Трајан Петровски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Трајан Петровски (31 јануари 1939, с. Арбиново, Дебрца, — 28 март 2021, Скопје) бил македонски поет, раскажувач, романописец, публицист, преведувач и полемичар.

Животопис[уреди | уреди извор]

Петровски дипломирал право во Скопје, а потоа имал богата дипломатска кариера. Бил амбсадор на СФРЈ и на Македонија во Египет, Турција, Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Узбекистан, Казахстан, Азербејџан и Киргистан. Покрај тоа, бил секретар и претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата и член на македонскиот ПЕН центар.

Петровски бил во брак со Верка Петровска со која имал два сина: Горан и Александар.

Творештво[уреди | уреди извор]

Во однос на тематската преокупација, дел од поезијата на Петровски е свртена кон тешкиот живот на селанецот и кон судбината на човекот, воопшто, додека во прозата се застапени теми и мотиви поврзани со селскиот живот, раскажани со мошне необичен јазик, небаре позајмен од народниот раскажувач.[1]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Петровски е автор е на следниве дела:

  • И падина и гороцвет (поезија, 1964)
  • Опаленик (поезија, 1967)
  • Водици (поезија, 1969)
  • Благослов на лебот (поезија, 1969)
  • Дреновина (поеизја, 1971)
  • Вовчето Киро (роман за деца, 1973)
  • Ни ден ни гробница (поезија, 1974)
  • Говорот на селаните (позија, 1979)
  • Време Литово и Аждерово (раскази, 1982)
  • Запеј, запеј (поезија за деца, 1982)
  • Старо лозје (поезија, 1983)
  • Сфинга (поезија, 1985)
  • Девствена причесна (роман, 1985)
  • Асхаровци (роман, 1987)
  • Разговори со Прличев (позија, 1989)
  • Анадолските ветрови (поезија, 1993)
  • Босфорски завештение (поезија, 1996)
  • Верување во Охрид (поезија, 1996)
  • Живеам во Азија (поезија, 2000)
  • Беседења по дервишки (поезија, 2000)
  • Пукнатина (поезија, 2005)
  • Амбисот. Жената (поезија, 2010)
  • Каде со иднината (поезија, 2012)
  • Со кого можам да зборувам денес (поезија, 2012)
  • Главата в торба (поезија, 2014)
  • Кога ѕверот ќе дојде (поезија, 2017)
  • Јас и Црна Арапина (поезија, 2017)
  • Заклетва за простодушните (роман)
  • Дервишки прстен (роман)
  • Непорабена месечина (роман)
  • Здравица за потомците (роман)
  • Македонскиот фараон (роман)
  • Саркофагот на македонската земја (роман)
  • Бела чума (роман)
  • Црвоточина (роман)
  • Задгробен разум (роман)
  • Откривање на вечноста
  • Анадолски дипломатски летопис (мемоари)
  • Смалувањето на човекот
  • Каирска магија
  • Горчлив австралиски патопис
  • Житија караормански
  • Озрачување на стварноста
  • Севселенски раскази
  • Жезолот на Патријархот

Исто така, тој е автор на неколку антологиски избори: Слепиот харфист, Читање на папирусите, Антологија на современата египетска поезија, Антологија на малезиската поезија, препеви од „Книгата на мртвите“ и др. Неговите песни се застапени во бројни антологиски избори во Македонија и во странство. Поезијата на Петровски е преведена на повеќе од 20 јазици, а одделни книги поезија и проза се објавени на англиски, руски, арапски, турски, кинески, романски, полски, српски, бугарски, албански, азерски и монголски јазик. Тој, пак, преведувал од српско-хрватски и англиски јазик.

Трајан Петровски е носител на неколку значајни домашни и меѓународни книжевни награди и признанија за поезија и проза, како: Рациново признание, Кочо Рацин, Григор Прличев, Ванчо Николески, Златно перо, Златен Јупитер на градот Тоска во Турција, како и на наградата „Св. Климент Охридски“ на градот Охрид за животно дело.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Георги Сталев (приредувач), Современи македонски раскажувачи, избор. Скопје: Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла и Наша книга, 1990, стр. 170.