Праксис школа

Од Википедија — слободната енциклопедија

Праксис школатамарксистичко-хуманистичко филозофско движење во СФР Југославија, најзастапено помеѓу професорите на филозофските факултети во Загреб и Белград, во 60-тите и 70-тите години на XX век. Најпознати претставници беа Гајо Петровиќ и Милан Кангрга од Загреб и Михаило Марковиќ од Белград. Од 1964 до 1974 „Праксисовците“ го објавуваат списанието „Праксис“, кое во тој период се сметаше за едно од водечките во светски рамки во областа на теоретската марксистичка мисла. Исто така, тие ја организираа и познатата Корчуланска летна школа.

Основни одлики[уреди | уреди извор]

Раскинот на југословенските комунисти со сталинизмот по Резолуцијата на Информбирото ја роди потребата од градење на сопствена идеолошка основа. Во областа на политиката и економијата сопствениот идентитет пронајден во теоријата на работничкото самоуправување, додека во областа на филозофијата најпрво беа отфрлени најгрубите упростувања на Сталиновиот дијалектички материјализам, а подоцна, особено по Бледското филозофско советување од 1960, ослободувањето од догматските стеги на дијалектичкиот и историскиот материјализам вклучи критика на многу темелни филозофски ставови на Ленин и на доцниот Енгелс. Станувајќи дел од повторното откривање на делата на младиот Маркс, што се случи во 60-тите години, многумина водечки југословенски филозофи го актуализираа проблемот на праксата и ја претолкуваа филозофијата на Марксовата линија од дијалектички и историски материјализам, кој случувањата и развитокот на човечката историја ги разбира како резултат на сили надвор од човекот, во филозофија на праксата, која ја нагласува улогата на човечкиот фактор во уредувањето и менувањето на човечкото општество.

Предмет на критиката на Праксисовците во прв ред беа: а) однесувањето на југословенската комунистичка власт во типично сталинистички манир и покрај наводната самоуправна ориентација; б) некритичкиот однос кон западниот потрошувачки стил на живеење; в) обидите на власта за пазарни реформи без земање предвид на демократските и социјалистичките принципи на системот; г) национализмот.

Списанието „Праксис“[уреди | уреди извор]

Во 1964 година група недогматски професори од Филозофскиот факултет во Загреб почна да го издава списанието „Праксис“. Самото списание се печатеше во две изданија: југословенско (на хрватско-српски) и меѓународно (на англиски и француски јазик). Југословенското издание се печатеше од 1964 до 1974 година, а меѓународното – од 1965 до 1973. Негови основачи беа: Бранко Бошњак, Данко Грлиќ, Милан Кангрга, Гајо Петровиќ, Руди Супек, Данило Пејовиќ и Иван Кувачиќ. Први уредници на списанието беа Петровиќ и Пејовиќ, но во 1966 година, Пејовиќ се повлече од „Праксис“. По неговото повлекување, од 1967 до 1973, уредник на списанието, заедно со Петровиќ, бил Супек. Во јануари 1974 Супек поднесува оставка уредник, а на негово место доаѓа Кувачиќ.

Статиите што беа објавувани во „Праксис“ беа на линија на оживување на креативниот и критичкиот потенцијал на марксизмот и за кратко време му изградија углед на списанието како едно од водечките списанија од областа на критичната марксистичка мисла во светски рамки. Како показател на угледот со којшто се стекна списанието е што помеѓу неговите соработници беа најпознатите тогашни критички марксисти: Ерих Фром, Херберт Маркузе, Ернст Блох, Џерџ Лукач, Лисиен Голдман, Анри Лефевр и други.

Корчуланска летна школа[уреди | уреди извор]

Во периодот од 1964 до 1974 година, со исклучок на 1966 година, Праксисовците организираа летни школи на јадранскиот остров Корчула, на кои предавачи беа врвни светски авторитети како Ернст Блох, Еуген Финк, Ерих Фром, Јирген Хабермас и други. Корчуланската летна школа бил надоврзување на списанието „Праксис“ и овозможуваше, од една страна, размена на искуства на филозофите што предаваа на Школата и ширење на критичкото и недогматско толкување на марксистичката теорија помеѓу слушателите на Школата, од друга страна.

Реакцијата на власта[уреди | уреди извор]

Иако Праксисовците стоеја врз темелите на самоуправниот социјализам, нивното толкување на самоуправниот социјализам не се совпаѓаше со разбирањето на истиот од страна на тогашната владејачка гарнитура, поради што на Праксисовците постојано им се поставуваа пречки. Уредниците и соработниците на „Праксис“ беа напаѓани како „професионални антикомунисти“ и како „непријатели на самоуправниот социјализам“ од страна на режимот и од режимските филозофи. По зголемувањето на репресивноста на системот, до која дојде по случувањата од 1971 година, во 1975 година „Праксис“ престана да добива финансиска поддршка од страна на власта и поради тоа, во недостиг на сопствени извори за негово издавање, списанието престана да се печати.

Истата година во јануари, осум универзитетски професори, членови на Праксис школата (Михаило Марковиќ, Љубомир Тадиќ, Загорка Голубовиќ, Светозар Стојановиќ, Миладин Животиќ, Драгољуб Миќуновиќ, Небојша Попов и Триво Инџиќ), врз основа на одлука на Српското собрание, добија откази од Филозофскиот факултет во Белград, каде што дотогаш предаваа.

„Праксис интернационал“[уреди | уреди извор]

Во април 1981 година, во насока на обновување на „Праксис“, во Оксфорд излезе од печат првиот број на „Праксис интернационал“. Негови први уредници беа Ричард Бернштајн и Михаило Марковиќ, а од 1986 година уредници беа Шила Бенхабиб и Светозар Стојановиќ. Основањето на „Праксис интернационал“ го поддржаа четворица членови на редакцијата на „Праксис“, Супек, Марковиќ, Тадиќ и Стојановиќ, додека мнозинството од Праксисовците, предводени од Кангрга, не се согласуваа со потегот, тврдејќи дека меѓународно списание со исто или со слично име на „Праксис“ ќе ја намали можноста од повторното негово печатење во Југославија.

„Праксис интернационал“ се печатеше до јануари 1994 година. Тоа престана да се издава бидејќи западните претставници веќе не можеа да го толерираат националистичкото свртување на Марковиќ и Стојановиќ и нивната поддршка за режимот на Слободан Милошевиќ.

По „Праксис интернационал“, неговите западни претставници почнаа да го печатат списанието „Констелации: меѓународно списание за критичка и демократска теорија“. Негови уредници се Ендрју Арато и Ненси Фрејзер.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Oskar Gruenwald The Yugoslav search for man: Marxist humanism in contemporary Yugoslavia. J.F. Bergin Publishers, South Hadley, MA. 1983.
  • Nebojša Popov (red.) "Sloboda i nasilje: Razgovor o časopisu Praxis i Korčulanskoj letnjoj školi", "Res publica", Beograd, 2003.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]