Модел IS-LM

Од Википедија — слободната енциклопедија
IS-кривата се поместува на десно, предизвикувајќи пониски камати (i) и експанзија на „реалната“ економија (реален БДП, или Y).

IS-LM (англиски: IS-LM model) — макроекономски модел којшто е развиен во 1937 година од страна на англискиот економист Џон Хикс, добитник на Нобеловата награда за економија[1]. Името на моделот претставува кратенка од економските категории: инвестиции, штедење, склоност кон ликвидност и парична маса (Investment — Saving / Liquidity preference — Money supply).

Моделот IS-LM ги поврзува пазарот на стоки (IS-кривата) и пазарот на пари (LM-кривата), објаснувајќи како се утврдуваат каматните стапки и вкупното производство во економијата (или вкупниот национален доход - Y) при дадено фиксно ниво на цените (што е разумна претпоставка, на краток рок).[2] Со помош на IS-LM моделот може да се прават економски предвидувања, како и да се разберат ефектите на монетарната и фискалната политика врз вкупната економска активност.

Настанок на моделот IS-LM[уреди | уреди извор]

Идејата за IS-LM моделот возникнала во септември 1936 година на економетриската конференција (Econometric Conference) одржана во Оксфорд. На оваа конференција, Рој Харод, Џон Хикс и Џејмс Меди претставиле трудови во кои преку опишување на математички модели се обиделе да ги сумираат идеите на Џон Мајнард Кејнс од неговата позната книга Општата теорија на вработеноста, каматата и парите.

Хикс, кој имал видено нацрт од трудот на Харод, го измислил IS-LM моделот (оригинално ја користел ознаката LL наместо LM). Овој модел, тој подоцна го претставил во статијата насловена Mr. Keynes and Classic: A suggested Interpretation. Моделот на општата рамнотежа ја игнорира неизвесноста - а побарувачката за ликвидност (liquidity preference) има смисла само во услови кога постои неизвесност.

Најголемиот дел од модерните економисти го гледаат IS-LM моделот како еден од најдобрите модели за разбирање на реалните случувања во економијата. Иако постојат кругови на економисти кои укажуваат на несовршеноста и пропустите кои ги содржи моделот, сепак моделот се користи како една од основните алатки за разбирање на макроекономската теорија.

IS-кривата и пазарот на стоки[уреди | уреди извор]

Агрегатната побарувачка според Кејнс[уреди | уреди извор]

Традиционално, кејнсијанскиот модел е претставен за затворена економија. Кејнс, сакајќи да објасни зошто настанала Големата депресија и како во иднина тоа би можело да се избегне преку владината политика, се фокусирал на тоа да го разбере движењето на вкупното производство - Y. Пазарот на стоки влијае врз побарувачката на пари и оттука врз каматната стапка. Пазарот на пари преку каматната стапка влијае на пазарот на стоки, а оттука влијае и на нивото на вкупното производството – Y.

Анализата на Кејнс тргнува од тоа дека бараниот квантитет на производство е збир од четири видови потрошувачка:

  • лична потрошувачка – C,
  • инвестициска потрошувачка за капитални добра на фирмите – I,
  • владина (државна) потрошувачка – G и
  • нето извозот – NX, кој е резултат на извозот (X) - увозот (Z) на една економија (X – Z = NX)[2].

Вкупната побарувачка Yad, односно вкупниот баран квантитет на производство во една економија, може да се напише како:

Yad = C + I + G + NX

Според ова, во економијата ќе дојде до рамнотежа кога вкупното понудено (произведено) производство Y ќе биде еднакво на квантитетот на бараното производство Yad. Во оваа ситуација на рамнотежа, производителите можат да го продадат целото свое производство и нема да имаат причина да го зголемуваат/намалуваат производството.

За поедноставно да се разбере моделот, на почетокот може да се изолираат G и NX како дел од агрегатната побарувачка. Се претпоставува дека G=0 и NX=0 и според тоа, Yad = C + I. За личната потрошувачка – C, Кејнс вели дека зависи од расположливиот доход на поединците и нивното богатство. Таа зависност тој ја искажува преку функцијата на потрошувачка:

C = C [+ Ω, + (Y-T)],

каде Ω е богатството, а Y (доходот) – T (даноците) e расположливиот доход.

Инвестициската потрошувачка – I, зависи од каматните стапки и очекувањата на компаниите за иднината и може да се постави како функцијата на инвестициите:

I = I ( - i, + q ),

каде i претставува каматната стапка, додека q е всушност Тобиновиот q – ефект на т.н. животински дух (Animal spirits), кој ги претставува очекувањата на компаниите за иднината.

Оттука можеме да заклучиме дека

Yad = C [+Ω, +(Y-T)] + I (-i, +q) + G + NX,

односно:

  • зголемувањето на C (личната потрошувачка) директно влијае врз зголемување на нивото на Y;
  • зголемувањето на Ω (богатството) индиректно влијае врз зголемување на нивото на Y заради тоа што ја зголемува можноста за сегашно трошење (зголемување на C);
  • зголемувањето на (Y-T) (расположливиот доход по одземање на даноците) индиректно влијае на зголемувањето на нивото на Y заради тоа што ја зголемува можноста за сегашно трошење, но исто така може да се каже и дека намалувањето на T индиректно, преку зголемување на расположливиот доход по одземањето на даноците влијае врз зголемување на можноста за сегашно трошење;
  • зголемувањето на i (каматната стапка) индиректно влијае врз намалување на нивото на Y заради тоа што при повисока каматна стапка, опортунитетниот трошок на компаниите за инвестирање ќе биде поголем - ќе им се исплаќа повеќе да ги штедат своите пари во банка наместо да ги инвестираат во зголемување на производствените можности;
  • зголемувањето на q (Тобиновиот q - деловните очекувања) индиректно влијае врз зголемување на нивото на Y заради тоа што од идните позитивни деловни очекувања зависат денешните деловни одлуки, никој не би ризикувал да инвестира доколку има негативни очекувања за идните економски настани;
  • зголемувањето на G (државната/владината потрошувачка) директно влијае врз зголемувањето на нивото на Y;
  • зголемувањето на NX (нето извозот) директно влијае врз зголемување на нивото на Y заради тоа што ја претставува потрошувачката на домашните производи во странство.

Дијаграмот од 45° – Кејнсијански вкрстен дијаграм[уреди | уреди извор]

Yad расте заедно со доходот (заработен од продажбата на производството), но помалку пропорционално, бидејќи дел се штеди, дел се троши за увозни добра. Рамнотежата на пазарот на стоки, настанува долж линијата од 45° каде соодветното ниво на производство Y е еднакво со побаруваната количина на стоки и услуги Yad. Ова ниво на производство уште се нарекува и рамнотежен БДП. Каде и да се наоѓа производството долж Yad, секогаш ќе се стреми кон рамнотежното ниво (во точката A).

Кејнсијанскиот вкрстен дијаграм, прикажан на сликата, го покажува односот спрема вкупната побарувачка Yad (вертикална оска) и нивото на вкупното производство Y (хоризонтална оска). Линијата од 45° ги покажува сите точки во кои Y = Yad, односно сите точки во кои вкупното производство би било еднакво на вкупната побарувачка.

Ако на овој графикон се додаде функцијата на вкупната побарувачка Yad, тогаш во точката во која ќе се сечат правата од 45° каде Y = Yad и Yad, ќе го добиеме рамнотежното ниво на производство.

На дијаграмот даден на сликата, може да се забележи дека во точката А каде се сечат Yad-кривата и кривата од 45°, имаме ситуација на рамнотежа помеѓу вкупната побарувачка на нивото Yad* и вкупното ниво на производство Y*.

Доколку, нивото на производство е над рамнотежното ниво (во точката E), тогаш поради тоа што производството ја надминува вкупната побарувачка (растојанието од точката D до точката E) претпријатијата почнуваат да се оптоваруваат со непродадени залихи. За да не продолжи трендот на трупање на залихи, претпријатијата го намалуваат производството придвижувајќи го кон рамнотежното ниво Y*.

Ако пазарот се најде во обратна ситуација, односно производството да е под рамнотежното ниво (во точката B), тогаш претпријатијата ќе ја увидат потребата од зголемување на производството (растојанието од точката C до точката B) преку сигналот којшто ќе го пратат цените на стоките и ќе го зголемуваат производството придвижувајќи го кон рамнотежното ниво.

На графиконот, исто така може да се забележи дека кривата на функцијата на побарувачката Yad (која во случајов е резултат на C + I, но и да се додадат и останатите компоненти G и NX нема да влијае врз заклучоците кои се извлечени во случајов) е порамна од линијата од 45°, бидејќи кога националниот доход Y расте, побарувачката за домашни стоки и услуги расте исто така, но со помала мера. Ова е така заради тоа што дел од доходот се троши на увезени стоки, дел се штеди.

Услов за рамнотежа на пазарот на стоки: производството да биде еднакво со побарувачката. Нагорниот наклон на кривата Yad го покажува фактот дека побарувачката се зголемува заедно со доходот. Во точката A на графиконот, агрегатната побарувачка (мерена преку вертикалната оска) може да биде задоволена бидејќи е еднаква на производството кое се пласира на пазарот од страна на производителите (мерено преку хоризонталната оска). Оваа состојба се нарекува рамнотежа на пазарот на стоки, а соодветното ниво на производство се нарекува рамнотежен БДП.

Од кејнсијанскиот вкрстен дијаграм до IS-кривата[уреди | уреди извор]

Намалувањето на каматната стапка води кон зголемување на потрошувачката и инвестициите, што е проследено со зголемување на производството. IS-кривата станува порамна со поголемо зголемување на производството (што е прикажано со растојанието CB на графикот. Лево од IS-кривата имаме состојба на вишок на побарувачка на стоки (на пример точката A' ), додека десно од IS-кривата имаме состојба на вишок на понуда на стоки (на пример точката D и точката C.

Кај Кејнс, сè почнува и завршува со каматната стапка i (interest rate). На графиконот од лево, имаме пример каде рамнотежата се наоѓа во точката A. При промена на каматната стапка, односно намалување на каматната стапка од i на i' , делот од Yad кој припаѓа на I (инвестициите) ќе расте. Во услови на пониски каматни стапки, на претпријатијата повеќе им се исплаќа да инвестираат во нови средства наместо да ги чуваат парите како депозити во банка. Исто така, гледано од страна на потрошувачите - помалку ќе им се исплаќа да штедат, а кредитите ќе им бидат поевтини. Поевтините кредити ќе го поттикнат населението да троши повеќе, со други зборови ќе расте и C. Со растот на инвестициите (I) и со растот на личната потрошувачка C, ќе растe и Yad. Овој раст ќе предизвика нарушување на рамнотежата и економијата ќе заврши во точката A' каде побарувачката е над производственото ниво (состојба на вишок побарувачка). Притисокот кој ќе го создаде вишокот побарувачка, односно недостатокот од производство, ќе стигне до претпријатијата. Во прво време, тие ќе се обидуваат да ги користат залихите што веќе ги имаат (buffer stock), но прилично брзо тие ќе го приспособат своето производство зголемувајќи го до рамнотежното ниво. Со реакцијата на претпријатијата, ќе се создаде нова рамнотежа во точката B. Ова ново рамнотежно ниво е нивото на новиот рамнотежен БДП.

На графиконот од десно, точките A и B соодветно одговараат на точките A (каматна стапка i и ниво на производство Y) и B (каматна стапка i' и ниво на производство Y' ) од графиконот од лево. Со употреба на истото резонирање и за другите нивоа на каматните стапки, се генерираат повеќе точки како овие две. Ако се поврзат точките заедно ќе ја означат негативната поврзаност помеѓу каматната стапка (i) и рамнотежното ниво на производство (Y) отсликана преку надолниот наклон на кривата IS.

Со исцртување на IS-кривата, графиконот се дели на две подрачја: над неа и надесно, постои вишок на понуда на пазарот на стоки; под неа и налево, постои вишок на побарувачка на пазарот на стоки и услуги. На границата на двата дела, односно таму каде што се простира IS-кривата, се претставени сите оние комбинации на нивото на продизводство (Y) и каматните стапки (i) кога пазарот на стоки е во рамнотежа.

При дадени вредности на егзогените променливи, IS-кривата претставува комбинација од номиналната каматна стапка и реалниот БДП (вкупното производство Y) во услови на рамнотежа на пазарот на стоки.[3]

Она што уште може да се заклучи од графиконот е тоа дека растојанието A'B го мери ефектот на каматната стапка врз инвестициите (колку претпријатијата под влијание на пониската каматна стапка се расположени да вложуваат во зголемувањето на производствените капацитети што ќе резултира со зголемување на производството заради задоволување на побарувачката).

Движење низ IS-кривата и нејзиното поместување[уреди | уреди извор]

При непроменета каматна стапка i, зголемувањето на која било егзогена компонента на побарувачката е претставено на левата страна, преку нагорно поместување на кривата на агрегатна побарувачка. Рамнотежата настанува во точката B, а новото рамнотежно производство Y (ниво на производство) е повисоко од почетното ниво Y. Графиконот на десната страна покажува дека IS-кривата се поместува надесно за дадена каматна стапка.

За да може да се утврди дали промената на одредена променлива влијае врз IS-кривата на тој начин што ќе ја помести’‘-кривата или само ќе следува движење долж’‘-кривата, мора да се разликуваат егзогените од ендогените променливи. Ендогените (endogenous) променливи се предмет на анализа во економскиот модел и се предмет на објаснување во моделот. Егзогените (exogenous) променливи се определени надвор од економскиот модел и не се предмет на објаснување во моделот.

IS-кривата опишува како две ендогени променливи, реалниот БДП (Y) и номиналната каматна стапка (i) се комбинирани за да се постигне рамнотежа на пазарот на стоки, при претпоставката за сè друго непроменето. Всушност, делот сè друго непроменето се однесува на сите променливи кои ги третираме како егзогени кога ја исцртуваме IS-кривата. Секоја промена на било која од овие променливи дава друга соодветна IS-крива.

Со други зборови, положбата на IS-кривата е определена од егзогените променливи: сè додека тие остануваат непроменети, се движиме долж IS-кривата, а секогаш кога една од овие егзогени променливи ќе се промени, IS-кривата се поместува. IS-кривата се поместува нагоре и надесно кога егзогената промена е експанзивна, и обратно кога имаме егзоген пад на агрегатната побарувачка, IS-кривата се поместува налево.

Фискалната политика е главна причина за поместувањето на IS-кривата. Државата е голем играч во макроекономијата, што значи дека промените во G (државните набавки на стоки) имаат значително влијание врз агрегатната побарувачка. На сличен начин, промените во оданочувањето T ги менуваат расположливиот доход на домаќинствата и потрошувачката.

Понатаму, промените во деловните очекувања q претставуваат друг важен фактор кој ја поместува IS-кривата. Овие очекувања, кои се фокусираат на идната профитабилност на инвестициите, се водени како од интуитивни чувства, така и од рационални пресметки.

Исто така, промените во богатството на домаќинствата Ω кои се резултат од флуктуациите на вредноста на средствата како што се акциите на пример, обврзниците, станбените објекти, итн. можат да влијаат врз агрегатната побарувачка и на тој начин да влијаат и врз положбата на IS-кривата.

LM-кривата и пазарот на пари[уреди | уреди извор]

LM-крива[уреди | уреди извор]

Егзогеното зголемување на БДП (Y) ја зголемува побарувачката на пари за било која каматна стапка, оттука и поместувањето од yad(i) во Yad(i') на графикот од левата страна. При почетната каматна стапка i, сега постои вишок побарувачка, што е претставено во точката C на двете страни (на двата графикони). Големината на вишокот на побарувачка (измерена преку должината AC, на левиот графикон) е пропорционална со осетливоста на побарувачката на пари на производството (Y). Враќањето на рамнотежата на пазарот на пари се постигнува преку зголемување на каматната стапка која предизвикува намалување на побарувачката. Потребното зголемување од i на i' (измерено преку должината на AB на левиот графикон, односно BC на десниот графикон) е обратнопропорционално со осетливоста на побарувачката на пари на каматната стапка. Ако побарувачката на пари е многу каматноосетлива, едно мало зголемување на каматната стапка е доволно за да се елиминира вишокот на побарувачка.

Исто како што IS-кривата се изведува од условот за рамнотежа на пазарот на стоки (вкупното производство е еднакво на вкупната побарувачка), LM-кривата се изведува од условот за рамнотежа на пазарот на пари, кој бара квантитетот на пари што се побарува да биде еднаков на квантитетот на пари што се нуди.

Основниот елемент во анализата на Кејнс за пазарот на пари е побарувачката на пари, што тој ја има наречено преференција за ликвидност (Liquidity preference). Накратко, според теоријата за преференцијата за ликвидност на Кејнс, побарувчката на пари во реални услови Md/P зависи од доходот Y (вкупното производство) и каматните стапки i. Побарувачката на пари е позитивно поврзана со доходот поради две причини.

  • Прво, порастот на доходот го зголемува нивото на трансакции во економијата, што, пак ја зголемува побарувачката на пари, бидејќи тие се користат за извршување на овие трансакции;
  • Второ, порастот на доходот ја зголемува побарувачката на пари, бидејќи со тоа се зголемува богатството на луѓето кои сакаат да чуваат повеќе средства, а дел од тие средства се парите.

Опортунитетниот трошок за чувањето пари кај себе е каматата што се жртвува со тоа што не се чуваат други средства (како што се обврзници на пример, или орочени парични средства во банка). Со зголемувањето на каматните стапки, опортунитетниот трошок за чување пари расте, а побарувачката за пари опаѓа.

Според теоријата за преференција на ликвидност, побарувачката на пари е позитивно поврзана со вкупното производство - Y и негативно поврзана со каматните стапки - i.

LM-кривата е комбинација од доходот и каматните стапки за која пазарот на пари е во рамнотежа, при дадено ценовно ниво и егзогени променливи.

Во анализата на Кејнс, нивото на каматните стапки се утврдува со рамнотежата на пазарот на пари (кога обемот на пари што се бара е еднаков на обемот на пари што се нуди). Графиконите прикажуваат што се случува на пазарот на пари и како се изведува LM-кривата. Претпоставка на моделот е дека централната банка ја одредува номиналната понуда на пари M, но бидејќи на краток рок ценовното ниво P се зема како константно, тоа автоматски значи дека централната банка ја определува и реалната понуда на пари. Затоа што LM-кривата се изведува со одржување на реалната понуда на пари на фиксно ниво, таа е фиксирана на нивото M/P на левиот графикон. Секое ниво на вкупното производство има своја крива на побарувачка на пари, бидејќи како што се менува вкупното производство, се менува и нивото на трансакции во економијата, што, пак, ја менува побарувачката на пари.

Кога вкупното производство е Y, кривата на побарувачка на пари е Yad(i): таа се наклонува надолу бидејќи пониска каматна стапка значи дека опортунитетниот трошок за чување на пари е понизок, така што обемот на пари што се бара е поголем - ситуација во точката C.

Всушност, реалната понуда на пари можеме да ја изразиме како функција од доходот, каматната стапка и личната потрошувачка или:

M/P = L (Y, i, C)

Почетната рамнотежа на пазарот на пари е во точката A во која каматната стапка е i. Но, кога вкупното производство е на повисоко ниво (Y' ), кривата на побарувачка на пари се подместува кон десно кон Yad(i'), затоа што повисокото ниво на производство значи дека по која било дадена каматна стапка, обемот на пари што се бара е поголем и ова го турка пазарот на пари во нерамнотежна ситуација во точката C каде се јавува вишок на побарувачка на пари. Со зголемување на каматната стапка, пазарот повторно се враќа во рамнотежа. Рамнотежата на пазарот на пари сега се јавува во точката B каде што каматната стапка е повисока од i и изнесува i' . Ваквата каматна стапка ќе одврати дел од учесниците на пазарот да побаруваат пари, или во најмала рака барем ќе им ја намали побарувачката.

LM-кривата ги следи точките што го исполнуваат рамнотежниот услов: обемот на пари што се бара да е еднаков на обемот на пари што се нуди. За секое дадено ниво на производство, кривата LM кажува каква мора да биде каматната стапка за да има рамнотежа на пазарот на пари. Како што расте вкупното производство, така се зголемуваат побарувачката на пари и каматната стапка, така што парите што се бараат да бидат еднакви на парите што се нудат и пазарот на пари да биде во рамнотежа.

Исто како што економијата има тенденција да се движи кон точките на рамнотежа претставени со IS-кривата, таа исто така, се движи кон рамнотежните точки на LM-кривата.

Ако економијата се наоѓа лево од LM-кривата, има вишок на понуда на пари (графиконот десно од претходниот поднаслов). Во точката D, на пример, каматната стапка е i' , а вкупното производство е Y. Каматната стапка е над рамнотежното ниво и луѓето чуваат повеќе пари одошто сакаат. За да го отстранат овој вишок на пари, тие ќе купуваат обврзници на пример, што предизвикува цената на обврзниците да се зголеми и нивните каматни стапки да паднат (карактеристичниот обратен однос кој постои помеѓу цената и приносот на обврзниците). Сè додека постои вишок на понуда на пари, каматната стапка ќе паѓа додека да стигне до состојба на мирување на LM-кривата.

Ако економијата е надесно од LM-кривата, таа има вишок на побарувачка на пари. На пример, во точката C каматната стапка е под рамнотежното ниво и луѓето сакаат да чуваат повеќе пари отколку што моментално чуваат. За да ги стекнат тие пари тие ќе продаваат обврзници и ќе ги намалуваат на тој начин цените на обврзниците, а каматните стапки ќе растат. Овој процес ќе престане само кога каматната стапка ќе се крене на точката на рамнотежа на LM-кривата.

Движење низ LM-кривата и нејзиното поместување[уреди | уреди извор]

Зголемувањето на понудата на пари при дадено ниво на каматни стапки создава ситуација на вишок на понуда на пари. Тоа значи дека сите точки на оригиналната LM-крива сега претставуваат комбинација на (i, Y) при вишок на понуда на пари. За да се воспостави повторно рамнотежа, побарувачката на пари мора да биде повисока. За да се постигне ова, или каматната стапка мора да биде пониска или доходот мора да биде повисок. Според тоа, новата LM-крива лежи под и надесно од старата.
LM-кривата се поместува кон лево од LM на LM' кога побарувачката на пари се зголемува, бидејќи како што е прикажано на графиконот од лево, по кое било фиксно дадено ниво на вкупно производство, рамнотежната каматна стапка се зголемува од A на A' .

За да се избегне забуната помеѓу поместувањата на LM-кривата и движењата долж неа, истото правило важи како и за IS-кривата: таа останува непроменета сè додека егзогените променливи не се менуваат. Со други зборови, секоја поединечна LM крива е соодветна на дадени вредности на егзогените променливи: реалната понуда на пари (M/P) и трансакциските трошоци (C) - автономни промени во побарувачката на пари. Сè додека овие егзогени променливи се непроменети, економијата останува на истата LM-крива. Кога некоја од егзогените променливи ќе се промени, LM-кривата се поместува.

На пример, LM-кривата се поместува надесно кога реалната понуда на пари расте (кога се зголемува номиналната понуда на пари или опаѓа ценовното ниво) или кога трансакциите на пазарот на пари стануваат поевтини, што влијае на зголемувањето/намалувањето на побарувачката на пари (преференцијата за ликвидност на Кејнс). Бидејќи ценовното ниво е земено како константно, секое зголемување на номиналната понуда на пари исто така е и зголемување на реалната понуда. Тогаш, LM-кривата се поместува надесно. Намалување на понудата на пари ја поместува LM-кривата налево. Пад на понудата на пари резултира со кусок на пари во точките на првобитната LM-крива. Оваа состојба на вишок на побарувачка на пари може да се отстрани со зголемување на каматната стапка, што го намалува обемот на пари што се бара сè додека тој повторно не стане еднаков на обемот на пари што се нуди.

Автономните промени на побарувачката на пари, односно промените што не се предизвикани од промена на ценовното ниво - P, вкупното производство - Y, или каматната стапка - i, можат да ја подместат LM-кривата. На пример, зголемувањето на нестабилноста на приносот од обврзници доведува до состојба во која обврзниците се поризични во однос на парите и до зголемување на обемот на пари што се бара по која било дадена каматна стапка, ценовно ниво или износ на вкупното производство. Голема финансиска паника, како резултат на нестабилноста на обврзниците како средство во кое луѓето го чуваат своето богатство, би значела дека луѓето ќе сакаат повеќе средства да чуваат како пари наместо како обврзници.

Исто така, за да го елиминираат ризикот од губење на своето богатство инвестирано дотогаш во обврзници, тие ќе бидат спремни да го префрлат богатството во пари на сите нивоа на каматни стапки и при даденото ниво на производство. Оваа промена на пазарот на пари може да се види на вторите два графикона. Новата рамнотежа на пазарот на пари ќе укажува на тоа дека вкупното производство е фиксирано на нивото Y, тогаш рамнотежната каматна стапка ќе се зголеми на i' , а точката на рамнотежа ќе се подмести од A на A' .

За разлика од тоа, автономен пад на побарувачката на пари би довел до поместување на LM-кривата надесно. Падот на побарувачката на пари би создал вишок на понуда на пари, што се отстранува со зголемување на обемот на пари што се бара како последица на намалувањето на каматната стапка.

Состојба на општа рамнотежа, вкрстување на IS и LM кривите[уреди | уреди извор]

Состојба на еквилибриум (рамнотежа) на пазарот на пари и на пазарот на стоки

Откога се изведени и IS-кривата и LM-кривата, тие може да се стават на ист графикон за да се создаде модел што овозможува да се утврдат и нивото на вкупното производство и каматната стапка. Единствената точка во која пазарот на стоки и пазарот на пари се во истовремена рамнотежа е пресекот на кривите IS и LM, точката E. Во оваа точка, вкупното производство е еднакво на вкупната побарувачка (IS) и обемот на пари што се бараат на пазарот е еднаков на обемот на пари што се нудат на пазарот (LM). На секоја друга точка во дијаграмот, најмалку еден од овие услови за рамнотежа не е исполнет и пазарните сили ја придвижуваат економијата кон општа рамнотежа, односно точката E.

За подобро да се разбере како функционира моделот, се претпоставува дека тој може да се наоѓа и во точката A и во точката B и во точката C и во точката D.

Иако во точката A пазарот на стоки е во рамнотежа, така што вкупното производство е еднакво на вкупната побарувачка, каматната стапка е над своето рамнотежно ниво, па побарувачката на пари е помала од понудата. Бидејќи луѓето имаат повеќе пари од оние што сакаат да ги чуваат, тие ќе се обидат да се ослободат од нив со купување обврзници, на пример. Порастот на цените на обврзниците како резултат на тоа предизвикува пад на каматните стапки, што, пак, предизвикува зголемување и на инвестициската потрошувачка (I) и на нето-извозот (NX), а со тоа и зголемување на вкупното производство. Потоа, економијата се движи надолу по IS-кривата и процесот продолжува сè додека каматната стапка не падне на i' , а вкупното производство не се зголеми на Y' - односно додека економијата не се најде на рамнотежната точка E.

Во точката C, пазарот на стоки повторно се наоѓа во рамнотежа и вкупното производство е еднакво на вкупната побарувачка, но пазарот на пари е надвор од своето рамнотежно ниво, заради тоа што каматната стапка е под рамнотежното ниво - понудата на пари е помала од побарувачката на пари. Бидејќи луѓето сакаат да чуваат повеќе пари од тие што веќе ги имаат кај нив, тие ќе сакаат да се ослободат од другите видови средства во кои им се заробени паричните средства, односно ќе ги продадат обврзниците што ги поседуваат, како пример. Зголемената продажба на обврзниците ќе предизвика пад на цената на обврзниците како резултат на што ќе се зголеми каматната стапка, што предизвикува пад на инвестициската потрошувачка (I) и на нето-извозот (NX), а со тоа и вкупното производство ќе се намали. Потоа економијата се движи нагоре по IS-кривата и процесот продолжува сè додека каматната стапка не порасне на i' , а вкупното производство не се зголеми на Y' - економијата не се најде на рамнотежната точка E.

Ако економијата е на LM-кривата, а не на IS-кривата, во точка B, таа, исто така, ќе се насочи кон рамнотежата во точката E. Во точка B, иако побарувачката на пари е еднаква на понудата на пари, производството е повисоко од рамнотежното ниво и ја надминува вкупната побарувачка. Компаниите не можат да го продадат целото нивно производство и се акумулираат непланирани залихи, што ги принудува компаниите да го намалуваат производството. Падот на производството значи дека побарувачката за пари ќе се намали, со што се намалуваат и каматните стапки. Тогаш економијата се движи надолу по LM-кривата сè додека не стигне до рамнотежа во точката E.

Во точката D имаме рамнотежа на пазарот на пари, но не постои рамнотежа на пазарот на стоки. Во оваа точка, производството е пониско од рамнотежното ниво и е помало од вкупната побарувачка. Компаниите во почетокот можат да ја задоволат зголемената побарувачка преку нивните залихи, но кога-тогаш мора да почнат да се прилагодуваат на потребите на пазарот и да го зголемат своето производство. Растот на производството значи дека побарувачката за пари ќе се зголеми, со што се зголемуваат и каматните стапки. Тогаш економијата се движи нагоре по LM-кривата сè додека не стигне до рамнотежа во точката E.

Реакција на промената на монетарната политика[уреди | уреди извор]

Зголемувањето на понудата на пари ја поместува LM-кривата надесно и економијата ја поместува во точката N каде производството е зголемено на Y' и каматната стапка е намалена на i' .

На графиконот е прикажана реакцијата на производството и каматната стапка на зголемувањето на понудата на пари. На почетокот, економијата се наоѓа во рамнотежа и кај пазарот на стоки и кај пазарот на пари, во точката Е, пресекот на IS и LM. Претпоставено е дека на последнователно ниво на производство Y, економијата се соочува со стапка на невработеност која централната банка сака да ја намали индиректно, преку зголемување на понудата на пари да го зголеми производството - краен ефект: да ја намали невработеноста.

Зголемувањето на понудата на пари предизвикува поместување на LM-кривата надесно до LM' , а рамнотежната точка и кај пазарот на стоки и кај пазарот на пари се придвижува до точката N - пресек на IS и LM кривите. Како резултат на зголемувањето на понудата на пари, каматната стапка паѓа на i' , а вкупното производство се крева на ниво на Y' . Ова за централната банка значи успех во подобрувањето на стабилноста на економијата.

Кога економијата е во точката E, зголемувањето на понудата на пари (поместување на LM-кривата надесно) создава вишок понуда на пари, што резултира со намалување на каматната стапка. Падот предизвикува зголемување на инвестициската потрошувачка и нето-извозот, што, пак, ја крева вкупната побарувачка и доведува до раст на вкупното производство. Вишокот понуда на пари се отстранува кога економијата стигнува во точката N, затоа што и растот на производството и падот на каматната стапка го зголемуваат обемот на пари што се бара додека тој не стане еднаков на новото повисоко ниво на понуда на пари.

Обратно е при намалување на понудата на пари. Тогаш, LM-кривата се поместува налево и тоа предизвикува зголемување на каматната стапка и намалување на производството. Според тоа, вкупното производство е позитивно поврзано со понудата на пари - вкупното производство расте кога понудата на пари се зголемува и паѓа кога таа се намалува.

Реакција на промената на фискалната политика[уреди | уреди извор]

Експанзивната фискална политика ја поместува IS-кривата надесно до IS' , економијата се поместува до точката N, вкупното производство се зголемува на Y' , а каматната стапка се крева на i' .

Во ситуација на висока невработеност, доколку централната банка не сака да реагира, тогаш мора да реагира владата, односно, државата со манипулирање на даноците - T и јавната потрошувачка - G. На графиконот е претставена реакцијата на производството и каматната стапка на експанзивна фискална политика (зголемување на државната потрошувачка или намалување на даноците). Зголемувањето на државната потрошувачка или намалувањето на даноците предизвикува IS-кривата да се помести до IS' , а рамнотежната точка и кај пазарот на стоки и кај пазарот на пари се поместува до точката N (пресек на IS' и LM' ). Резултатот од промената на фискалната политика е зголемување на вкупното производство на Y' и раст на каматната стапка на i' .

При експанзивна фискална политика, каматната стапка се зголемува, а при експанзивна монетарна политика, каматната стапка се намалува.

Растот на потрошувачката на државата - G директно ја зголемува вкупната побарувачка, а намалувањето на даноците - T доведува до поголем расположлив доход за трошење и ја зголемува вкупната побарувачка со раст на личната побарувачка - C. Зголемувањето на вкупната побарувачка како резултат на тоа, предизвикува зголемување на вкупното производство - Y. Повисокото ниво на вкупното производство го зголемува обемот на пари што се бара, притоа создавајќи вишок на побарувачка на пари, што, пак претставува раст на каматната стапка. Во точката N, вишокот на побарувачка на пари што се создал од растот на вкупното производство е отстранет со растот на каматната стапка, што го намалува обемот на пари што се бара.

Рестриктивната фискална политика (намалување на државната потрошувачка или зголемување на даноците) предизвикува процес што е обратен - пад на вкупната побарувачка, со што IS-кривата се поместува налево и предизвикува пад и на вкупното производство и на каматната стапка.

Вкупното производство и каматната стапка се позитивно поврзани со државната потрошувачка, а негативно поврзани со даноците.

Делотворноста на монетарната наспроти фискалната политика[уреди | уреди извор]

Кога побарувачката на пари не е под влијание на каматната стапка, LM-кривата е вертикална. На левиот графикон, експанзивната фискална политика ја поместува IS-кривата до IS' и го остава вкупното производство непроменето на Y. На десниот графикон, зголемувањето на понудата на пари ја поместува LM-кривата до LM' и го крева вкупното производство на Y' . Затоа монетарната политика е делотворна, а фискалната не.

Една од предностите кои ги нуди IS-LM моделот е одредувањето која политика може да биде најделотворна под одредени околности. Факт е дека IS-LM моделот покажува дека и фискалната и монетарната политика влијаат успешно врз нивото на вкупното производство. Во специфичен случај во кој побарувачката на пари не е под влијание на каматната стака (се смета дека побарувачката на пари не е еластична во однос на каматните стапки), монетарната политика влијае врз производството, додека фискалната политика не влијае.

На графиконот може да се погледне наклонот на LM-кривата ако побарувачката на пари не е под влијание на промени на каматната стапка. Ако точката E на левиот дел, е таква што обемот на пари што се бара е еднаков на обемот на пари што се нуди, тогаш таа е на LM-кривата. Ако каматната стапка се зголеми, на пример, на i' , обемот на пари што се бара не е под влијание и ќе продолжи да биде еднаков на непроменетиот обем на пари што се нуди само ако вкупното производство остане непроменето на ниво Y (точка N). Рамнотежата на пазарот на пари ќе се јави на истото ниво на вкупно производство без оглед на каматната стапка и LM-кривата ќе биде вертикална, како што е прикажано на двата графикона.

Се претпоставува дека економијата се соочува со висока стапка на невработеност која творците на политиките се обидуваат да ја отстранат со експанзивна фискална или монетарна политика. На графиконот може да се види што се случува во ваквиот специфичен случај при експанзивна фискална и експанзивна монетарна политика. Фискалната експанзија нема никакво влијание врз производството - вкупното производство останува на Y ниво кога економијата се поместува од точка E кон точката N (графиконот лево).

Фискалната експанзивна политика не е делотворна во оваа ситуација заради ефектот на целосно истиснување (crowding out). Бидејќи LM-кривата е вертикална, поместувањето на IS-кривата надесно ја зголемува каматната стапка на i' , што предизвикува инвестициската потрошувачка и нето-извозот да паднат доволно за целосно да се пребие зголемената потрошувачка на државата. Со други зборови, зголемената потрошувачка како резултат на експанзивната фискална политика ги истиснува инвестициската потрошувачка и нето-извозот кои се намалуваат поради растот на каматната стапка.

На графиконот десно, е прикажано она што се случува кога реагира централната банка на пазарот на пари преку експанзивна монетарна политика (зголемување на реалната понуда на пари, M/P). Овде LM-кривата се поместува надесно кон LM' , бидејќи по која било каматна стапка, производството мора да се зголеми за обемот на пари што се бара да се покачи така што ќе одговара на зголемувањето на понудата на пари. Вкупното производство се крева од Y на Y' (економијата се подместува од точка E до точка N, а експанзивната монетарна политика во овој случај влијае врз вкупното производство.

Она што може да се заклучи од движењата на графиконот е дека ако побарувачката на пари не е под влијание на промените на каматната стапка (побарувачката на пари не е еластична во однос на каматната стапка), монетарната политика е ефикасна, а фискалната политика не е. Сосема е нормално дека економијата може да се најде и во ситуација обратна од оваа - фискалната политика да биде ефикасна, а монетарната не. Во економијата, оваа ситуација кога побарувачката на пари е бесконечно еластична на каматната стапка е позната како ликвидносна замка или Кејнсијанска замка (Liquidity trap, Keynesian trap). Ситуацијата претпоставува каматна стапка 0%, при што луѓето целото свое богатство инсистираат да го држат само во пари - промената во обемот на пари M/P нема да има влијание врз каматната стапка.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. John Hicks, "Mr. Keynes and Classic: A suggested Interpretation", Econometrica, April 1937, стр. 137-159.
  2. 2,0 2,1 Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банкарство и финансиски пазари – превод на осмото издание, Магор, Скопје, 2010 година, стр. 513.
  3. М. Бурда, Ч. Виплош: Макроекономија: Европски текст- превод на 4то издание, Академски печат, Скопје, 2009 година, стр. 237.
  4. Љубе Трпевски: Монетарна Економија, прво издание, Скопје, Скен поинт, 2010 година, стр. 152.