Драгица Најческа

Од Википедија — слободната енциклопедија

Драгица Најческамакедонски поет, раскажувач, романописец и писател за деца.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Драгица Најческа е родена во Прилеп во 1933 година. Дипломира на Правниот факултет во Скопје, а од 1959 до 1969 година работи како асистент не Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Потоа го напушта ова работно место и започнува да се занимава со новинарство, работејќи како новинар и уредник во повеќе весници и списанија сè до своето пензионирање. Најческа се зафаќа за писателската работа уште како средношколка. Нејзиниот прв расказ е објавен во списанието „Иднина“ во 1950 година, по што следи објавување на повеќе раскази за возрасни и за деца во македонските и бившо-југословенските весници и списанија. Член е на ДПМ од 1969 година. Автор е на книгите: „Пеперуга со натопени крилја“ (роман, 1969), „Друга мајка“ (роман за деца и млади, 1979), „Раскази“ (1979), „Неспокој“ (поезија, 1988), „Крстопати“ (роман, 1995), „За глувчето, мачките, за мечките, рипчињата, зајачињата, лисичињата и ... дечињата“ (раскази за најмалите, 1997), „Омраза - длабоко“ (роман, 1998), „Доживотна јамка“ (роман, 2004)[2], „Вратете ми го сонот“ (поезија, 2005), „Избрани дела“ (2011). Рецензенти на делата на Најческа низ нејзиното повеќедецениско творештво се Блаже Конески, Петар Ширилов, Михаил Ренџов, Славка Манева, Михо Атанасовски, д-р Томе Саздов, д-р Георги Сталев, д-р Диме Бошков, д-р Елена Колева. Романот „Пеперуга со натопени крилја“ е прв роман на жена-автор во Македонија. Романот „Омраза-длабоко“ трипати е прогласуван за една од десетте најчитани книги во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Минатата година, издавачката куќа „Парабола“ од Москва овој роман го објави на руски јазик.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонски писатели/Macedonian writers, Друштво на писатели на Македонија, 2004, стр. 171.
  2. „Доживотна јамка“ - Драгица Најческа