Стеван Силјановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стеван Силјановски

Стеван Силјановски (14 март 1924 во с. Слоештица27 декември 1991 во Битола) — македонски партизан и политичар.

Учествувал како партизан во народноослободителната борба, а подоцна станал командант на Југословенската народна армија, претседател на комисијата за просвета на Битолската Околија и прв градоначалник на Општина Демир Хисар, во два мандати (1961-1967).

Биографија[уреди | уреди извор]

Стеван е роден во селото Слоештица на 14 март 1924 година. Основно училиште завршил во родното село, а гимназија во Ниш каде чичко му и татко му Ристе работеле како пекари. Чичко му Петре бил без деца, па сите средства биле вложени во неговиот внук. Денот кога фашистите ја напаѓаат Југославија во Втората светска војна, Стеван тргнува со воз од Ниш до Скопје, каде фашистите веќе биле стигнати. Оттука тргнува пешки преку Водно до Крушево. Таму го зема татко му со коњот и се враќа во Слоештица.

Партизанското движење слушнало за него како учен човек и решиле да го ангажираат да работи во младинскиот актив во Крушевската Околија, каде бил под команда на политичкиот комесар Костадин Стерјов Поповски, кој подоцна станал професор на Економскиот Факултет во Скопје и член на првата влада на СР Македонија. За време на партизанската мобилизација, соселаните се побуниле зошто мислеле дека Стеван не е мобилизиран, дека е привилегиран од своето семејство и може да ја избегне војната, во услови кога дури и син му на Јосип Броз Тито се приклучил во борбите. Ја обиколиле куќата со намера да ја минираат и да го најдат Стеван каде што мислеле дека се криел. Заради тоа татко му заминал со коњ до Крушево и го зел Стеван со себе заедно со 2ца војници за да докажат дека Стеван е дел од партизанското движење. Оттука тој ги повел своите соселани кон Другово каде се пријавиле за учество во војската.

Во војската бил забележан како учен човек и поради тоа држел предавања на војниците во касарната во Кичево, каде командант на бригадата бил Киро Сотировски Строгов (народен херој), а политички комесар бил Јаким Синадиновски, подоцна професор на Филозофскиот Факултет во Скопје. Синадиновски го забележал Стеван како добар говорник и го предложил пред Строгов за командант на командата на ОЗНА во Кичево, во склоп на бригадата. Како командант, остатокот од војната ја поминал во судири со балистичките чети во Западна Македонија предводени од Џемаил Хасани – Џемо и Мефаил Еипов - Мефо.

По завршувањето на војната служел како командант на караулите во Источна Македонија. Во меѓувреме, завршил воена академија во Сараево и се здобива со чин мајор. Во 1949 година служел како дел од командата на гарнизонот на армијата во Скопје. Како мајор, бил задолжен за оперативните активности на војската. По некое време стигнал до чинот потполковник и повремено го заменувал командантот на бригадата во Скопје. Работејќи во пограничните единици фатил воспаление на белите дробови, но поради тогашната епидемија на туберколоза, се сметало дека боледува од таа болест, и бил вратен во родното село, каде се очекувало дека ќе почине од болеста.

За среќа, млад доктор од Битола забележал дека всушност станува збор за запаление на белите дробови, а не туберколоза, и со пратка пеницилин од САД бил излекуван заедно со неколку соборци. По опоравувањето, се запишува во учителската школа во Битола, каде како ученик со највисок успех, заедно со писателот Јован Стрезовски, се ослободени од матура. Во 1951 година се вработува како учител во основното училиште во соседното село Жван. По една година станува директор на осмолетката. Во меѓувреме станува и претседател на комисијата за просвета на Битолската Околија и се посветува воглавно на школството. Во тој период вонредно ја завршува и Педагошката Академија во Скопје со висок успех. Истовремено служел и како секретар на комитетот на Комунистичката Партија на Македонија во Демир Хисар. Во 1959 година се сели во с. Жван каде останува да живее до 1972 година.

За време на активностите за формирањето на општините во Македонија, Стеван многу му помогнал и му оставил одличен впечаток на првоборецот Соколе Поповски од Зашле, кој и покрај своите способности како оперативец, бил неписмен. Воодушевен од Стеван, го предложил Стеван како претседател на општина Демир Хисар на тогашниот секретар на КПМ, Лазар Колишевски. Колишевски бил скептичен и сериозно размислувал да ја укине општината Демир Хисар и да ја припои кон Битола. Сепак Поповски го убедил Колишевски да оствари средба со Стеван, и да ја остави општината како засебна доколку Стеван се согласи да ја предводи, бидејќи првично Стеван не бил заинтересиран за таква функција. Додека тој бил ориентиран кон просветата, позиционирани за преземање на локалната власт во општината биле Илија Јошевски од с. Мургашево, кој се подготвувал да биде претседател на општината, Илија Поповски од с. Бабино за секретар на комитетот на КПМ, и Трајко Поповски од с. Мренога за секретар на општинското собрание.

Средбата на Стеван со Соколе Поповски и Лазар Колишевски се одржала во Задружниот Дом во с. Слоештица неколку месеци пред Стеван да ја преземе функцијата. Убеден од квалитетите на Стеван, во 1961 година, Колишевски наредува да биде поставен како прв претседател на општината Демир Хисар, која воедно тогаш била и првично формирана. Првиот мандат на Стеван траел 2 години, а после тоа редовно избран за уште еден мандат во траење од 4 години, со што бил на чело на општината помеѓу 1961 и 1967 година. По завршувањето на вториот мандат, не сакал да конкурира за уште мандат, иако имал висок рејтинг помеѓу жителите на општината, велејќи дека љубовта кон него ќе се претвори во омраза ако предолго се задржи на функцијата. Се повлекол како заменик директор и раководител на општоекономското одделение во рудникот во с. Сопотница. Во периодот помеѓу 1962 и 1971 година, два мандати служел како пратеник во соборот на општините во Собранието на СР Македонија во Скопје и потпретседател на истиот. Од 1973 до 1975 бил претседател на Сојузот на Комунисти во Демир Хисар, каде се судрил со демирхисарските технобирократи кои успева да ги разреши од партијата. Бил и заменик командант на територијална одбрана на Западна Македонија во времето на големите вежби на генералот Никола Љубичиќ.

Во 1972 година се сели во Битола, а во пензија оди 1984 година. Заедно со сопругата, Ристана од фамилијата Шулевци од с. Жван, имаат три деца, двајца синови и една ќерка. Починал на 27 декември 1991 година од проблеми со срцето. Погребан е на илиденските гробишта кај црквата Света Недела, во Битола.