Светозар Стојановиќ

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Светозар Стојановиќ (Крагуевац, 1931 - Белград, 7 мај 2010) бил српски философ и политички аналитичар. Критичар на Слободан Милошевиќ, за време на комунистичка Југославија, Стојановиќ е еден од најпознатите претставници на дисидентската Праксис школа.

Праксисовец[уреди]

Во 1955 година Стојановиќ дипломира на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, а во 1962 година на истата институција се стекнува и со докторска титула.

По активирањето на загрепското философска списание „Праксис“ станува нејзин соработник и член на издавачкиот совет. Пишува многу критички статии, меѓу кои најпозната е неговата статија „Од пост-револуционерна диктатура кон социјалистичка демократија: југословенскиот социјализам на крстопат“, објавена во забранетиот број на „Праксис“ за мај-август 1972 година.

По хајката против српските членови на „Праксис“ која комунистичката власт ја поведе кратко време по справувањето со Хрватската пролет, Стојановиќ е еден од осуммината професори и асистенти што во јануари 1975 година добиваат отказ од Филозофскиот факултет во Белград. По долга борба против ова решение, во 1981 година Стојановиќ и неговите колеги се вработуваат на Институтот за философија и општествена теорија во Белград.

По активирањето на списанието „Праксис интернационал“ во 1981 година во Оксфорд, Стојановиќ е еден од неговите најугледни југословенски соработници, а од 1986 година е и еден од неговите два уредници.

По падот на комунизмот[уреди]

Еден од најлуцидните југословенски недогматски марксистички теоретичари во 1960-те и 1970-тите, Стојановиќ кон крајот на 1980-тите се разочарува од марксизмот. И кај него почнува да се чувствува преокупацијата со наводната обесправеност на српскиот народ, која се забележува и кај други српски праксисовци.

Во светлината на оваа трансформација, кога Добрица Ќосиќ е избран за претседател на СР Југославија, Стојановиќ на 15 јуни 1992 година станува негов специјален советник. На таа функција тој останува до 31 мај 1993 година, односно до изгласувањето недоверба на Ќосиќ од страна на Сојузното собрание поради неговиот судир со Слободан Милошевиќ.

По овој развој на настаните Стојановиќ станува критички настоен кон политиката на Слободан Милошевиќ и за време на октомвриските настани од 2000 година, кога е соборен Милошевиќ, тој игра активна улога.

Стојановиќ е основач и претседател на Српско-американскиот културен центар во Белград.

Творештво[уреди]

Стојановиќ е автор на следните книги:

  • „Современата мета-етика“ (1964)
  • „Помеѓу идеалот и стварноста“ (1969)
  • „Историјата и партиската свест“ (1978)
  • „Од марксизам до етатизам со човечки лик“ (1987)
  • „Пропастот на комунизмот и разбирањето на Југославија“ (1995)
  • „На српскиот дел од Титоник“ (2000)

Во 2006 година од печат излегува издание на неговите избрани дела.

Надворешни врски[уреди]