Википедија:Избрана статија/2023/12

Од Википедија — слободната енциклопедија

Писменост — поим кој традиционално се дефинира како способност за читање и пишување. Денес значењето е проширено да вклучува и способност да се користат јазикот, бројките, сликите, сметачите и други основни начини за разбирање, општење, стекнување со корисни знаења, решавање на математички проблеми и употреба на доминантниот симболски системи на културата. Концептот за писменост се прошири во земјите-членки на ОЕЦД да вклучува и вештини за пристап до знаење преку технологијата и способност за проценка на комплексни контексти. Лице кое патува и престојува во странска земја, но не е во можност да чита или пишува на јазикот на месното население во земјата исто така би се сметало од страна на месното население за неписмено.

Клучот за писменоста е развојот на читањето, напредок во однос на вештините кое започнува со способноста да се разберат изговорените зборови и декодираат напишаните зборови и кулминира во длабоко разбирање на текстот. Развојот на читањето вклучува голем спектар на комплексни јазични основи вклучувајќи свест за говорни звуци (фонологија), правописни модели (правопис), значењето на зборот (семантиката), граматика (синтакса) и модели на образување на зборови (морфологија), сите обезбедувајќи ја потребната платформа за разбирање при читањето.

Откако овие вештини се стекнати, читателот може да стекне целосна јазична писменост, која вклучува способности да се аплицира на печатениот материјал критичка анализа, оценка и синтеза; да се пишува со точност и кохерентност; и за да се користат информацијата и увидот од текстот како основа за информирани одлуки и креативна мисла. Неможноста да се направи ова се нарекува неписменост или аналфабетизам.

Oрганизацијата за oбразование, наука и култура на ООН (УНЕСКО) ја дефинира писменоста како "способност да се идентификува, разбере, толкува, твори, општи и да се пресметува користејќи печатени и писмени материјали кои се поврзани со различни контексти. Писменоста вклучува континуитет во учењето со цел овозможување на поединците да ги постигнат своите цели, да ги развијат своите знаења и потенцијали и да учествуваат целосно во нивната заедница и поширокото општество. (Дознајте повеќе...)