Осен наклон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Осниот наклон на земјата изнесува 23,44°[1]

Во астрономијата, осен наклон (или накосеност) е аголот помеѓу оската на ротација на еден објект и правата нормална на неговата орбитална рамнина. Со тоа се разликува од орбиталниот наклон (инклинација).

Накосеноста се утврдува со правилото на десна рака како за ротацијата, така и за орбиталното движење - правата што се протега од темето во средиштето на објектот до неговиот северен пол (над која објектот изгледа како да се врти спротивно од часовникот); правата што оди од темето и во правец на нормалата на неговата орбитална рамнина, (над која објектот изгледа како да се врти спротивно од часовникот во неговата орбита). При нула степени, овие прави гледаат во иста насока.

Планетата Венера има осен наклон од околу 177,3° бидејќи се врти во наназад, обратно од други планети како Земјата. Северниот пол на Венера е насочен „надолу“ (или јужно). Планетата Уран се врти бочно, така што нејзината оска на ротација (затоа и северниот пол) гледа речиси право во нејзината орбита околу Сонцето. Затоа осниот наклон на Уран изнесува 97°.[2]

Долж орбитата, иако аголот на осниот наклон не се менува, неговата насоченост се менува за вкупно 360 степени (едно цело свртување околу Сонцето), во однос на правата помеѓу планетата и Сонцето, што е причинител за годишните времиња на Земјата.

Променливоста на Земјиниот осен наклон прв ја забележал персискиот астроном Абумахмуд Хуџанди во X век, користејќи џиновски секстант. Тој забележал дека вредноста што ја добил е помала од онаа на неговите претходници, па така заклучил дека таа со време се менува.[3]

Накосеност[уреди]

Осен наклон на некои објекти
од сончевиот систем
Објект Осен наклон (°) Осен наклон (rad)
Сонце 7,25 0,1265
Меркур 0,0352 0,000614
Венера 177,4 3,096
Земја 23,44 0,4091
Месечина 6,688 0,1167
Марс 25,19 0,4396
Церера ~4 ~0,07
Палада ~60 ~1
Јупитер 3,13 0,0546
Сатурн 26,73 0,4665
Уран 97,77 1,7064
Нептун 28,32 0,4943
Плутон 119,61 2,0876

† Наклонетост кон својата орбита во системот Земја-Месечина. Наклонетоста на Месечината изнесува 1,5424° (0,02692 радијани) кон еклиптиката Во сончевиот систем, орбиталната рамнина на Земјата се нарекува еклиптичка рамнина, па затоа осниот наклон на Земјата стручно се нарекува накосеност на еклиптиката и се означува со грчката буква ε (епсилон).

Земјата моментално има осен наклон од 23,5°.[1] Оската останува наклонета кон ѕвездите во една иста насока во текот на годината, што значи дека полутопката (северната или јужната половина на Земјата) е насочена обратно од Сонцето на една точка во орбитата, а во следната орбита (по половина година) истата полутопка ќе биде свртена кон Сонцето. Ова е главна причина за постоењето на годишните времиња. Полутопката што е моментално навалена кон Сонцето добива повеќе часови сончева светлина во денот, а светлината на пладне паѓа поблиску до вертикалата и затоа дава повеќе енергија по единица површина.

При помала накосеност поларните региони добиваат порамномерно сончево зрачење од едно годишно време до друго, а со тоа и услови попогодни за глацијација. Како и промените во прецесијата и орбиталното отстапување (ексцентричност), промените во наклонот влијаат врз релативната јачина на годишните времиња, но последиците од циклусот на наклонетост се особено нагласени на повисоките географски ширини со започнувањето на големите ледени времиња.[4] Накосеноста е главен фактор на глацијални/меѓуглацијални варијации (вид. Миланковиќеви циклуси).

Накосеноста на еклиптиката не е постојана величина, туку постепено се менува во циклус од 41.000 години. Треба да се напомене дека накосеноста и прецесијата на рамнодениците се пресметуваат според истата теорија, и затоа се потесно поврзани. Помало ε значи поголемо p (прецесија во геог. долж.) и обратно. Но сепак овие две движења се независни едно од друго, и одат во заемно нормални насоки.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 Staff (7 август 2007). „Корисни константи“. Меѓународна служба за ротација на Земјата и упатни системи (IERS). http://hpiers.obspm.fr/eop-pc/models/constants.html. конс. 23 септември 2008.  (англиски)
  2. Факти за планетите - НАСА (англиски)
  3. Ел-Хуџанди, Абумахмуд Хамид Ибн ел-Хидр - Complete Dictionary of Scientific Biography (2008) (англиски)
  4. leo/slides/slideset/11/11_187_slide.html Палеогалерии - NCDC (англиски)

Надворешни врски[уреди]