Бравадос (филм од 1958)
Бравадос (англиски: The Bravados) - американски филм од 1958 година, во режија на Хенри Кинг, по сценариото на Филип Џордан, засновано врз романот на Френк О'Рурк. Главните улоги ги толкуваат: Грегори Пек, Џоан Колинс, Стивен Бојд, Алберт Салми и Хенри Силва, а директор на фотографијата бил Леон Шамрој.[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Пред шест месеци, Џим Даглас (го игра Пек) доживеал семејна трагедија, кога четворица разбојници упаднале на неговиот имот и му ја силувале сопругата, а потоа ја убиле. Оттогаш, тој неуморно ги бара злосторниците со намера да им се одмазди. Кога пристигнува во еден град треба да бидат обесени четворица разбојници, Џим во нив ги препознава луѓето кои ги бара, иако никогаш не ги има видено. Во градот, тој ја среќава Џозефа (ја игра Колинс) со која во минатото бил свршен, но нивната врска не завршила со брак. Вечерта, додека жителите на градот се собрани на миса во црквата (меѓу нив и Џим и Џозефа), затворениците успеваат да го совладаат шерифот и да побегнат од градот, а притоа со себе земаат една девојка. Луѓето од градот организираат потера по избеганите разбојници, а потерата ја води Џим, воден од желбата за одмазда. Еден по еден, Џим ги убива тројца од разбојниците, а на крајот бркајќи го Индијанецот, тој пристигнува во неговиот дом. Таму, дознава дека луѓето кои ги убил не се убијците на неговата жена, туку злосторството го извршил неговиот сосед, кој му ги украл и парите. Џим е потиштен од сознанието дека убил погрешни луѓе и се враќа во градот и веднаш влегува во црквата, барајќи прошка од свештеникот. Надвор го чекаат насобраните жители на градот, кои му се заблагодаруваат за успешната потера, а тој, свесен за својот грев, бара од насобраните луѓе да го спомнат во молитвите.