Благородна Лазаревска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Благородна Лазаревска.png
Родена Благородна Сотирова
17 јануари 1932
Прилеп, Кралство Југославија
Националност Македонка
Занимање стоматолог


Благородна Лазаревска (моминско: Сотирова; 17 јануари 1932 во Прилеп) — македонски стоматолог и универзитетски професор на Стоматолошкиот факултет во Скопје.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Средно образование, гимназија, завршила во Прилеп, во 1951 година. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирала во 1957 година. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобила во 1974 година. Истата година, на стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, професор Лазаревска го одбранила хабилитациониот труд под наслов „Учество на локалните фактори во етиологијата на прогресивната пародонтопатија“.

Веднаш по дипломирањето, во 1957 година, се вработила како стручен наставник по дентална патологија, болести на устата и екстракција на заби во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје. На Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, Лазаревска се вработила во 1961 година, како избран асистент на предметот болести на устата, а во 1964 година била избрана за универзитетски предавач. Со звањето доцент-професор Лазаревска се здобила во 1967 година, а во 1975 година била избрана за вонреден професор. Во 1980 година била избрана за редовен професор на Катедрата за болести на устата и пародонтот при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1986 година била преизбрана во истото звање.

Во 1992 година се пензионирала во звањето редовен професор. Благородна Лазаревска била на повеќе стручни усовршувања: во 1963 година престојувала еден месец на Клиниката за болести на устата при Стоматолошкиот факултет во Белград; во 1966 година како стипендист на Светската здравствена организација била на четиримесечно стручно усовршување во СССР: во Москва кај професор Рибаков и професор Евдокимов, во Одеса кај професор Фјодоров и во Ленинград кај професор Литваев.

Научниот интерес на проф. д-р Благородна Лазаревска навлегува во различни области на стоматологијата, но нејзин особен предизвик била прогресивната пародонтопатија. Публицистичкиот опус на професор Лазаревска опфаќа 136 статии, од кои 135 се објавени во домашни и една во странска публикација. Во текот на работниот век професор Лазаревска вршела бројни функции: била раководител на Клиниката за болести на устата и пародонтот при Стоматолошките клиники во Скопје (1964-1990) и раководител на истоимената Катедра при Стоматолошкиот факултет во Скопје (1964-1990). Во два мандатни периода (1978-1980 и 1980-1982) била продекан и во еден мандатен период (1982-1984) била декан на Стоматолошкиот факултет. Претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет во Скопје била од 1984 до 1986 год. Во 1979 година биле објавени резултатите од научниот проект со кој раководела професор Лазаревска, под наслов „Проучување на застапеноста на прогресивната пародонтопатија во СР Македонија и нејзините етиопатогенетски механизми“.

Професор Лазаревска била еден од најпреданите поборници за основањето на стручно-научното списание на стоматолозите од Македонија, „Македонски стоматолошки преглед“, и негов заменик главен и одговорен уредник во периодот од основањето во 1977 до 1990 година. Во периодот од 1970 до 1972 година била член на Републичката комисија за изработка на план и развој на научните дејности на СРМ. Била апстрактор на Научниот билтен на Сојузот на академиите на науките и уметностите на Југославија. Била прв претседател на Секцијата за болести на устата, забите и пародонтот. На општествен план, професор Лазарева била постојано вклучена во органите на управата на матичната институција: била член и претседател на Работничкиот совет на Стоматолошките клиники, претседател на Советот на Стоматолошкиот факултет и претседател и член на повеќе одбори и комисии на Наставно-научниот совет на Факултетот. Исто така, во два наврата, била член на Комисијата за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и еднаш била член на Републичката комисија за доделување на наградата „11 Октомври“ на Македонија.

За својата севкупна дејност, професор Лазаревска е носител на повеќе одликувања и награди:

  • Орден на трудот со сребрен венец (1982) од Претседателството на СФРЈ;
  • Орден на трудот со златен венец (1989) од Претседателството на СФРЈ;
  • Пофалница и парична награда за најдобар студент на генерацијата од Стоматолошкиот факултет во Белград (1957);
  • Плакета од Универзитетскиот совет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1984)
  • Плакета од Медицинскиот факултет во Приштина (1984)
  • Плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004).[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Лазаревски“. Македонска енциклопедија , книга I (А-Љ): стр. 783. (2009). Скопје: МАНУ.
  2. „Стоматолошки факултет“.