Бела Вода (пештера)
Бела Вода | |
---|---|
Внатрешноста на пештерата | |
Место | крај Вардар, Демир Капија, Македонија |
Должина | 995 м |
Бела Вода или Беловодица — пештера[1] од десната страна на реката Вардар на само неколку стотици метри низводно од Демир Капија, односно околу 300 метри по стариот тунел и пат за Гевгелија, веднаш под карпите кај патот. Влезот во пештерата многу тешко се воочува бидејќи е речиси хоризонтален. Всушност самиот влез таков како што е денес, не е природен туку е ископа 2м вертикално во земјиштен насип на кој е изграден стариот пат и железничката пруга. По спуштање до некогашниот вистински природен влез на пештерата, се минува 10-тина метри низ тесен канал, а потоа се поминува низ стрмен сифон чие дно во врнежлив период обично е под вода. Натамошните неколку стотици метри се речиси хоризонтални или благо се издигнуваат кон крајот на пештерата и не се тешки за поминување доколку се има соодветна опрема. На одредени места овој т.н. Долен канал се проширува во вид на пештерски сали-галерии или нагло се стеснува. Особено е интересна Големата галерија која претставува продолжение на главниот канал и е покриена со блокови, а на самиот таван се гледа пукнатина по која се врши природно распукнување и сурнување на варовнички блокови. На крајот од овој канал се наоѓа езеро долго 8 м, широко 5 м, а длабоко 3-6 м, во зависност од врнежите на површината. За разлика од долниот канал во кој се среќава пештерски накит, во горниот, пократок канал нема такво нешто бидејќи е млад по својот постанок, а по дното има песоци што укажува на повремен водотек во пештерата.
Вкупната должина на двата пештерски канали на Бела Вода изнесува 955 м и до пред десетина години се сметаше за најдолга пештера во Македонија. Од фауната во Бела Вода особено има лилјаци, разни видови на пештерски пајаци и други инсекти. Во сифонските делови на пештерата се јавуваат повремени езера. Создадена е со карстна ерозија во варовнички карпи со јурска старост, односно карпи стари околу 160 милиони години. Пештерата Бела Вода е посетувана од студентите на Институтот за географија, спелеолози и месното население. Неодамна имаше интерес за вештачко проширување и „преуредување“ на влезниот дел од пештерата, со што би се изгубила автентичноста на овој интересен спелеолошки објект. За таа цел, Бела Вода е ставена на листата за прогласување на заштитено подрачје.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Колчаковски, Д. (1993). Категоризација на позначајните пештери во Република Македонија. Екол. Зашт. Живот. Сред., Кн. 1, Бр јануари Скопје
- ↑ „Пештерата Бела Вода кај Демир Капија на листа за прогласување на заштитено подрачје“. Буквар. 13 март 2012. Посетено на 2013-05-17.[мртва врска]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Оваа статија пештера во Македонија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |