Охридски апостол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Охридски апостол
Руска државна библиотека
Страница од ракописот
Година на изработкаКрајот на XII век
Материјалпергамент
Големина112 листови
Писмоглаголица, кирилица

Охридски апостол – краток пракс-апостол од крајот на XII век.[1] Според рускиот истражувач Анатолиј Турилов ракописот датира меѓу 1225 и 1227 година, во времето на архиепископот Димитар Хоматијан. [2]

Бил пронајден е од Виктор Григорович во охридската соборна црква. Има 112 пергаментни листови и е пишуван со уставно кирилско писмо врз основа на глаголска предлошка. На повеќе места во кирилскиот текст се среќаваат одделни зборови или цели редови пишувани со глаголско писмо. Два ракописни листа се напишани на глаголица. [3]. Судејќи според јазичните особености, овој значаен македонски книжевен споменик е пишуван во западниот дел на Македонија (најверојатно во Охридско). Притоа, ракописот е интересен како од јазичен, така и од литературен и уметнички аспект. Илуминиран е со знаменца и иницијали од византиски тип, во кои се наоѓаат траги од тератолошкиот стил на орнаментирање. На крајот од ракописот е приложен краток месецослов, во кој е одбележана паметта на словенските првоучители. Ракописот се чува во Руската државна библиотека во Москва (под сигнатура Григ.13 / Муз. 1695).[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1095. ISBN 978-608-203-024-1.
  2. Турилов, А. А. „Незамеченная" дата в южнославянских кириллической и глаголической палеографиях (к вопросу о времени написания Охридского Апостола). – Славяноведение, 2016, бр. 2, 21-28.
  3. Svend Dahl Dzieje książki Zakład Narodowy im. Ossolińskich Wrocław 1965 s. 79