Википедија:Избрана статија/2014/38

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зимзелена шума во северна Калифорнија
Зимзелена шума во северна Калифорнија

Шума — подрачје густо обраснато со дрва. Шумите покриваат 9,4% од површината на Земјата или 30% од вкупната копнена површина), но некогаш покривале 50%. Имаат значајна улога како живеалишта за организмите, како чинители во кружењето на водата и запазувачи на почвите. Со тоа, тие се меѓу најважните елементи на биосферата.

Една шума се состои од горен кат (кај крошните) и долен кат, кој потоа се дели на кат на грмушки, кат на билки и кат на мовови и почвени микроорганизми. Кај извесни посложени шуми постои и изразен меѓукат на пониски дрвја. Шумите се од огромно значење за човекот бидејќи вршат незаменливи задачи и претставуваат извор на најразновидни ресурси: складираат јаглерод, учествуваат во регулирањето на климата на планетата, ја пречистуваат водата и спречуваат природни непогоди како поплави. Во шумите се присутни цели 90% од сувоземната биоразновидност во светот.

Шумите во Македонија зафаќаат една третина од површината на земјата, опфаќајќи вкупно 319 видови дрвја и грмушки со над 80 подвидови и вариетети во рамките на 119 родови и 54 фамилии, а 16% од вкупниот број на видовите се балкански ендемити или субендемити. Овие се распоредени во 81 шумска фитоценоза во состав на 31 сојуз, 11 реда и 6 класи.

Вкупната површина на шумите во земјата изнесува 1.091.857,59 ха, од кои 835.055,82 ха а се обраснати и 256.801,77 ха се необраснати (голи делови). Има и дополнителни 80.000 ха или (7,32%) за кои постојат пооскудни податоци полади малото стопанско значење. Најшумовити делови се пошироките појаси долж границите, особено во западна Македонија, додека најобесшумени се Повардарието, Овче Поле и Пелагонија. Најзастапени се листопадните шуми, поточно дабот и буката. (Дознајте повеќе...)