Полжави

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Полжави
Географски конус (Conus geographus)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Мекотели
Класа: Gastropoda
Кувијер, 1797
Поткласи

Eogastropoda (вистинските прилепници и нивните сродници)
Orthogastropoda

Шема на внатрешната организација на предножабрен полжав.
светло жолто - тело
кафеаво - черупка и оперкулум
зелено - дигестивен систем
светло виолетово - жабри
жолто - осфрадиум
црвено - срце
розево - околусрцева празнина
темно виолетово - целомски синус
1) стапало, 2) плеврална ганглија, 3) осфрадиум, 4) жабри , 5) ганглија , 6) преткомора на срце , 7) висцерална ганглија, 8) комора на срце, 9) стапало, 10) оперкулум , 11) церебрална ганглија, 12) уста, 13) пипало, 14) око , 15) пипало , 16) ?, 17) педална ганглија , 18) долна комисура, 19) ?, 20) мантијна празнина, 21) париетална ганглија , 22) анус, 23) хепатопанкреас , 24) vas deferens , 25) ректум, 26) нефридија.

Полжавите (латински: Gastropoda) претставуваат класа на мекотели кои можат да се сретнат во водна и копнена животна средина. Тие се единствените мекотели кои се адаптирале за живот и на копнени услови.

Морфологија, анатомија и физиологија[уреди]

Телото на полжавите се состои од четири главни делови: висцерална маса, мантија, глава и стапало. Главата е високоразвиена и билатерално симетрична. Таа содржи пар или две пипала, уста и очи кои често се сместени на очни дршки. Устата содржи важен орган наречен радула кој функционира при обработката на храната, но се адаптирал и за други намени. Радулата може да содржи многу индивидуални заби кои ја мелат храната пред таа да помине во хранопроводот и желудникот.

Повеќето од дигестивните, респираторните, екскреторните и репродуктивните органи се наоѓаат во мантијната празнина на висцералната маса. Рабовите на оваа празнина се трепкести за да го забрзаат протокот на вода низ жабрите (односно ктенидиите) кои ја обрабуваат горната површина на мантијната празнина. На горната страна на мантијната празнина се наоѓа и осфрадиумот, орган способен за детектирање на хемиски промени во околината. Други компоненти на нервниот систем се церебралната ганглија, очите и олфакторните ткива, кои често се наоѓаат на пипалата.

Од радулата, со помош на трепки се транспортира храната низ дигестивниот систем на полжавот до букалната празнина и/или желудникот, каде се одвива дигестијата со помош на ензими кои се секретираат од плунковните и дигестивните жлезди. Кај карниворните полжави, мускулната акција исто така игра голема улога при движењето на храната низ системот. Екскреторниот систем на полжавите се состои од два бубрега, или нефридии, иако кај понапредните форми еден бубрег е сосема мал или, пак, отсуствува. Копнените полжави ја редуцираат загубата на вода со запечатување на мантијната празнина со продолжена мантијна огрличка.

Репродукцијата кај полжавите е најразновидна; половите се разделни кај речиси сите прозобранхиите, но повеќето од опистобранхиите и пулмонатите се хермафродити. Внатрешното оплодување се случува кај некои морски видови, но секогаш е присутно кај слатководните и копнените жители.

Мантијата ја лачи черупката кај сите мекотели, а таа служи и како покрив на мантијната празнина. Кај некои форми, мантијната огрличка исто така се екстендира нанадвор во кружна (ролувана) форма и служи како сифон.

Стапалото на полжавите е широк, рамен мускулест орган кој се користи главно за движење. Но, стапалото подлегло на различни модификации кај различните групи. Кај пелашките полжави на пример, стапалото се адаптирало за пливање, а неколку видови ја развиле уникатната способност за самоампутирање на задниот дел од стапалото за да се забави предаторот, додека предниот дел и остатокот од телото заминуваат.

Черупка[уреди]

Иако голите полжави и нудибранхиите не конструираат черупки, типичниот полжав произведува варовничка черупка која е замотана околу централната оска наречена колумела. Оваа черупка е закачена за телото на полжавот со колумелниот мускул или со серии на мускули. Како што черупката расте и се намотува, секој сукцесивен вртлог од черупката е поголем отколку претходниот. На последниот, најскоро создадениот вртлог, се наоѓа апертурата (односно отворот на черупката). Мантијата ја секретира черупката по надворешниот раб на овој отвор. Модификациите и украсите на черупките се многу различни и се рефлектирани од околината во која живее полжавот. При брзи струи на пример, черупката најчесто зазема форма на неспирализирана капа. Исто така, кај некои видови, спиралното извиткување е тешко да се забележи; кај морските уши на пример, последниот вртлог може да заземе околу 90% од вкупната големина на черупката, така што помалите вртлози не се забележуваат. Најважните функции на черупката на полжавите се заштита и потпора на висцералната маса. Многу полжави поседуваат способност за вметнување на главата и стапалото во черупката доколку се чувствуваат загрозени.

Торзија[уреди]

Најпосебната карактеристика во анатомијата на полжавите е можеби нивната торзија. Со процес познат како торзија (извиткување), телото се врти за околу 180° наспроти движењето на стрелките од часовникот (кога се гледа дорзално) така што анусот се преместува во позиција директно над главата. Иако ова можеби е несоодветно, торзијата помага на неколку начини: прво, ја преместува мантијната празнина и осфрадиумот напред, така што доколку животното ползи нанапред, водата може да се осети порано отколку кога осфрадиумот би бил лоциран назад. Исто така, седиментот кој се меша со движењето на полжавот е помалку веројатно да ги "затне" жабрите доколку се лоцирани напред. Торзијата се среќава само кај класата Gastropoda и може да се забележи во некои степени од развојот кај сите нејзини членови.