Вита Бревис

Од Википедија — слободната енциклопедија

Вита Бревис: писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин (норвешки: Vita brevis. Floria Aemilias til Aurel Augistin) е новела од норвешкиот писател Јустен Гордер (Justin Gaarder). Книгата е објавена на македонски јазик во 2014 година, во превод на Билјана Жеревска.

Технички податоци[уреди | уреди извор]

Книгата е објавена од страна на НУ Македонска филхармонија и ЈУ Младински културен центар, како дел од мултимедијалниот спектакл под наслов „Види музика, слушни слика, добиј книга!!!“. Лектурата ја извршила Весна Стојчевска, а на корицата е ставена сликата на Глигор Чемерски, „Момче од планината“ од 1964 година. Книгата е испечатена во печатницата „Европа 92“, во тираж од 20 000 примероци. Покрај новелата на Гордер, книгата содржи и поговор со наслов „Напуштање на среќата“ од Билјана Жеревска. Книгата е каталогизирана од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-644-63-4.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата е напишана во исповедна и епистоларна форма, а започнува така што самиот автор, еден ден, случајно пристигнува на еден пазар во Буенос Аирес, каде во една антикварница наоѓа стар ракопис од 4 век, за кој претпоставува дека е оригиналното писмо што Флорија Емилија му го испратила на Аврелиј Августин, бискупот од Хипон. Притоа, во новелата, авторот вметнува елементи кои треба да асоцираат на реалноста, како: ценкањето за цената за ракописот, благодарност до луѓето кои му помогнале околу преводот од латински јазик итн.

Книгата е напишана во вид на исповед на Флорија Емилија до својот поранешен љубовник и во неа се опишува нејзиниот живот со Августин, како и нејзините размислувања за религијата, љубовта, телесната страст итн. Притоа, таа го поставува прашањето, дали може некој човек, независно од неговиот ранг, да го има екслузивното право да зборува во името на Бога?[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јустен Гордер, Вита Бревис: писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин, Скопје: Младински културен центар и Македонска филхармонија, 2014.
  2. Билјана Жеревска, „Напуштање на среќата“, во: Јустен Гордер, Вита Бревис: писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин, Скопје: Младински културен центар и Македонска филхармонија, 2014, стр. 86-91.