неочекувана е многу помалку посакувана од очекуваната.

Новиот кејнзијански модел во дел (в), исто така, води до заклучок дека неочекуваната антиинфлациска политика е помалку посакувана од очекуваната. Ако политиката на зачувување на кривата на агрегатната побарувачка на ниво на АD1 не е очекувана, краткорочната крива на агрегатна понуда ќе продолжи да се движи кон АЅ2 и економијата ќе се придвижи до точка 3. Стапката на инфлација се забавува, но производството се намалувa до У3, многу под нивото на природна стапка.
Во спротивно, ако антиинфлациската политика е очекувана, краткорочната крива на агрегатната понуда нема да се придвижи до АЅ2. Наместо тоа, таа ќе се помести само до АЅ2, бидејќи некоти плати и цени (но, не сите) можат да бидат приспособени, така што платите и нивото на цените; нема да се качуваат со нивните претходни стапки. Наместо движење до точка 3 (како што се случува кога антиинфлациската политика не беше очекувана), економијата се придвижува до точка 4, пресекот на кривите AD1 и АЅ2.
Крајниот резултат е попосакуван отколку кога политиката е неочекувана - стапката на инфлација е пониска (нивото на цените се искачува само до Р4, а не до Р3) а загубата на производство е, исто така, помала.

Кредибилитет во борбата со инфлацијата[уреди | уреди извор]


И новиот класичен и новиот кејнзијански модел укажуваат дека за да биде успешна една антиинфлациска политика во намалување на инфлацијата со најнизок трошок на производството, јавноста мора да верува (очекува) дека таквата политика ќе биде имплементирана. Во новиот кла-сичен поглед кон светот, најдобрата антиинфлациска политика (кога има кредибилитет) е веднаш и комплетно да се запре инфлацијата.
Зголемувањето на кривата на агрегатната побарувачка од AD1 треба веднаш да биде стопирано. Инфлацијата би била елиминирана веднаш и без загуба во производството ако политиката е кредибилитетна. Во новиот кејнзијански свет, политиката на брзо и комплетно запирање на инфлацијата, дури и кога таквата политика е кредибилитетна, не е посакувана, бидејќи ќе создаде загуба во производството.
Џон Тејлор [4] (John Taylor), поборник за новиот кејнзијански модел, демонстрирал дека попостепен пристап кон намалувањето на инфлацијата би можел да ја елиминира инфлација без создавање на значајна загуба во производството. Важна замка тука е дека оваа постапна политика мора некако да се направи веродостојна, што може да биде потешко да се постигне отколку во случајот со антиинфлациската политика на брзо и комплетно стопирање, што веднаш демонстрира дека креаторите на политики се сериозни во врска со борбата со инфлација. Ставот на Тејлор дека инфлацијата може да биде намалена со мала загуба во производството можеби е премногу оптимистичка.
Инкорпорирањето на рационални очекувања во анализата на агрегатната понуда и побарувачка укажува дека успешната антиинфлациска политика мора да биде кредибилитетна. Боливиската хиперинфлација во 1985 година обезбедува докази за тоа дека кредибилитетот игра важна улога во успешната антиинфлациска политика. Но, поставувањето кредибилитет е полесно теоретски отколку практично.

Наводи[уреди | уреди извор]


  1. Фредерик С. Мишкин, Економија на парите, банкарството и финансиските пазари, 2010, стр. 388-389
  2. Thomas Sargent, Neil Wallace, ’’Rational Expectations, the Optimal Monetary Instrument, and the Optimal Money Supply Rule’’, Journal of Political Economy 83, 1975, 241-254.
  3. Фредерик С. Мишкин, Економија на парите, банкарството и финансиските пазари, 2010, стр. 388-389
  4. John Taylor, The Role of Expectations in the Choice of Monetary Policy, во: Monetary Policy Issues in the 1980s, Federal Reserve Bank of Kansas City, Kansas City, 1982, стр. 47-76.