Водни косови
Водни косови | |
---|---|
Воден кос | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Водни косови Sundevall, 1836 |
Видови | |
|
Водните косови (науч. Cinclidae) се семејство птици со единствен род Cinclus (водни косови) и пет вида. Специфични се по тоа што иако личат на дроздовите, и иако немаат пловни мрежички на стапалата, тие имаат способност да пливаат и нуркаат.
Опис
[уреди | уреди извор]Водните косови се мали, набиени птици со кратка опашка, кратки крилја и силни нозе. Обично се темнокафеави, речиси црни, или кафеаво-бели; единствено Cinclus schulzi има кафеаво перје со црвеникава боја на грлото. Овие птици се долги меѓу 14 и 22 см и тежат од 40 до 90 грама, а мажјаците се поголеми од женките. Нивните кратки крилја прооизведуваат препознатлив зуечки звук кога летаат.[1][2][3]
Распространетост и живеалиште
[уреди | уреди извор]Живеалиштето на водните косови се местата со слатководни и повисоки предели на Европа, Азија и Америка. Во Африка живеат само во планините. Живеат крај бреговите на брзите планински реки со студена вода, но во текот на сезоната на парење ги посетуваат и бреговите на езерата и морињата.[2]
Прилагоденост
[уреди | уреди извор]За разлика од многу водни птици, водните косови се градени како копнените птици (ножните прсти не им се поврзани со пловни кожички), но имаат некои морфолошки и физиолошки прилагодувања кон животната средина. Нивните крилја се кратки, но многу мускулести, па можат да ги користат за пливање под вода. Имаат густо перје со голема тртна жлезда, чија течност ги прави пердувите водоотпорни. Релативно долгите нозе и острите канџи им овозможуваат да се држат за камењата во брзата вода. Очите им се со добро развиен мускул за фокусирање што им овозможува да ја сменат свиеноста на леќата и да го подобрат видот под вода.[4] Имаат капаци на ноздрите што спречува влегување вода во носниците. Нивната крв има висока концентрација на хемоглобин, што им овозможува складирање повеќе кислород во крвта отколку кај копнените птици, а им овозможува да останат под вода барем 30 секунди.[2]
Поведение
[уреди | уреди извор]Исхрана
[уреди | уреди извор]Водните косови ловат мали животни на бреговите на слатководните брзи реки и потоци. Стојат на камен и ловат од работ на водата, но често, исто така, цврсто се држат за камењата и одат делумно или целосно пикнати под вода. Под водата го бараат својот плен меѓу камењата. Исхраната се состои од безрбетници, мали риби и икри, како и школки, особено зимно време кога ларвите на инсектите се помалку достапни.[2]
Размножување
[уреди | уреди извор]Водните косови се размножуваат крај бреговите на реките во поврзани низови. На својата територијата, која ја бранат од другите косови, парот мора да има погодно место за гнездо и одмор, но главен услов за должината на територијата е достапноста на храна за родителите и младенчињата. Затоа, територијата може да биде долга од 300 до повеќе од 2.500 метри.[2]
Гнездата обично се големи, топчести и вдлабнати, направени од мов, а внатре послани со тревки и коренчиња. Од страната имаат влез. Ги градат на скришно место во близина на водата. Може да бидат во пукнатина, цевка, под мост и сл. Многу ретко го прават гнездото на дрво.[2]
Вообичаената големина на леглото на северните видови е 4-5 јајца; а големината на јужните не е позната, но се претпоставува дека Cinclus schulzi несе 2 јајца.[5] Инкубацијата трае 16-17 дена, а пилињата се раѓаат голи, па женката ги грее во наредните 12-13 дена. Обата родитела ги хранат, а оперјувањето трае 20-24 дена. Младенчињата стануваат независни неколку недели по напуштањето на гнездото. Може да имаат и второ легло, ако условите тоа им го овозможуваат.[2]
Комуникација
[уреди | уреди извор]Водните косови се огласуваат со гласни звуци со висока честота, слично на останатите птици што живеат крај брзи реки. Честотата се движи од 4,0 до 6,5 kHz, многу над границата од 2.[6] Овие птици често комуницираат и визуелно со своите карактеристични движења, како и со често трепкање, покажувајќи ги горните бели очни капаци, со што го привлекуваат партнерот или ги бркаат противниците.[4][7]
Опстанок
[уреди | уреди извор]Водните косови се целосно зависни од брзите реки со чиста вода, изобилството храна и сигурните места за гнездење. Може да ги загрози сè што има врска со водата, загадувањето, изградбата на браните и сл.[2]
Понекогаш луѓето ги ловат или ги убиваат на друг начин од разни причини. Така, популацијата на обичниот воден кос на Кипар целосно изумрела. Во некои делови на Шкотска и Германија до почетокот на 20 век луѓето ги ловеле зашто сметале дека тие ја намалуваат бројноста на риби, бидејќи ја јадат нивната икра.[2]
Иако локално може да бидат загрозени, статусот на вкупната популација е со најмала загриженост.[8]
Видови
[уреди | уреди извор]- Cinclus cinclus - Воден кос
- Cinclus pallasii
- Cinclus mexicanus
- Cinclus leucocephalus
- Cinclus schulzi
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Whistler, Hugh. (2007). Popular Handbook of Indian Birds. British Museum Natural History: London. 4th edition. ISBN 1406745766
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Tyler, Stephanie J.; & Ormerod, Stephen J. (1994). The Dippers. Poyser: London. ISBN 0-85661-093-3
- ↑ Robbins, C.S.; Bruun, B.; & Zim, H.S. (1966). Birds of North America. Western Publishing Company: New York.
- ↑ 4,0 4,1 Goodge, W.R. (1960). „Adaptations for amphibious vision in the Dipper (Cinclus mexicanus)“. J. Morphol. 107: 79–91. doi:10.1002/jmor.1051070106. PMID 13707012.
- ↑ Salvador, S.; Narosky, S.; & Fraga, R. (1986). „First description of the nest and eggs of the Red-throated Dipper in northwestern Argentina“. Gerfaut. 76: 63–66.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ J., Martens; Geduldig, G. (1990.), Acoustic adaptations of birds living close to Himalayan torrents, Bonn: Current Topics Avian Biol., стр. 123–131 Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Creutz, G. (1966). Die Wasseramsel. A. Ziensen: Wittenburg Lutherstadt.
- ↑ BirdLife International (2007) Species factsheet: Cinclus schulzi. Downloaded from http://www.birdlife.org on 14/3/2008
- Mullarney, Svensson, Zetterstrom, Grant, Collins Bird Guide ISBN 0-00-219728-6
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Водни косови“ на Ризницата ? |
- ITIS - Cinclus Архивирано на 20 август 2004 г.
- Фотографии на водни косови Архивирано на 4 март 2012 г.
- Фотографии, видеа и звуци Архивирано на 16 март 2016 г. на Интернет збирката птици