Аналфабетски курсеви

Од Википедија — слободната енциклопедија
Најава за Аналфабетски курсево во Битола

Аналфабетски курсеви — основен облик за описменување на возрасното население. Президиумот на АСНОМ, на седницата одржана од 2 до 5 септември, 1944 година, донел решение за организирање на вакви курсеви во Македонија. Курсевите се одржувале во вечерните часови, а ги посетувале лица од 12 до 45 годинишна возраст. Биле организирани во првите години по ослободувањето и преку нив се описменил голем дел од неписменото возрасно население.[1]

Македонија, во која се зародила словенската писменост пред повеќе од милениум години, по ослободувањето се нашла во состојба со околу 75% неписмено население над десетгодишна возраст. Тој факт нужно барал од самиот почеток на слободното живеење да се преземат широки мерки и активности за отстранување на оваа културно-просветна заостанатост.[2]

Само во текот на првите 5 години по Ослободувањето (19451950) се организирани повеќе од 9.000 аналфабетски курсеви, во кои биле опфатени околу 300.000 неписмени лица. Како резултат на овие и други преземени активности, процентот на неписмените постојано опаѓал. Статистичките показатели ја даваат следнава периодична слика на опаѓањето на процентот на неписменото население: 1948 – 40,3%; 1961 – 24,5%; 1994 – 6,7%; 2004 – 3,9%.[2][3]

Првите училишта[уреди | уреди извор]

Меѓу првите училишта во кое се изведувала наставата на современ, стандарден, македонски јазик е училиштето во кичевското село Подвис, а второто се наоѓа во преспанското село Љубојно. Учител во Подвис бил подвижанецот Василко Лазарески, а во Љубојно, Методија Јовковски, Благоја Ничевски и Јосиф Кондовски од Љубојно, Филип Поповски од Долно Дупени и Фанија Чемчева од Воден, Егејска Македонија.[4]

Забележани се и образовните активности и во кичевското село Кнежино. Таму како учител се јавува Борис Петрески, трговски работник со стекнато образование на печалба во Белград. Училиштето било сместено сретсело, во куќата на Трајан Јоноски, кој во исто време е претседател на НОО во селото.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 25. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. 2,0 2,1 Образованието на возрасните во Македонија по ослободувањето (PDF). Скопје: Институт за Педагогија. 1994. На |first2= му недостасува |last2= (help)
  3. „НЕПИСМЕНОСТ“. Македонска Енциклопедија. 2018-10-11. Архивирано од изворникот на 2020-05-08.
  4. 4,0 4,1 „СВЕДОШТВА: КАДЕ Е ВИСТИНАТА“. Кнежино. 2020-12-25.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Киро Камберски - Од буквар до универзитет, Скопје, 1994.
  • Аце Сајкоски - Кичевчани втемелувачи на македонската државност, НИП “Ѓурѓа”, Скопје 1994