Пајаци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Пајаци
Европски пајак-крстач (градинарски пајак)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Членконоги
Потколено: Клештари
Класа: Пајаковидни
Ред: Araneae
Клерк, 1757
Подредови

Mesothelae
Mygalomorphae
Araneomorphae

Пајаците се осумножни членконоги кои припаѓаат на редот Araneae. Иако многу често се мешаат со инсектите (како што е и со скорпиите), тие сепак не се инсекти, а не се ни членови на истиот поттип во кој се класифицирани инсектите. Науката што се занимава со проучување на овие животни се нарекува арахнологија.

До 2008 година познати се околу 40 000 видови на пајаци и околу 109 фамилии,[1] но постои голема забуна во научната заедница околу тоа како овие фамилии би требало да се систематизираат, за што сведочат преку дваесетте класификациски системи кои се предложени од 1990 година до денес.[2]

Морфологија[уреди]

За разлика од инсектите, пајаците имаат само два телесни сегменти (тагми) наместо три. Тие се главоград (цефалоторакс или прозом = споен главен и граден сегмент) и абдомен (опистозом). Исклучок од ваквата градба прават пајаците-убијци, чиј главоград се чини дека е поделен на две независни дела. Освен неколку видови на примитивни пајаци (од фамилијата Liphistidae), абдоменот кај овие животни не е надворешно сегментиран. Абдоменот и главоградот се поврзани со тенка мембрана означена како педицел или предгенитален сомит, структура која му овозможува на пајакот да го движи својот абдомен во сите насоки. Педицелот е всушност последниот сегмент (сомит) од главоградот и тој отсуствува речиси кај сите останати членови на Arachnida (пајаковидните членконоги) - кај скорпиите тој се забележува само во ембрионалниот развиток.

Морфологија на пајак:
(1) четири пара на екстремитети за движење
(2) главоград
(3) опистозом
Главните очели (централниот пар) кај овој скокачки пајак се многу прецизни. Надворешниот пар се ,,секундарните очи‘‘, а постојат и други парови на секундарни очи на страните и врвот на главата.[3]

Првиот пар на модифицирани екстремитети хелицери завршуваат со клешти што најчесто имаат отровни жлезди, а по нив следуваат педипалпите кои имаат улога во внесувањето на храната во усниот отвор. Останатите четири пара на вистински екстремитети служат за движење. На нив се наоѓаат и најразлични сетилни влакна со кои пајакот ја осознава средината (за разлика од инсектите, кои имаат сетилни структури на антените, кои отсуствуваат кај пајаците).

Пајаците може да поседуваат 6 или 8 очи (односно очели), при што распоредот на очите се користи при детерминацијата. Но, иако поседуваат очи, видот е слаб кај повеќето видови и најчесто се користи за детекција на движење. Скокачките и пајаците-волци кои го ловат својот плен имаат подобро развиен вид. Очите на пајаците не се сложени како оние на инсектите, туку се прости и обично поредени во два реда. Многу пајаци (освен скокачките и волк-пајаците) го фаќаат својот плен во мрежи од пајажина. Таа исто така може да се користи при детерминацијата на фамилијата или родот. Свилата од пајажината се лачи од посебни структури пајажинести жлезди со изводни каналчиња кои завршуваат со пајажинести брадавици. Последниве се наоѓаат на постериорниот долен дел на опистозомот (бројот им варира во зависност од видот, но најчесто се 3 пара). Пајаците не се залепуваат за пајажината бидејќи тие или стојат на нелеплив дел или, пак, секретираат специјално масло на нивните ,,стапала”. Свилата е течност која се стврднува при контакт со воздухот. Таа излегува во вид на многу тенки конци кои се здружуваат и формираат многу посилен конец. Свилата исто така се користи од страна на женките за да се изградат јајцеви торбички (кокони) каде младите остануваат и до неколку недели. Волк-пајаците ги носат јајцевите торбички кои се прикачени за пајажинотворните структури. Многу пајаци поседуваат т.н. листести бели дробови. Тие претставуваат листови од ткиво кои се полни со течност и разделени меѓусебно со воздушен простор. Повеќето видови имаат еден пар од овие респираторни органи.

Секоја зрела женка има пар на торбички за складирање на сперматозоиди кои се наречени спермотеки (т.е. семеприемници). Тие отпаѓаат со секое преслекување, така што женскиот пајак мора да се спари по секое преслекување (екдиза). Палпите на машките единки се модифицирани за трансфер на сперма во женскиот епигин (генитален отвор или гонопора), кој се наоѓа на дорзалната страна од опистозомот. Епигинот на женката, како и копулирачките палпи на мажјакот можат да се видат само кај зрелите возрасни единки. Женките обично се поголеми од мажјаците.

Систематика[уреди]

Млади од видот Gasteracantha mammosa сместени до нивната јајцева капсула.

Постојат околу 8 поголеми фамилии на пајаци. Фамилијата Aglenidae вклучува големи пајаци кои често можат да се најдат во подрумите. Најпознат претставник од оваа фамилија е Tegenaria sp. Екстремитетите на овој вид може да се долги и преку 10 cm, иако најчесто машките единки се тие кои имаат толку долги нозе. Видовите од родот Tegenaria се оние големи влакнести пајаци кои ги наоѓаме во нашите домови наесен. Притоа обично ние ги забележуваме машките единки, бидејќи женките претендираат да останат во нивните мрежи од пајажина. Машките единки се многу слични на женските, но се неколку mm помали, имаат потенок абдомен, подолги нозе и обично имаат подебели палпи во периодот кога се во потрага по женка. По завршеното спарување, мажјакот ќе живее уште некое време покрај женката, но ќе изумре пред зимата, така што женката е снабдена со храна за време на студениот период.

Фамилијата Araneidae брои 4000 видови. Тука се групирани пајаците кои плетат кружни пајажини. Претставниците имаат 8 очи. При барањето на партнер за парење, мажјакот доаѓа до пајажината на женката и ги раскинува нишките од истата, со што и дава до знаење на женката дека тој не е нејзиниот следен оброк, како и да му обрне внимание. Најпознат претставник е видот Aranea diadema (градинарски пајак, пајак крстач или дијадемски пајак). Најчесто е многу лесно да се препознае поради големиот бел крст на абдоменот. Женката положува жолти кокони кои содржат 400 до 800 јајце клетки, и тоа најчесто во затскриени места. Младите излегуваат со затоплувањето на времето напролет. Тие најпрво се собираат во една неодредена топка која при допир се растура, односно младите пајаци се разбегуваат во различни насоки.

Фамилијата Theridiidae е составена од едни од најотровните пајаци, како што е на пример Latrodectus mactans (црна вдовица). Оваа фамилија е попозната како фамилија на чешлостапалести пајаци.

Наводи[уреди]

  1. Platnick, Norman I. (2009). „The World Spider Catalog, version 9.5“. American Museum of Natural History. http://research.amnh.org/entomology/spiders/catalog/COUNTS.html. конс. 25 април 2009. 
  2. Foelix, Rainer F. (1996). „Biology of Spiders“. 198 Madison Ave. NY, New York, 10016: Oxford University Press. стр. 3. ISBN 0-19-509593-6. 
  3. Ruppert, E.E., Fox, R.S., and Barnes, R.D. (2004). „Invertebrate Zoology“ (7 издание). Brooks / Cole. стр. 578–580. ISBN 0030259827.