Опсада на Париз (885-886)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Опсада на Париз
EudesParis.jpg
Датум 25 ноември 885 – октомври, 886
Место на Сена во Париз, Франција
Исход Победа на Франките
Завојувани страни
Франки Дани/Нормани/Викинзи
Команданти и водачи
Одо, гроф на Париз) Сигфред и Роло
Сила
200 вооружени 30.000 (Абон Грбавиот)

Опсадата на Париз од 885 до 886 била опсада на градот Париз, тогашна престолнина на кралството на Западните Франки што ја извршиле Викинзите и еден од најзначајните настани во текот на владеењето на царот Карло Дебелиот и значела пресвртница за династијата Каролинзи како и за историјата на Франција.

Историски контекст[уреди]

Париз во 11 век.

Од 799, дата на нивниот прв напад врз Каролиншката империја, Викинзите се обидувале да навлезат на франска територија, напаѓајќи од море на копно, преку устијата на реките. После една пауза од 870 и 880, поразот на Данците во Англија во Етандун и мирот со Алфред Велики, крал на Весекс, тие се свртеле против Каролинзите. Ги пустошеле бреговите на Сома уште во 879, но биле неутрализирани во битката кај Сокур-ен-Виме од страна на Луј III во 881. Следната година ја нападнале Лотарингија. Императорот Карло Дебелиот извршил опсада на нивниот утврден воен логор во (Елсло или Аселт, во Лимбург), но место да нападне, претпочитал да им плати 2.800 ливри злато за бандите на Годфред, Сигфред и Вурм да го напуштат регионот, во (јули 882)[1]. Пролетта 883, тие повторно ја опљачкале Фландрија, потоа откако го победиле кралот Карломан кај реката Сома, се утврдиле кај Амјен. На 2 февруари 884, Карломан им понудил 12.000 ливри злато за да го напуштат градот а тие тоа и го сториле во октомври. Се истовариле во Болоња ; некои отишле во Англија, а други презимиле во Лувен. Карло Дебелиот станал крал на Западна Франкија по смртта на Карломан, уште еднаш обединувајќи ја западната империја. Тој во Понтион ги примил заклетвите на новите поданици и наредил здружен воен поход на Франките од Неустрија и од Лотарингија против Викинзите во Лувен, кој не бил успешен. Данците одлучиле да извршат голема инвазија врз Западна Франкија, а градот Руан го одбрале за нивно централно место. Градот бил заземен на le 5 јули[2]. Викинзите од Лувен се придружиле по копнени и водени патишта. Тие биле засилени со банда која дошла од Англија и оформиле стравотна сила за која Абон вели дека броела од 30 до 40 илјади луѓе на 700 бродови, цифра која е мошне дискутабилна [3].

Опсадата[уреди]

Бродовите на Викинзите’’, гравура, Историја на Франција од Франсоа Гизо, од Алфонс-Мари-Адолф де Невил, 1883.

Од Руан, флотата тргнала низводно по Сена сé до Пон-де-Ларше каде била запрена поради мост изграден од Карло Ќелавиот. Норманите (луѓе од север) се утврдиле западно од мостот на местото кое подоцна ќе стане « Ле Дан » потоа Ле Дам[4]. Тука тие биле нападнати од силите на војводата од Мен, Рагенолд, формирани со војска од Неустрија и од Бургундија. Рагенолд бил убиен во битката а неговите луѓе го напуштиле боиштето. За оваа битка нема доволно податоци.
Откако грофот Алеран ја евакуирал тврдината на Понтоаз, големата војска стигнала пред градот Париз на 24 ноември 885 [5] . Утредента, викиншкиот водач Сигфрид (Sigfredhr) побарал да зборува со главниот на градот. Тој бил примен од страна на владиката Гозлин. Сигфрид побарал Парижаните да им дозволат да преминат нагоре по реката, во замена за тоа да не го нападнат градот. Гозлин го одбил таквиот предлог на викиншкиот гласник [6].

Викинзите на 26 ноември 885 најпрво го нападнале Гран Шатле[7], недовршена камена кула на влегот на Големата Порта [8] на десниот брег. Одо, грофот на Париз и владиката Гозлин цврсто го бранеле градот. Франките сметале дека имаат добра одбрана поради тоа што мостот имал стражарници (бартизани) од каде се бранеле со стрели. Операцијата не била успешна. Франките ноќе ја засилувале тврдината а потоа Викинзите одново нападнале на 27 и 28. Изгубиле 300 луѓе при обидот да ја пробијат тврдината што ги натерало да ја сменат тактиката. После два дена жестоки битки решиле да направат опсада пред градот, не можејќи целосно да го блокираат [9]

Од половината на 9 век, парижаните морале да се соочат со повеќе напади на Викинзите, во 845, 856, 857, 866, и 876. Тие не се колебале да го изгорат градот, како во 856. Овојпат, соочувајќи се со тврдина која постоела од 877 [10] и со двата моста кои го оградувале градот, Викинзите морале да применат друга тактика. Направиле воен логор и ја опустошиле околината околу градот за да се снабдат со доволно храна и вода [11] Цели два месеца, Викинзите граделе најразлични направи (ударни овни, катапулти, подвижни ѕидови и сл.). Франките пак се снабдувале со мангонели или со требушети[12]

Главниот напад[уреди]

Одо се враќа во Париз преку опсадата, Историја на Франција од Франсоа Гизо, гравура од Алфонс-Мари-Адолф де Невил, 1883.

На 31 јануари 886, Викинзите поделени во три групи ја нападнале кулата и мостот на десниот брег, наеднаш и од копно и од реката, без да успеат да го скршат отпорот на Франките. Нападот бил повторно обновен на 1 февруари: се обиделе со сите расположливи средства но не успевале да ја пробијат одбраната на Франките. Се обиделе потоа да го запалат мостот пуштајќи запалени бродови, но овие застанувале на подигнатите камени брани а париското население ги гасело пожарите. На 3 февруари, Норсеманите се повлекле во воените логори, оставајќи ја зад себе дел од тешката воена машинерија. Сигфрид се повлекол со своите трупи и отишол да ја опустошува на исток од Франкија, околу Ремс, како што за тоа сведочат писмата од тоа време на архиепископот Фулк. На 6 февруари 886, успеале да ја освојат кулата која го бранела мостот Пети-Пон, на левата страна на Сена; тие го запалиле и ги масакрирале неговите бранители.

После тоа опсадата продолжила. На 16 февруари, дел од Норсеманите го нападнале Шартр но неуспешно ; не успеале и пред Ле Ман, но го освоиле и ограбиле Евре

Во март 886, повикан од Гозлин, грофот Анри од Франконија не успеал во својот обид да го осигура Париз; откако заминал, Нореманите се утврдиле на десниот брег на Сена, околу опатијата Сен-Жермен-де-Пре. Одо и Гозлин почнале преговори со Сигфрид нудејќи му 60 ливри злато за да се повлече. Исплатен, Сигфрид ја однел својата војска кон лесното освојување на Баје но многу војници кои не виделе полза од исплатата одбиле да го следат. Тие продолжиле со нападите но биле неутрализирани од страна на Франките.

Владиката Гозлин умрел на 16 април, жртва на епидемијата која го пустошела градот. На 12 мај, по смртта на Иго Опатот во Орлеан парижаните ги загубиле сите надежи за засилување. На 28 мај, грофот Одо тајно го напуштил градот за да оди да побара помош од императорот. Во тек на неговото отсуство, Ебл, опат на Сен-Дени ефикасно го бранел и снабдувал градот. Враќањето на Одо било со тешкотии бидејќи тој морал да се пробива низ борбените линии на опсадата [13]

Доаѓањето на императорот[уреди]

На 30 јули 886, императорот Карло Дебелиот, на враќање од Италија, е во Мец каде решава да тргне против Викинзите во Париз; тој споро напредува, поради дождовите и поплавите. На 16 август стигнал во Атињи, на 22 во Серве близу Лан ; кога стигнал во Киерзи, го испратил грофот Анри од Франконија кој го испратил во Париз но пред градот тој е убиен на 28 август; подоцна, пред доаѓањето на империските трупи, Норсеманите пробале уште една офанзива на градот која била одбиена. Поголемиот дел на франските трупи пристигнал во Париз во месец септември. Императорот не се осмелил да се соочи со Викинзите па со нив преговарал нудејќи им да им плати 700 ливри сребро како цена за нивното дефинитивно повлекување. Тој им дозволил да одат да ја опљачкаат Бургундија бидејќи овој регион дигнал бунт против него. На 6 или 7 ноември, Карло Дебелиот си заминал од Париз и отишол во Соасон да подели бенефиции. Викинзите се повлекувале од Париз влечејќи ги своите бродови по копно сé до Марна. Парижаните не им дале премин бидејќи тоа не било предвидено во договорот со императорот. Во мај 887 Викинзите се вратиле по наградата предвидена во договорот. Парижаните им дозволиле премин под услов да не тргнат по Марна но овие сепак тргнале по реката сé до Шеси, близу до Лањи, каде презимиле; кога парижаните дознале дека Викинзите го прекршиле договорот и дека убиле дваесет христијани, парижаните ги убиле сите Нормани кои се наоѓале во градот освен оние кои биле заштитени од владиката Аншерик.

Последици[уреди]

Репутацијата на Карло Дебелиот сериозно била нарушена после неговиот став во однос на Викинзите. Во декември 887, болен, бил симнат од страна на великодостојниците и заменет со Арнулф Коринтски, избран за крал на Источна Франкија. Тоа е крај на каролиншката империја. Одо, благодарение на отпорот во текот на опсадата бил избран за крал на Западна Франкија во 888, наместо каролиншкиот крал Карло Простиот, кој пак го наследил по неговата смрт во 898.

Париз, кој не бил толку значаен град за време на Каролинзите, ја потврдил својата стратешка положба во центарот на Западна Франкија.

Данските напади на Западна Франкија не биле веќе толку зачестени после поразот при опсадата. Поразени близу до Шартр во 911, Норманите (односно, Норманди) заедно со нивниот водач Ролон во долната долина на Сена, што потоа станува Грофовија на Нормандија. Преобратени во христијани, тие станале поданици на Франките.

Примарни извори[уреди]

  • Опсадата на Париз од страна на Нормандите, 885-892, од монахот Абон (Le Siège de Paris par les Normands, 885-892, du moine Abbon, Paris, Paléo Éditions, Collection Sources de l'histoire de France, 2002).
    • Монахот Абон од Сен-Жермен-де-Пре, во оваа поема во стихови кажува за оваа опсада на париз од страна на Викинзите, која подоцна му овозможила на грофот Одо да ја бара круната на Западна Франкија. Абон бил мошне млад кога присуствувал на овој конфликт. Тој раскажува што видел и што парижаните чувствувале во тек на опсадата. Абон го завршил своето дело 11 години после опсадата, или, во 897.
  • Аналите на опатијата Сен-Вааст или ’’Annales Vedastini’’.

Надворешни врски[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Édouard Favré Eudes, comte de Paris et roi de France, (882-898)d'après les textes écrits par le moine Abbon de Saint-Germain-des-Prés, É. Bouillon, 1893
  2. Frédérick Gersal Des duchés au royaume Fernand Lanore, 1987 ISBN|2851570293|9782851570291
  3. Lot, Ferdinand (1948). „Naissance de la France“. Paris: Librairie Arthème Fayard. 
  4. Élisabeth Lalou, Bruno Lepeuple, Jean-Louis Roch, Des châteaux et des sources: archéologie et histoire dans la Normandie..., publication Univ. Rouen Havre, 2008, p.151
  5. "Lot"
  6. name="Favré"
  7. name="Lot"
  8. Денес Pont au Change
  9. name="Favré"
  10. name="Lot"
  11. name="Favré"
  12. name="Favré’’
  13. name="Favré"

Понатамошни четива[уреди]

  • MacLean, Simon (2003). „Kingship and Politics in the Late Ninth Century: Charles the Fat and the end of the Carolingian Empire“. Cambridge: Cambridge University Press. ISBN 0521819458. 
  • Davis, Paul K. (2001). „Besieged: 100 Great Sieges from Jericho to Sarajevo“. New York: Oxford University Press. ISBN 0195219309.