Прејди на содржината

Едвард со рацете-ножици

Од Википедија — слободната енциклопедија

Едвард со рацете-ножици (англиски: Edward Scissorhands) е американски филм од 1990 година, во режија на Тим Бартон. Главните улоги во филмот ги играат: Џони Деп, Винона Рајдер, Винсент Прајс итн. Филмот добил шест награди, а бил номиниран за наградата „Оскар“ за најдобра шминка, додека Џони деп бил номиниран за наградата „Златен глобус“ за најдобар глумец.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Филмот започнува така што една баба ѝ раскажува на внуката приспивна приказна за Едвард, човекот со раце-ножици: Еден научник (го игра Прајс) создава вештачки човек, но умира пред да го доврши, така што тој останува без раце. Притоа, наместо раце, Едвард (го игра Деп) има ножици со кои умее извонредно да обликува жива ограда. Едвард живее повлечено во напуштената куќа на својот создавач, но еден ден случајно го открива една жена, која го доведува во својот дом. Набргу, Едвард станува главна атракција во соседството, како и главен фризер на сосетките и на нивите кучиња. Еден ден, во домот се враќа ќерката Ким (ја игра Рајдер) и Едвард се вљубува во неа, но таа има момче. Ким сака да му помогне на Едвард да добие вистински раце и нејзиното момче добива идеја да ја ограбат неговата куќа. Обидот за кражба пропаѓа и Едвард е уапсен, но набргу го ослободуваат. Малку подоцна, една жена од соседството го обвинува Едвард за обид за силување, така што сите луѓе се свртуваат против него. Кога Едвард сака да го спаси братот на Ким, сите помислуваат дека тој сака да го повреди, па затоа тој се повлекува во напуштената куќа во која живеел во минатото. Соседите доаѓаат во дворот со намера да му се одмаздат, а во куќата пристигнува и момчето на Ким (со кого таа претходно ја раскинува врската), кој го напаѓа Едвард, но во текот на борбата Едвард го убива. Тогаш, Ким излегува во дворот на куќата и на насобраните соседи им кажува дека и Едвард погинал во борбата со нејзиното поранешно момче. Така, Едвард продолжува да живее осамен живот во куќата, а Ким никогаш повторно не се среќава со него.[2]