Светски конгрес на Ромите

Од Википедија — слободната енциклопедија
Знаме на ромскиот народ

Светскиот конгрес на Ромите претставува низа од форуми за дискусија на прашања кои се однесуваат на Ромите ширум светот. До денес се одржале девет Светски конгреси на Ромите. Дел од главните цели на овие конгреси се стандардизација на ромскиот јазик, подобрувања на граѓанските права и образование, зачувување на ромската култура, репарации од Втората светска војна и меѓународно признавање на Ромите како национално малцинство со индиско потекло.

Прв светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Првиот светски ромски конгрес беше организиран во 1971 година во Орпингтон во близина на Лондон, Англија, Обединето Кралство, финансиран делумно од Светскиот совет на црквите и Владата на Индија. На него присуствуваа 23 претставници од девет нации (Чехословачка, Финска, Норвешка, Франција, Велика Британија, Германија, Унгарија, Ирска, Шпанија и Југославија) и набљудувачи од Белгија, Канада, Индија и САД.[1] Беа формирани пет под-комисии чија цел беше да се разгледаат социјалните прашања, образованието, воените злосторства, јазикот и културата. На конгресот, зелено-синото знаме од конференцијата на Генералното здружение на Циганите во Романија во 1933 година,[2] украсено со црвена чакра со шеснаесет краци, беше потврдено како национален амблем на ромскиот народ, а песната „ Џелем, џелем “ беше усвоена како химна на Ромите. Употребата на зборот „Роми“ (наместо варијанти на зборот „цигани“) беше прифатена и од мнозинството присутни; како резултат, Меѓународниот комитет за цигани (основан во 1965 година) беше преименуван во Комитето Лумнијако Романо (Меѓународен ромски комитет).[3]

Втор светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Вториот конгрес се одржа во април 1978 година, во Женева, Швајцарија и на истиот учествуваа 120 делегати од 26 земји. Присутните помогнаа да се трансформира Меѓународниот комитет на Ромите во Меѓународна ромска унија.

Трет светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Третиот Конгрес се одржа во Гетинген, Западна Германија во мај 1981 година, и на истиот присуствуваа 600 делегати и набљудувачи од 28 различни земји. Присутните го поддржаа повикот Ромите да бидат признаени како национално малцинство со индиско потекло. Геноцидот на Ромите беше главна тема на дискусија.[3]

Четврти светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Во 1990 година, четвртиот Конгрес се одржа во Сероцк, Полска, на кој присуствуваа 250 делегати. Темите за дискусија вклучуваа репарации од Втората светска војна, образование, култура, односи со јавноста, јазик и енциклопедија на ромски јазик.[3] 8 април беше официјално прогласен за Меѓународен ден на Ромите, во чест на првиот состанок на Светскиот ромски конгрес одржан во 1971 година.

Петти светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Петтиот Светски ромски конгрес се одржа во Прага, Чешка во јули 2000 година. Емил Чука беше избран за претседател на Меѓународната ромска унија. Конгресот ја изработи официјалната Декларација за ромската нетериторијална нација.

Шести светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Шестиот конгрес се одржа во Ланчијано, Италија на 8 и 9 октомври 2004 година, на кој учествуваа повеќе од 200 делегати од 39 земји во светот. Делегатите избраа нов претседател на Меѓународната ромска унија (Станислав Станкиевич од Полска) и нов претседател на Светскиот парламент на ИРУ (Драган Јевремовиќ од Австрија). Беше формиран нов комитет за разгледување на прашањата во врска со жените, семејствата и децата.

Седми светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Седмиот конгрес се одржа во Загреб, Хрватска во октомври 2008 година. На состанокот присуствуваа речиси 300 делегати од 28 различни земји, на кој беше објавен Акцискиот план за градење на ромската нација, документ во кој се наведени плановите за развој на ромскиот национализам и застапеност. На конгресот, Есма Реџепова ја изведе химната на Ромите.

Осми светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Осмиот конгрес се одржа во Сибиу, Романија во април 2013 година. Приближно 250 делегати од 34 различни земји присуствуваа на состанокот.

Деветти светски конгрес на Ромите[уреди | уреди извор]

Деветтиот конгрес се одржа во Рига, Летонија во август 2015 година,[4] Присуствуваа приближно 250 делегати од 25 земји. 21 земја од вкупно 25 присутни земји формираа Федерација за решавање на проблемите на ромскиот народ.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Kenrick, Donald (1971), „The World Romani Congress - April 1971“, Journal of the Gypsy Lore Society, 50, parts 3-4: 101–108
  2. Saul, Nicholas; Tebbutt, Susan (2004). The role of the Romanies: images and counter-images of "Gypsies"/Romanies in European cultures. Liverpool University Press. стр. 221, fn.2. ISBN 978-0-85323-679-5.
  3. 3,0 3,1 3,2 Timeline of Romani History - Patrin
  4. „IRU – INTERNATIONAL ROMANI UNION – INTERNATIONAL ROMANI UNION“ (англиски). Посетено на 2018-12-18.